1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Eвропа и Македонија се изгубија во датумот

25 октомври 2019

Датум за преговори не добивме, но експресно и консензуално добивме датум за нови предвремени избори. Историјата од Букурешт се повторува - тогаш излезе трагедија, овојпат видлива е политичката фарса.

https://p.dw.com/p/3RutI
Ivor Mickovski
Фотографија: Privat

Уште некоја недела македонската политика и пред сѐ владата ќе живеат во заблудата дека сме исполниле сѐ за добивање на датумот и ќе ламентираат дека сме жртви на слепоста на француските интереси. Во минатата колумна објаснив кои се француските интереси и дека ќе беше попаметно брзо да се адаптираме на новата реалност, да се зафатиме со реформскиот процес и да не ја правиме грешката да одиме на предвремени избори. Но, тоа е веќе изгубена можност за нашата провинциска политика.

Сега е прејасно дека Заев имал план Б, ама не за државата, туку за својата судбина. Психодрамата околу датумот не била случајна, туку намерно, ад арте креирана, за што поголем фокус да се стави на одлуката на ЕУ, а што помала вина да се бара во недоследностите на нашите власти.

Очигледно од власта биле и посвесни за малите шанси Франција да попушти, во спротивно зошто Заев би инсистирал 4 месеци за средба со Макрон, без притоа да дојде до тоа.

Што пак кажува дека Заев не бил лажен, можеби бил од евробирократите, но не и од амбасадорот на Франција, кој во повеќе наврати испраќаше предупредувачки пораки и до јавноста. Што значи дека Заев ја лажел јавноста, како што ја лажеше од прв момент кога пред година дена најави сигурен датум за преговори. Како што лажеше дека нема да дозволи предвремени избори. Но, сѐ било глума.

Ова дополнително ми се потврдува од пресот на францускиот амбасадор кој уште еднаш ни испрати освестувачка порака дека е прашање дали Македонија е држава за пример во регионот.

„Во јавноста се создаваше впечаток дека Преспанскиот договор ќе биде доволен за почеток на преговорите, но Франција поставуваше и други услови кои биле игнорирани, ќе нагласи Тимоние. Тоа значи дека сѐ ова било пренесено до македонските власти и дека знаеле што нѐ чека од Париз.

Тимоние обвини дека во пресрет на самитот на ЕУ се правеле „маркетиншки трикови" за да се добие впечаток дека земјата ги исполнила сите задачи, и предупреди дека најавените избори во Македонија би можеле да ја откажат посетата на Макрон.

Најштетни избори за Македонија

И сега што прават, наместо да се нафатат со реформи, наместо да нагазат уште посилно и да се расчисти маглата околу идното проширување, Заев деклинира кон Груевски. Глуми налутеност и бес, кога цело време знаел што нѐ чека, а државата и институциите не ги подготвил за ваков исход. Сега игра на истата патетика како Груевски, на истата карта да ја искористи ситуацијата за партиски цели, без притоа да објасни кои се следните чекори, освен празните декларации за понатамошни евроатлантски интеграции.

Тезата на партијата и на неговите апологети – дајте му 61 пратеник да прави реформи, е смешна, кога за договори и закони за јазици, се наоѓаше потребно или 2/3 мнозинство, но не и за реформите.

Се наоѓаше мнозинство и за Законот за партии, каде се наградија со речиси 5 милиони евра на годишно ниво, но не се најде мнозинство за ниедна неопходна реформа.

Манипулацијата на Заев тргнува од далеку, како и неговата неодговорност да очекува датум само заради постигнатите договори, да продолжи со криминал и корупција, и да не направи ништо на реформски план. Ова е голема штета, ова е огромен кукавичлук, без разлика што и да кажат слугите на оваа власт. Ќе одиме на избори без попис, без прочистен изборен список, без една изборна и без отворени листи, без сите реформски ветувања за кои оваа власт зборуваше со години и така всушност и доби избори.

Ова се најштетните, најнеодговорните избори за Македонија, ова ќе биде непотребно изгубено време и ресурси, ова е срамотата на безидејната политика на Заев.

Заев е тело без коски, човек за кој сѐ поминува, кој е способен сѐ да каже и да излаже, а притоа цело време да се преставува како жртва или дека некој друг е виновен.

