Пендаровски – прво државник, потоа политичар | Северна Македонија | DW | 08.11.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Пендаровски – прво државник, потоа политичар

Претседателот ќе биде прв македонски претставник кој ќе одржи средба со Макрон по недобивањето датум. За потсетување Заев пред Самитот 4 месеци бараше средба со францускиот претседател, без барањето да му биде задоволено

Постојат историски фази во премрежијата на секоја земја кога една авторитетна  институционална фигура полека станува репер и пример за сите. Според норма, но ретко и според суштина, во најкомплицираните политички фази, референтната фигура за огромен број на граѓани, без оглед на нивната политичка, културна или етничка припадност, би требало да е претседателот на државата.

Се разбира, тоа ретко е случајот во нашето општество и политика, иако сме имале и убави примери. Многу од тој ефект зависи од карактерот, профилот, квалитетите и политичкиот контекст со кои општеството и граѓаните мора да се измерат. Од тој аспект, иако после само 6 месеци е прерано за дефинитивни заклучоци оптеретени со одреден заокружен политички и историски суд, можеме и мораме да заклучиме дека претседателот Пендаровски полека се претвора во политичка и институционална фигура која е верна кон нашиот Устав, политички делува независно, и позитивно се наметнува како морален и институционален авторитет.

Непарцијалноста која во овој комплициран и турбулентен период ја демонстрира Пендаровски како да не произлегува од некој строг протокол или наметната официјална и службена поза, туку делува како стекната политичка мудрост, после предолги години на слаб и деструктивен претседател, завојувани партии, поделено општество и многу, многу голема и напластена разочараност кај граѓаните.

Стабилизатор и смирувач на тензиите

За почит е како во една нова фаза на политичко разочарување и партиски судири, во време кога се случија бројни криминално-коруптивни скандали, претседателот успева да ги адресира вистинските теми и прашања, на вистински и некомотен начин, а во исто време да делува како стабилизатор и смирувач на тензиите, во политиката и во општеството. Доколку продолжи вака трезвено и институционално ригорозно да ја спроведува својата функција, Македонија ќе добие голем државник, а дури потоа и голем политичар.

Интересна е кај Пендаровски таа инверзија во формацијата, или ако сакате огромната разлика помеѓу неговата политичко-партиска и институционална употребна вредност. Сите знаеме за одредени особини, предрасуди, па и вистини за личности од политиката, кои ја намалуваат нивната вредност или ги прават проблематични во многу аспекти. Актуелниот претседател не е борниран политичар, кога се обидувал во тоа поле делувал помалку и политикантски. Но, дајте му функција која е институционална или конкретна, и веднаш забележувате како квалитетот на неговата политичка, експертска или општествена функција, драматично се подобрува. Пендаровски е институционална машина, државен службеник за пример, конечно правилно и правично награден да биде претседател на државата. Би претставувал огромен напредок за нашата земја овој негов квалитет да се разбере малку подлабоко од најголем дел од политичките и државни функционери и да се угледаат на неговиот пример.

Stevo Pendarovski (Getty Images/AFP/J. Thys)

Пендаровски- долгодишно искуство, труд и професионална прогресија

Би било смешно воопшто да правиме споредби со Иванов, или пак да мислиме дека деценијата на слабиот и понизен кон ВМРО претседател, сега ни прави дисторзија за Пендаровски лажно да ни делува како многу подобар. Тоа е истата празна и промашена логика на апологетите на актуелната власт кога ќе кажат: денес е многу подобро! Подобро од времето на Груевски?! Па тоа и членови на ВМРО ќе ви го кажат. Така да, лесно е нешто да е подобро од Иванов или Груевски, ставете магаре или коњ, и би било подобро. Ние тука збориме за нешто или некој што е подобар во однос на објективните и високите квалитативни стандарди, очекувања и надежи кои една институција треба да ги инкаранира, а потоа и застапува.

Рекет беше огромен тест и за Пандаровски

Како што реков, што поради нашиот константно турбулентен и најчесто разочарувачки политички амбиент, што заради алчноста и криминалите и на оваа влада, Пендаровски немаше многу време за губење во церимонијални протоколи и службени баналности. Мораше веднаш да покаже каков претседател планира да биде. И на серија теми и прашања, секогаш дотаму до каде му дозволуваат ингеренциите, демонстрираше голема политичка и институционална зрелост, како и морална вертикала.

На домашен план случајот Рекет беше огромен тест и за Пандаровски. И претседалот излезе пред нацијата и граѓаните и одржа еден од најпринципилените и најобјективните говори. Неговиот став беше ригорозен и издржан, строг но правичен, стручен и поучен, како треба институцијата претседател да се постави пред криминално-коруптивните афери во кои се инволвирани политички фигури или партии, без оглед на политичката или идеолошка блискост со таквиот субјект.

