„Посетата на Заев на Брисел не смени ништо“ | Северна Македонија | DW | 05.06.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

„Посетата на Заев на Брисел не смени ништо“

Црвено светло за Албанија и Северна Македонија во ЕУ. Австрискиот весник Пресе повикувајќи се на дипломатски извори тврди дека земјите-членки нема да дозволат отворање преговори со двете земји во јуни.

„Повеќе земји-членки на ЕУ го одбиваат почетокот на преговорите со Албанија и Северна Македонија“, пишува денеска австрискиот весник Пресе.

„Тоа, на денешната (05.06.2019) средба со комесарот за проширување Јоханес Хан во Брисел уште еднаш ќе го повторат амбасадорите на членките на ЕУ. Со оглед на тоа што за почетокот на преговорите мора да се согласат сите 28 членки на ЕУ, исклучено е дека пред летото двете западнобалкански земји ќе го направат следниот чекор кон ЕУ“.

Според Пресе, ни вчерашната посета на Брисел на македонскиот премиер Зоран Заев не смени ништо во тој однос.

„Во прв ред, Франција и Холандија силно се противат на почеток на преговорите со двете земји.

'И кога бев министерка, го блокирав проширувањето на ЕУ со Албанија и Северна Македонија. Ние сме против тоа, и ќе останеме против тоа. Тие се географски во Европа, и мора да им се помогне, но Не за проширување', изјави Натали Лојзо, носителката на листата на партијата на францускиот претседател Франсоа Макрон на европските избори, на 22 мај во интервју за француското радио РТЛ. Лојзо досега беше министерка за Европа, а во иднина ќе биде пратеничка во ЕУ-парламентот.“

Отпорот на Холандија е еден чекор понапред од оној на Франција, додава Пресе.

„Холандија бара и прекин на безвизниот режим за албанските граѓани. Во понеделникот Европската комисија потврди дека од Хаг стигнало такво писмо.“

„(...) И во Данска и Германија нема согласност за почеток на преговорите со двете земји.

(...) Во Германија, освен скепсата во однос на реформските напори на двете влади, постојат и процедурални причини зошто не е можна согласност пред летото. Имено, Владата смее дури по одобрение од парламентот да се согласи на преговори за членство со трета земја. Пред почетокот на летната пауза, Бундестагот заседава уште само оваа и последната недела од јуни. Оттука пратениците немаат време да ги простудираат и да дебатираат за извештаите за напредокот на Европската Комисија. Во Извештаите, ЕК препорача отворање на преговорите. Најрано на крајот на септември Бундестагот ќе се изјасни за оваа тема, изјави заменикот-координатор на пратеничката група на ЦДУ, Јохан Вадефул во четвртокот.

Весникот уште потсетува и на минатонеделната изјавата на шефицата на ЕУ дипломатијата Федерика Могерини, која рече дека поради решавањето на спорот за името со Грција, ЕУ сега има обврска да започне преговори со Северна Македонија.

Но, според Пресе, овој аргумент е спорен. Весникот пренесува изјава на неименуван европски дипломат кој негира дека такво нешто било ветено.

„Тоа никогаш не беше услов за проширување, туку за влез во НАТО,“ вели европскиот дипломат. Тој се сомнева и во желбата за реформи кај земјите-кандидати. „Погледнете ги протестите во Албанија и како реагира владата: Може ли таму да се препознае некаков напор? Да потсетам дека Комисијата уште пред две, три години предупреди дека државата може да потпадне под контрола на организираниот криминал.“ 

Претседателот на Европската комисија, Жан-Клод Јункер, вчера ѝ даде поддршка на Северна Македонија за почеток на преговорите за членство во ЕУ. Како што пренесува германската агенција ДПА, Јункер по средбата со македонскиот премиер Зоран Заев ги отфрли сомнежите во некои земји членки, и најави дека ќе се залага за отворање на преговорите во јуни. 
„Врз основа на објективна оценка на фактите, Северна Македонија е подготвена за следниот чекор. Северна Македонија го исполни она што се бараше од неа, и сега е ред на ЕУ да го стори истото,“ рече Јункер. 

 

DW.COM

Поврзана содржина