Останува несфатлива неодговорноста на власта и нејзините поддржувачи, кои како да не сакаат да се соочат со комплицираната политичка реалност во рамките на Унијата, и наместо да обвинуваат други за пропаганда и лажни вести, да се зафатат малку критички со новосоздадената ситуација.

Можеби како регион нѐ очекува трајна блокада во проширувањето, можеби притисокот од останатите членки на ЕУ ќе вродат со плод на некој нареден самит. Но, останува клучното - ние сме тие коишто треба да се адаптираме, односно, да вложиме дополнителни напори, било добиле наскоро датум или не, да работиме на реформите и на поглавјата како веќе да се отворени. Тоа е нужно за да демонстрираме истрајност и карактер дури и пред неправедните и политички блокади, за кога ќе дојде моментот за проширување, да бидеме подготвени веднаш да испорачаме тоа што од нас се бара. А од нас и понатаму се бара, па затоа и покрај огромната поддршка од Германија или Австрија, нивните амбасади и медиуми ни порачаа дека поддршката останува, но дека реформите мора да се интензивираат. Сите ја нотираат и ќе ја нотираат уште некое време себичната политичка одлука на Париз, но бидете сигурни дека таа фаза ќе помине, и затоа веќе се фокусираат на реалните критики околу состојбите со нашите нереализирани реформи, криминалот и корупцијата, како и ендемското отсуство на правна држава.

Македонија мора да внимава и на погрешните политички иницијативи, за да не биде монета за поткусурување во внатрешните борби меѓу членките на Унијата.

Политичката улога на Италија е слаба

Прочитав за италијанската иницијатива на премиерот Конте да ја отвори темата за преговори и во ноември месец, и дека нашиот премиер Заев сега бил помалку скептичен. Можеби е и подобро да остане таков. Не треба да се отфрла априори или ен блок ниедна иницијатива, на ниедна земја членка на ЕУ, но треба да се биде внимателен Македонија да не биде вовлечена во внатрешните борби за моќ на Унијата, и во обидите некои земји, на наш грб да излезат од својата безначајност, или нашиот проблем да го искористат како притисок за други нивни интереси.

И ќе го образложам ова детално преку анализа на италијанската актуелна позиција во ЕУ. Слабоста на домаќинот на Јужното крило на НАТО алијансата се виде веќе во однос на Ердоган и на Сирија. Турција го загрозува функционирањето на НАТО, па нормално е Европа да седне на маса со него. Со тие зборови Макрон ја најави средбата која тој, Меркел и Џонсон, ќе ја имаат со султанот во декември пред самитот на НАТО во Лондон. Италија не е поканета.

Пред почетокот на Европскиот совет, каде не добивме датум, се одржа еден мини самит. На средба за појадок, на разговори со Урсула фон дер Лајен на маса беше изнесен стратешкиот план за новата Комисија и се разговарало за трите неуспешни кандидатури за комесари од страна на Европскиот парламент. Присутни биле лидерите на Шпанија, Португалија, Франција, Германија, Холандија, Белгија, Хрватска и на Летонија. Италија и Конте, уште еднаш, не биле поканети.

Политичката улога на Рим секогаш била релативно слаба во смисла на лидерство во ЕУ, но денеска таа е слаба во смисла воопшто на партиципација на главната маса. Проблемот е јасен и очигледен. Повеќе од година дена Италија беше водена од популистичка и антиевропска владејачка коалиција, и поради тоа се наоѓаше во состојба на политички карантин. Исклучена од сите игри, исфрлена од секаков проект за иднината.

Таквата ситуација и излезот на Рим од актуелната изолација, не е прашање на неколку недели или месеци. А, Заев во Рим треба да е гостин веќе следната недела. Особено тој потфат за Рим ќе биде тежок, зашто лидер на извршната власт е истиот Конте кој ги водеше, или го водеа, популистите Ди Мајо и Салвини. Италија го има сѐ уште истиот министер за надворешни кој одеше во Франција и ги поддржуваше Жолтите елеци и зборуваше за францускиот колонијализам. Ова особено го нагласувам во ситуација кога Италија треба да го презентира својот буџет пред Брисел, и нема гаранции дека лесно ќе им помине.