Пендаровски тука излезе во одбрана на државниот интерес, интересот на граѓаните и нашите надворешно-политички интереси. Ќе ве потсетам на оваа брилијатна институционална и морална ригорозност.

Претседателот побара од надлежните институции: „Ефективно, брзо и темелно завршување на истрагата почитувајќи го начелото на презумција на невиност",

„Доколку има докази да се поднесат обвиненија против сите инволвирани без разлика дали се носители на јавни функции или не",

„Освен кривично-правната одговорност, доколку има друга, било каква поврзаност со случајот, во смисла на давање на заштита на лицата под истрага, инсистирам и на политичка одговорност на политичарите, независно дали се од власта или од опозицијата. Во овој контекст е најдобро, сите оние чии имиња се споменати, независно дали со основ или намерно, само со цел да бидат дискредитирани, самоиницијативно да дадат изјави пред надлежниот обвинител со цел да покажат дека пред законот и пред јавноста сме сите исти“, ќе нагласи Пендаровски.

За жал многумина не го послушаа советот, па денес мора да носат голема политичка дамка пред нашите меѓународни партнери. Пендаровски остро и принципиелно го искажа и ставот околу Катица Јанева, мудро пресликувајќи го ресентиманот на целата нација: Разочаран сум од Катица Јанева!

За разлика од нашиот премиер кој од петни жили ја бранеше обвинителката и кога на сите им беше јасна нејзината инволвираност, или потоа вулгарно обвинуваше криминалци, педери и новинари дека му ја буткале власта, претседателот настапи трезвено и културно, и не заборави да потсети дека вакви скандали ги тресат темелите на важни државни институции. Институционален и државнички пристап на претседателот наспроти политичкиот кукавичлук и калкулантство на премиерот.

„Ми пречи Северна во името, но и понатаму остануваме Македонци"

Пендаровски одлично се постави пред серијата болни политички и идентитетски прашања поврзани со промената на името, на кои опозицијата дури и пречесто ја подгреваше јавноста. За разлика од владејачката партија, премиерот и други функционери кои претеруваа во употребата на Северна и онаму каде не треба и никогаш не се посветија малку подобро да се обратат кон граѓаните кои голтнаа горко апче, Пендаровски тоа го направи подобро и пореално.

„Дури го сменивме и нашето име по историскиот договор со Грција. Ниту една земја-кандидат го нема направено ова порано". Или пак: „Ми пречи Северна во името, но и понатаму остануваме Македонци". Ова е се мудри и објаснувачки изјави кои не ги третираат граѓаните како да се глупаци, туку како активни чинители. Ова се воедно изјави и ставови кои ја приближуваат или омекнуваат опозицијата во нивните употреби и злоупотреби на темата. И ако веќе наоѓаме компромиси со соседите, зарем уште ќе живееме во заблуда дека не мораме да градиме компромиси и дома.

Што се однесува до еден од поважните прерогативи кај претседателот, надворешната политика, Пендаровски покажува дека одлично ја владее темата, и дека како еден од ретките преставници на клучните институции разбира дека надворешната политика се гради пред се` дома, а се доработува надвор со нашите партнери. 

Nord-Mazedonien Amtseinführung des neuen Staatspräsidenten Stevo Pendarovski (Cabinet of the President of Republic of North Macedonia)

„Би било смешно воопшто да правиме споредби со Иванов“

Околу сите перипетии кои се случуваа со месеци околу датумот, психодрамата која Заев ја создаваше, потоа и депресијата која кулминираше со неодговрен повик за предвремени избори, Пендаровски за датумот одржуваше проактивен и позитивен пристап, никогаш патетичен или лажно позитивен. Дури и по неуспешниот за нас Самит, Пендаровски прецизно ја адресираше разочараноста. Наместо да се повика на виктимизам и претставување на Македонија како жртва, побара да се исправиме и да соочиме со неправдата. Побара сите партии да се обидат да изградат нов консензус околу нашите ЕУ интеграции. Објасни дека рефомите мора да продолжат, не заради ЕУ, туку заради нас самите. Дека криминалот и корупцијата мора да се искоренат, затоа што правната држава не е само услов за интеграциите, туку многу повеќе - нужност за опстојувањето на еден оддржлив правен поредок. Мудро го осуди насочувањето на незадоволството и вулгарностите кон Франција и Макрон, и дека не смееме без потреба да ја трошиме енергијата во креирањето на политички тензии. За жал и тука не беше послушан.

Конечно, ги покани партиите на  лидерска средба  под негов патронат, нешто што одамна се немаше случено, за тие потоа слепо и себично да изберат да одат на предвремени избори. Единствениот кикс, пошто не мислам дека станувало збор за намерен проспуст е што на лидерската заборави да го покани и претседателот на Собранието.

