Попис 2021: Спласнува интересот кај дијаспората, досега попишани 50 илјади лица | Северна Македонија | DW | 12.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Попис 2021: Спласнува интересот кај дијаспората, досега попишани 50 илјади лица

Ако на почетокот дневно се самопопишувале по 8000 лица, сега бројката е намалена на 2.500 граѓани кои живеат во странство

Околу 50 илјади лица од дијаспората досега се самопопишале преку апликацијата на Државниот завод за статистика (ДЗС) на С. Македонија. Првиот човек на Заводот за статистика, Апостол Симовски за ДВ вели дека последниот период започнал да опаѓа интересот за попишување кај дијаспората, поради што ќе започнат кампања за мотивирање на иселениците да ја искористат можноста и на веб-апликацијата census.stat.gov.mk да ги внесат потребните податоци неоходни за пролетниот попис. Ако на почетокот можноста да се самопопишат ја искористувале по 7.000 до 8.000 граѓани дневно, сега брјката е падната на 2.500 граѓани. Симовски очекува интересот повторно да порасне во текот на април, кога ќе започне пописот и на резидентното население во Северна Македонија. 

-повеќе на темата: Пописот започна со затворениците и дијаспората

Податоците добиени преку оваа апликација за самопопишување ќе се споредат со податоците од претпописната база на податоци, односно бројот на самопопишани лица преку апликацијата за самопопишување не значи по автоматизам број на резидентно население на земјава. Со пријавувањето на апликацијата, корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, електронска адреса, која се верификува со праќање е-пошта за верификација и телефонски број на корисникот. При регистрација на корисникот и при секој внес на податоците од страна на корисникот, во апликацијата автоматски се запишува од која ИП-адреса се внесени податоците. До апликацијата за попишување наменета за дијаспората може да се пристапи само со ИП-адреса од странство, а секое нарушување на процесот на прибирање на податоци е казниво со Законот за попис.

Nord-Mazedonien Skopje | Volkszählung in Nord-Mazedonien - Obdachlose

Првата фаза од пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март

Првата фаза од пописот на населението, домаќинствата и становите почнa на 1 март со попишување на вработените во дипломатско-конзуларните претставништва и нивните семејства, на дијаспората, припадниците на Армијата во странство, затворениците и бездомниците. По одреден застој, кој настанал поради технички проблеми, надлежните најавуваат дека оваа операција ќе заврши во наредните неколку дена.  

Дилеми

Од 1 април до 21 април, кога треба да се спроведе пописот, над 5.000 попишувачи и околу 500 контролори ќе ги посетат домовите на сите граѓани во Северна Македонија. Во домовите ќе дојде еден попишувач, освен во средините каде има повеќе етнички заедници. Пописот ќе се спроведува на 7 јазици. Попишувачите со себе ќе носат лап топ, а граѓаните ќе треба да одговорат на околу 60-тина прашања. Внесените податоци веднаш ќе одат во базата на Државниот завод за статистика и ќе се вкрстуваат со другите бази меѓу кои и МВР, Катастар, Агенцијата за вработување, УЈП... Прашалниците со лажни податоци автоматски ќе се одбиваат и ќе одат на дополнителна проверка. Ова е предвидено со Методологијата за пописот.

-повеќе на темата: Мицкоски со писмо до амбасадорите: попис во септември, локални избори во ноември

Но, порастот за заболени од Ковид-19 и новите рестриктивни мерки коишто се воведуваат, како што е актуелниот полициски час во земјата, поттикнаа бројни реакции и барања за одложување на пописот, па и повици за бојкот и најави дека попишувачите ќе бидат пречекани со затворени врати. Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски испрати и писмо до амбасадорите кои го преставуваат меѓународниот фактор во земјата, во кое предлага пописот да се одложи за во септември. Мицкоски не се сомнева во потребата од кредибилен попис, но според него, во овој момент не е време за негово одржување. Тој во писмото наведува дека борбата против тешката епидемиолошка ситуација, во недостиг од вакцини, комбинирано со теренски попис, ќе го стави во сериозен ризик јавното здравје.
Но, директорот на Државниот завод за статистика е дециден дека бојкотот може само да им направи штета на сите. Според него, инстуцијата денононоќно работи со цел успешно спроведување на пописот. Одложување нема. 
„Сите мерки предвидени со Протоколот донесен од страна на Комисијата за заразни болести и Владата се почитуваат и со нив се гарантира безбедноста на сите учесници во пописот, велат од ДЗС.

Mazedonien Skopje Passanten

Со цел обезбедување поголема безбедност на попишувачите кои ќе го спроведат пописот на населението, надлежните подготвија и соодветни здравствените протоколи

Со цел обезбедување поголема безбедност на попишувачите кои ќе го спроведат пописот на населението, надлежните подготвија и соодветни здравствените протоколи. Министерот за здравство, Венко Филипче деновиве изјави дека се подготвени и за правање тестови, и оти има капацитети да се направат и да се промени протоколот доколку има потреба. Сепак, тој смета дека и сегашниот протокол е доволен за заштита од Ковид-19.

За електронско попишување ќе почекаме

Самопопишувањето на дијаспората преку веб-апликација, коешто е во тек, ја наметна дилемата зошто сличен метод не се примени и во земјата, со што ќе се избегне директен контакт на попишувачите и граѓаните, во екот на пандемијата. Едни го поддржуваат, други го критикуваат електронското попишување, но Симовски вели дека странските искуства, на многу поразвиени земји, покажале дека без теренскиот попис не може да се дојде до вистински резултат. 
„Многу земји пробаа да спроведат електронски попис, но успеаја да соберат податоци  само за 40 проценти од населението. Има некои земји коишто тврдат дека успеале да соберат и до 70 или 80 проценти, но таквите информации треба да се земат со резерва. Поради големиот број на рурални средини, постаро население кое нема информатичко предзнаење, како и поради фактот одредена група на граѓани нема пристап до интернет, сметаме дека теренскиот попис ќе ги даде најверодостојните податоци“, вели Симовски. 

-повеќе на темата: Симовски за пописот во НЦЦ: Одамна сме под два милиони

Тој признава дека електронскиот попис е поедноставен, за него не се потребни ниту големи финансиски издатоци, ниту ангажирање на кадри - тој ќе ги олеснеше многу работите и немаше да чини многу. Според Симовски, изминатиот период биле разгледани сите можности, но заклучено е дека додека не се создадат предуслови, како што е воспоставувањето на адресен регистар (за кој ќе бидат потребни уште 5-6 години за да се имплементира), да се применува комбинираниот пристап за попис. „Да ги имавме сите предуслови ќе имавме попис без пари“, додава тој. 
Симовски тврди дека 11 земји членки на ЕУ ќе го применуваат токму истиот модел за спроведување на попис.