Со други зборови, треба да се внимава од кого се добива помош и дали таа помош може само повеќе да ни наштети во односите со држава како Франција – очигледно новиот, дрзок лидер на ЕУ. Треба да се внимава да не бидеме вовлечени во играта и борбата на сила во ЕУ. Кога веќе сме поддржани силно од Берлин, верувам дека оттаму е најпаметно да се бара совет и следни чекори. Барем додека Меркел е на власт.

Други колумни од авторот:

Пропорционални по вокација

Зошто (не)сме политички Зелени и како да се инволвира младината

Нова доза на несигурност

Би сакал мал дел од колумната да посветам и на тоа што можеби нѐ очекува од овие штетни, емотивни, себични предвремени избори. Македонија во наредните шест месеци ќе биде политички блокирана, ќе изгуби драгоцено време, за на крај можеби да се доведеме до уште позамрсена и неизвесна ситуација. На кантарот што губиме, а што добиваме од едни предвремени избори, силно натежнува опасноста оваа влада самата да си направи штета на себе, но и на целата држава.

Со ваквата одлука на власта и со нејзиното барање за брзи избори само се потврди општата перцепција дека со секој нареден ден нивниот рејтинг неповратно се намалува. Од друга страна, позицијата на ВМРО-ДПМНЕ е таква да тие не можат да си дозволат да отфрлат предвремени избори, но тоа правило важи за секоја опозиција. Сега не можам да замислам каков проект или пресврт може да направи владејачката партија во три месеци со цел да ги врати изгубените или разочараните гласови кои ги доби од независните граѓани во 2016-та година. Да се надева дека тој квантум на гласови повторно ќе го добие, или дека ќе добие слична излезност е просто незамисливо. Голем дел од тие гласови се изгубени, што не значи дека ќе гласаат за ВМРО-ДПМНЕ, но секако нема да излезат. Останатиот дел од таа граѓанска енергија делумно влезе во клиентелистичкиот систем на СДСМ, но тоа не верувам дека ќе биде доволно. А добро знаеме сите, СДСМ е партијата која секогаш зависела и ќе зависи од независните гласачи. Единствена надеж на тоа поле мислам дека го гледаат во надоместување со нов прилив на албански гласови, но тоа останува да го видиме.

Можеби најпоразително по целиот демократски процес за нашите избори останува фактот што и овие избори ќе се остварат со непрочистен избирачки список, а знаеме како владејачките партии знаат тоа да го капитализираат.

Од друга страна, треба внимателно да се читаат пораките од коалицискиот партнер ДУИ. Изјавата на лидерот Ахмети дека коалиција со партијата на Зоран Заев нема да и биде од корист на ниту една од страните, е всушност големо понижување за Заев и СДСМ. Испаѓа дека најкриминалната партија на Балканот, заедно со Ѓукановиќ, си дозволува јавно да го навреди својот партнер од власта и нескриено да порача дека стравуваат за својот рејтинг поради СДСМ. Изјавата на Бектеши, пак, дека ВМРО-ДМНЕ треба да докаже дека е за ЕУ доколку сака коалиција со ДУИ, ми наликува на отворање на ДУИ кон секаков изборен резултат.

Што се однесува до ВМРО-ДПМНЕ треба да нѐ загрижува резултатот од првиот круг на претседателските избори и освоените речиси 320 илјади гласови. Тоа само кажува како тврдата база на ДПМНЕ не еродира и дека можат да се надеваат на добар резултат. Трагично е да се констатира дека едно вакво нереформирано ВМРО-ДПМНЕ, кое не плати за своите гревови, добива вака лесна шанса да се врати на политичката сцена. И дека одговорноста за таквата реалност лежи единствено во неостварените и разочараните ветувања и политики на Заев. 

Многу прашања остануваат неодговорени, но тоа што може да се насети и од што треба да стравуваме е дека наместо чист мандат за Заев, ќе завршиме со уште позаплеткана и ослабена политичка реалност по изборите. Тоа не мора нужно да е лошо, затоа што може да испровоцира утре и подолгорочна техничка влада или широка коалиција, но секако ќе воведе една нова доза на несигурност и непредвидливост во услови кога ни е неопходно сосема спротивното.