Соговорник од доверба за меѓународните партнери

Сите овие аспекти денеска кулминираат во фактот дека нашиот претседател ќе биде првиот македонски претставник кој ќе одржи  средба со Макрон  по недобивањето датум. Само за потсетување Заев пред Самитот 4 месеци бараше средба со францускиот претседател, без барањето да му биде задоволено. И сега читам смешни коментари како тоа е затоа што претседател се гледал со претседател, или затоа што Американците направиле притисок кај Макрон. Францускиот политички систем е полупретседателски, се` повеќе накај чист претседателски. Негов вистински соговорник не е Пендаровски, гледано по ингеренциите и државните прерогативи, туку премиерот Заев. Што се однесува до Американците, ако правеле притисоци, ги правеле пред одлуката за датумот, не потоа. И ако малку се информираат нашите генијалци од власта, ќе видат дека Макрон деновиве е во посета на Кина, најголемиот економски и политички противник на САД, каде потпишува серија на договори во вредност помеѓу 20 и 30 милијарди евра. Толку од американските притисоци врз единствената нуклеарна сила во Европа и единствениот ЕУ член на Советот на безбедност. Би било попаметно Македонија наместо со патетики и навреди, да го интензивира своето присуство и лобирање во Франција.

Други колумни од авторот: 

Еден циничен Макрон и пропуштен датум не се крај

Eвропа и Македонија се изгубија во датумот

Пропорционални по вокација

Притоа и самиот Пендаровски ќе мора да се судри со строгите ставови на Макрон, како и последната изјава дека НАТО е во клиничка смрт, што само го ослабнува нашиот аргумент дека стануваме најновата членка на Алијансата. Но, фактот и политичката порака која стои позади средбата на Пендаровски со Макрон е повеќе слоевита и допрва ќе се расплетува низ времето.

Франција преку Тимоние е добро информирана за криминалите на оваа власт и наводната вмешаност на Заев. Јавна тајна е дека секој загрозен бизнис во Македонија, не оди веднаш во обвинителство, туку прво оди во француската амбасада, како и во некои други европски амбасади, да ги достави доказите за криминал и корупција на оваа власт. Тоа, заедно со нашите слаби реформи кои власта се обидува да ги замаскира со козметика и потемкинови села, со апологети и политичка поддршка од други земји, не поминува кај земји како Франција, и очигледно е причина за премиерот Заев да биде информиран околу тоа, покрај со одбивањето за датумот, и со одбивањето за лична средба. Дипломатскиот јазик некогаш е појасен од тоа што мислиме.

Italien l Matarella empfängt nord-mazedonischen Präsidenten Stevo Pendarovski (Cabinet of the President of North Macedonia )

Средба на Пендаровски со италијанскиот претседател Матарела

Ми се допадна и  посетата на Пендаровски во Рим  и средбата со навистина сличниот на него Матарела. Сличен во уставните прерогативи, сличен во институционалната и морална доблест. Далеку покорисна средба од онаа на Заев со проблематичниот премиер Конте, кој веќе водеше една антиевропска, националистичка и ксенофобична влада. Резултатите од оваа посета набрзо ќе ги дознаеме.

Со други зборови, не случајно реков дека Пендаровски се наметнува прво како државник, а потоа како политичар. Ова негово добро водење на функцијата, способноста да биде мост и помирувач меѓу партиите, соговорник од доверба за меѓународните партнери, човек без дамка и афери околу себе, може во блиска иднина да го проектира во нов политички лидер за Македонија. Знаеме дека нема капацитети за лидерство на една партија, но со соработници како Спасов, „политичарот за идните 10 години“, би можел да води влада. Ова барем се некои од размислувањата на странскиот фактор кој се` почесто и се` поотворено ќе се дистанцира од Заев, и ја заборава идејата за Димитров. Ќе видиме, многу ќе зависи од претстојните избори.

За крај, во овој тежок, турбулентен, разочарувачки период, каде власта на Заев ги разочара сите ветувања за промени, добро е да се види дека Македонија добива нов, овој пат институционално сериозен државник.

Македонија повторно има претседател, човек во институција подобар и од човекот вон нејзе, човек кој на тој начин станува подобар од нас останатите. Наспроти некои од дибеците од власта и опозицијата, луѓето од народот, премиерот црпнат од нивата и сличните ужаси на нивните ПР тимови, имаме човек кој ја следи правилната политичка формација. Долгодишно искуство, труд и професионална прогресија, наспроти готовите личности или демек чистите независни.

Се разбира, се додека луѓето сакаат да гласаат за некој како нив, некој што збори и делува како нив, ќе имаме Груевци и Заевци, и ќе бидеме за никаде. Револуционерната идеја е да почнеме да гласаме за подобрите и најдобрите од нас, оние што знаат повеќе, оние што се поспособни. Тогаш работите ќе се променат радикално.

 

 

DW.COM

Реклама