1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Симовски: Високи казни за злоупотреби на пописот

ДТЗ
2 март 2021

До изутринава 11.149 лица се самопопишале на веб-апликацијата, за којашто програмери на социјалните мрежи тврдеа дека може лесно да се пробие.

https://p.dw.com/p/3q5qx
Nordmazedonien Apostol Simovski Direktor des Staatlichen Statistischen Amtes
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

„Дежурни сме 24 часа. Ако се појават какви и да било проблеми со пописот веднаш реагираме“, уверува директорот на Државниот завод за статистика, Апостол Симовски. Еден ден откако започна правата фаза од попишувањето на затворениците, бездомниците, дијаспората, вработените во дипломатските и конзуларните претставништва во странство, како и на граѓаните кои се повеќе од една година надвор од земјата, се појавија и првите сопки. Дијаспората се жали дека има проблеми со регистрацијата, програмери пак сигнализираа дека системот, наводно, може да се пробие со прикриена IP адреса. Првиот човек на Заводот за статистика е дециден: никој не може да го измами системот за самопопишување. Секој податок за кој ќе се утврди дека е лажен, нема да биде земен предвид при обработката и ќе претставува кршење на правилата на пописот. За прекршителите следат и казни затвор од најмалку три години. 

Пробиен систем

До изутринава во 10 часот 11.149 лица се самопопишале на веб-апликацијата, којашто е достапна од вчера, информира Симовски. Покрај пополнувањето на податоците на интернет, пописот се спроведува и на терен во земјата. Во наредниве две недели се попишуваат затворениците и притворените лица, а од утре започнува и пописот на бездомниците во С. Македонија. Симовски уверува дека институциите будно го следат целиот процес. Доколку се појави некој проблем веднаш се интервенира, па така надминат е проблемот со нефункционирањето на апликацијата, која вчера претпладне беше недостапна, а се појавиле проблеми и со логирањето на дијаспората, коишто се пожалиле дека не можат да го внесат својот матичен број. Надлежните велат дека проблем настанал само со одредени матични броеви коишто започнувале на „0“, но дека овој пропуст веднаш е надминат. Сега вниманието е насочено кон лица коишто, наводно, тврдат дека го пробиле системот. 

-повеќе на темата: Пописот започна со затворениците и дијаспората

„Во врска со внесувањето на податоци преку VPN, односно прикриена IP адреса, самото користење на таква алатка за внес на податоци во пописот се смета за спротивно на Законот и  Методологијата за подготовка, организирање и спроведување на пописот, и може да подлежи на санкции. Тоа претставува лажно претставување и лажно давање податоци. Податоците можат и да се внесат, ама системот ќе ги отфрли. Тие воопшто нема да влезат во базата на податоци“, дециден е Симовски. 

Ваквата реакција следи откако програмерка на Фејсбук група за програмери, посочи дека дека секој кој ќе инсталира „VPN“, може да се попише како да е во странство.

„Јас живеам во Македонија и успеав да се самопопишам користејќи VPN. Интернет страницата не дозволува да се регистрирате доколку имате македонска IP адреса, но штом инсталирав VPN веќе немаше ограничувања. Самопопишувањето не е само за дијаспората, туку и за секој граѓанин кој во периодот нема да биде во Македонија, и така јас одбрав да сум кај нашиот северен сосед. Го оставив мојот македонски број и без никаков проблем бев регистрирана и го пополнив прашалникот “, посочува програмерката. Друг програмер смета дека не се работи за грешка на апликацијата, туку за „лажирање“ на локацијата.

-повеќе на темата: Ќе покаже ли пописот колку луѓе се иселени од Македонија

„Не постои начин да се ограничи пристапот преку VPN. И нема ништо страшно ако 20, 100 или 500 луѓе немаат попаметна работа и внесат грешни податоци. Статистички се премногу мали и неважни за исходот на целокупната операција и нивните податоци ќе служат единствено како статистичка грешка. По прибирањето на податоците тие се обработуваат, а тоа меѓу другото подразбира и нивна проверка и вкрстување со податоците добиени физички и со податоците во останатите бази на податоци“, објаснува програмерот.

Вкрстена проверка на податоците

Тоа до потврдуваат и од Државниот завод за статистика. Оттаму велат дека со самиот внес на податоците на таков начин, не значи дека тие автоматски влегуваат во резултатите од пописот. Напротив, сите податоци внесени преку апликацијата подлежат на проверка и споредување  со претпописната база на податоци, со податоците што ќе се приберат со попишувањето на терен на целата територија, а сè со цел утврдување на вистинитоста на податоците. 

-повеќе на темата: Еден попис - триста дилеми

Надлежните тврдат дека до апликацијата може да се пристапи само со IP адреса од странство. Пристапот од Р.С. Македонија е оневозможен, токму поради тоа што апликацијата е наменета само за иселениците.

Злоупотреба и казна

За евентуални злоупотреби се предвидени и казни. Согласно член 49 од Законот за попис на населението „тој што ќе уништи, прикрие, оштети, преправи или на друг начин ќе стори да бидат неупотребливи внесените податоци на пописната апликација, ќе се казни со казна затвор од најмалку три години“.

Надлежните институции објавија неколку линкови за пристап до апликацијата. Откако ќе се пријави корисникот се регистрира и остава свој ЕМБГ, имејл адреса, која се верификува со праќање на имејл за верификација и телефонски број на корисникот.  „Собраните податоци преку апликацијата за самопопишување ќе се споредат со податоците од претпописната база на податоци. Бројот на самопопишани лица преку апликацијата за самопопишување не значи по автоматизам број на резидентно население на  Р.С. Македонија. При внесот на адресата, освен улица, не е задолжително полето број и стан, бидејќи во некои населени места - села не постои улица, број и стан“, соопштија од Државниот завод за статистика.