Повелете на ЕУ-масата, му порачуваат 12 земји-членки на Западниот Балкан | Свет | DW | 05.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Повелете на ЕУ-масата, му порачуваат 12 земји-членки на Западниот Балкан

Во очекување на објавувањето на Стратегијата за Западниот Балкан на Европската Комисија, 12 земји-членки на ЕУ бараат од Брисел уште сега да им ги отвори портите на шесте држави од регионот.

Во пресрет на објавувањето на Стратегијата на Европската комисија за Западниот Балкан, 12 земји-членки на ЕУ бараат од Брисел да ги засили врските со шесте држави од регионот и пред нивното зачленување, пренесува агенцијата Ројтерс, повикувајќи се на увид во поднесениот документ.
Австрија, Чешка, Естонија, Унгарија, Ирска, Италија, Литванија, Латвија, Малта, Полска, Словенија и Словачка бараат од Европската Комисија да се направи дополнителен исчекор, кој меѓу другото ќе предвидува и одржување на ЕУ самит со земјите од Западниот Балкан секоја година.

Во предлогот од 12 точки поднесен до Европската Комисија кон крајот на јануари годинава, ЕУ-членките бараат да им се дозволи на владите на земјите од Западниот Балкан да учествуваат на состаноците на ЕУ од областите на животната средина, здравството, транспортот и надворешната политика.
Тоа би било чекор понатаму од ад-хок средбите и министерските појадоци кои ЕУ засега им ги нуди на партнерите кои не се членови.

„Ова се бесплатни мерки кои ќе имаат извонредно политичко влијание и ќе бидат инструментални во подобрување на имиџот на ЕУ во регионот“, се наведува во документот, во кој исто така се повикуваат претставниците на владата на ЕУ почесто да го посетуваат Балканот.
Меѓу другото, групата земји бара и укинување на роамингот за земјите од Западниот Балкан кои опфаќаат 18 милиони луѓе.

Бугарија, која е актуелен претседавач со ЕУ, веќе го закажа првиот самит ЕУ-Западен Балкан за мај годинава во Софија. Дополнително, и покрај одлуката да ја напушти ЕУ, Велика Британија и натаму ги поддржува аспирациите на шесте држави да ѝ се приклучат на ЕУ и ќе го организира самитот кој е дел од Берлинскиот процес во јули годинава во Лондон.

 

DW.COM

Реклама