Помош, наместо лекции за Макрон | Свет | DW | 15.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Помош, наместо лекции за Макрон

Новиот француски претседател кој вчера ја презеде должноста, денеска во првата службена посета доаѓа во Берлин. Германија треба да го поддржи, смета пратеничката во Бундестагот, Франциска Брантнер од Зелените.

Кратко по изборот на функцијата и официјалното стапување на неа, а до новиот домаќин на Елисејската палата веќе стигнуваа совети од другата страна на Рајна: да нема заедничка гаранција за долговите, да не води политика на нови буџетски задолжувања, дека нема да има посебни услови за Франција. Вака или слично гласеа советите кои на Емануел Макрон му ги упатуваа политичарите од ЦДУ и ФДП.

Можно ли е тоа? Само што целата земја здивна со олеснување откако 39-годишниот основач на движењето „Напред“ со единствениот проевропски курс ја спречи Марин Ле Пен и со тоа практично пропаста на ЕУ, а веќе се приговара, се покажуваат жолти картони и се повлекуваат црвени линии. А токму Германија, заедно со Франција, мора да развие нови идеи за реформа на ЕУ. Наместо предупредувања, прво би требало да се чуе кои се вистинските намери на Макрон. Тоа го налага здравиот разум и - почитувањето.

Доволно притисоци и од лево и од десно

Драги мои сонародници,дајте му барем 100 дена, кои ги добива секој по стапувањето на нова должност. Или сакаме Макрон уште на почетокот да доживее бродолом, да биде скршен од притисокот на десничарите и популистите како Марин Ле Пен или на левичарите, како Жан-Лук Меланшон? Не, тоа не може да биде во европски интерес, а со тоа ни во германски.

Одговорните во Берлин и во Брисел сега мораат да ги разгледаат реформските идеи на Макрон со позитивен пристап или барем со отвореност. И, потребно е со Париз да се остане на рамна нога. Ангела Меркел сепак најави дека заеднички со Франција ќе развива иницијативи околу теми како што се инвестициите и јакнењето на еврозоната.

EU-Abgeordnete Franziska Brantner (Europäisches Parlament)

Франциска Брантнер

Емануел Макрон изнесе предлози како ЕУ би можела да изгледа подемократска, посолидарна, поодржлива, како и за излез од кризата на еврото. И во Германија многумина сакаат подобра и посолидарна Европа. Тоа се добри претпоставки за ревитализација на германско-францускиот мотор, кој веќе со години не работи најдобро.

Механизмите за спас на еврото се создадени надвор од постојните Европски договори. Затоа, ним им недостига како демократски легитимитет, така и ефикасна парламентарна контрола. Да создадеме тогаш сојуз на парламенти! Европскиот механизам за стабилност, ЕСМ, мора на крајот на краиштата да биде претворен во Европски монетарен фонд, кој ќе биде под демократски надзор од Европскиот парламент. Тоа е јасен сигнал и кон сите кои не го воведоа еврото: јакнењето на еврозоната не е насочено против вас!

За заеднички буџет на еврозоната

Макрон се залага за идејата за заеднички буџет на еврозоната. Таа идеја има смисол! Таквиот буџет би требало да овозможи инвестиции за заеднички иновации и покрај тоа да ги поддржи земјите кои ќе паднат во криза.

Поводот е тука! Брегзит ги разбуди бројните Европејци. Во Австрија, потврдениот Европеец Александер Ван дер Белен стана претседател, во Холандија - Зелените со својот проевропски курс остварија рекорден резултат на парламентарните избори. Секоја недела илјадници граѓани ги поддржуваат демонстрациите под мотото „Пулсот на Европа“.

Во Европа е можен напредок само со заеднички сили. Едностраното дејствување води во слепа улица, на национализмот кој е во замав мораме одлучно да му се спротиставиме. Би требало да тргнеме заеднички со нашите француски пријатели: кон Европа која може да одговори на меѓународните предизвици.

 

 

DW.COM

Реклама