Падна и Власта | Северна Македонија | DW | 25.02.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Падна и Власта

Единствена достојна, асоцијативна алузија би била дека Мијалков се обидел да избега од истите оние од кои претходно бегаше и братучед му Никола Груевски, таму некаде во 2010 година. И не успеа да и избега. На судбината.

Македонија неделава беше силна држава, наведе Тричковски славејќи го беството на Мијалков како доказ за застрашувачката моќ на државата на Заев – Пендаровски.  Силина една која траеше нешто помалку од 40 часа. По што следеше невидено државното трескање од земја како лубеница фрлена од мост, прскање како меур од сапуница и жален за гледање анти-климакс на понижените, посрамени политички адолсеценти Заев, Спасовски и Маричиќ. Наредени пред камери како Багдад Бобевци додека зад нивен грб Мијалков се јавуваше на закажаното интервју „во живо од Македонија”. Тројцата наредени пред шампитата, кисело-весели како мисирки на кои им е подарен уште еден ден политички живот на глумење Влада без кворум.

Како што, впрочем, катадневно не потсетуваат од опозицијата, но по можност да не бидат прашувани и потсетени дека ни тие самите немаат кворум за составување влада. Всушност, никој во земјава во овој час не може да обезбеди доволно гласови за суверено владеење. Држењето за бројки како давеник за сламка е математика на очајот. Да се потсетиме, 1989 година не падна владата на Ерих Хонекер, туку се распадна државата, системот и Берлинскиоѕ ѕид. Година дена подоцна, не падна ни Владата на Анте Марковиќ додека се растураше федерацијата и крвареше системот. Во нашиот случај се повторуваат слични истории во кои номиналната влада номинално преживува додека околу неа – и поради неа - се руши системот и се одвива процесот на ресуверенизација. 

Вистинското прашање: од кого всушност бегал Сашо Мијалков?

Неделава, падна и Власта, симболички персонифицирана во Сашо Мијалков, сивиот кардинал на подземните политики и надземните криминали во Македонија. Очекувано, би рекле, по претходната тивка елиминација на Зоран Верушевски од јавниот дискурс и по сите фрапантни обиди на Заев, Пендаровски и Шеќеринска за негово лиферување во „искусен и школуван” конфидант на НАТО во Македонија. Со оглед на поведенијата на наведените во претходниот период, прашањата како избегал, каде избегал, со што избегал првиот екс-разузнавач се безначајни и ефемерни, звучни димни бомби за љубопитната јавност. Вистинското прашање: од кого всушност бегал Сашо Мијалков? Од неговиот пријател и партнер Зоран Заев? Од министерот за Тик-Ток полицајство Спасовски? Од силното правосудство? Од Јовевски ли бе!? Во било кој редослед или фукција, никој со барем малку пристојна сериозност не би дозволил да ги ислуша, камо ли им поверува, на службените верзии за збеснувањето на Заев како мотив за епизодата „Саша се врна дома”. Првата, и единствена достојна, асоцијативна алузија би била дека Мијалков се обидел да избега од истите оние од кои претходно бегаше и братучед му Никола Груевски, таму некаде во 2010 година, таму некаде се до Хрватска. И не успеа да и избега. На судбината. 

Nord-Mazedonien Saso Mijalkov

Од кого всушност бегал Сашо Мијалков?

Второто прашање е поврзано со тајмингот и контекстот во кој се случува бегството. И двата фактори се поврзани со клучните пресврти кај нас и во регионот во минатата година – нашето членство во НАТО, персоналната, политичка и извршна елиминација на старата гарда на Косово (блиско позната на Мијалков), случувањата во Црна Гора и Србија и генерално прекинот на регионалниот синџир на стабилократијата. Која, како што најавуваме претходно, резултира од излишноста на „силните мажи” во политиката и неопходноста да нивната битност биде отфрлена и заменета со институционалната компатибилност со западните системи на безбедност. Бегството, поточно елиминацијата, на Мијалков е во ист дух на расчистување со наслагите на крим-корупцијата во политиката која го спречува протокот на крв и ревитализација на системот. По ист терк како што се случува во Подгорица, Приштина, а во поинаква форма и во Белград.

Третото прашање е поврзано со ликовите од домашната политика кои во судбината на Мијалков може да насетат загроза од тековниот процес на прочистување. Во основа би можела да се сублимира во констатацијата – сите кои имале допирна точка со него, некој директна, други индиректна, трети прокси контактибилни. А такви ги има многу, токму согласно моќта и семоќта на Бате Саше во политиката, разузнавањето и криминалот во земјата во последните повеќе од деценија долго владеење со политичката сцена. Почнувајќи од Зоран Заев и неговото најблиско опкружување во владата и СДСМ, следен од него избраниот пулен Христијан Мицкоски и Александар Николовски, комплетната постава на ВМРО-реформска, групацијата на Артан Груби и обрачот околу Али Ахмети, министри и пратеници од Беса, инстант-инсталираните ривали на Зијадин Села во Алијансата и на Африм Гаши во Алтернатива, армија судии-обвинители, грст амбасадори, редица новинарски бардови, финансови шпекуланти итн.

Четвртиот аспект е поврзан со неопходноста од расчистување на наследени (вон)институционални кругови на моќта кои ги спречуваат или компромитираат односите во новата сојузничка реалност. Елиминацијата на Мијалков не е директно поврзана, но е сепак приклучен дел од пакетот мерки за градење меѓусебна доверба на мултилатерално и билатерално ниво во регионот. Дел од тој пакет се и усилбите за тивко ажурирање на односите Софија – Скопје согласно западно наметната и домашно прифатената доктрина досега демонстрирана во односите на Македонија со Грција, Косово, Албанија, Србија според формулата „присуство – да, влијание – не!”.

Суверенитет низ присилба

Популистички и сензационалистички најдосадна, но стратешки и судбински најбитна е петата димензија на случајот Саша и падот на Власта во Македонија како демонстрација на процесот на ресуверенизација на земјата. Политичката теорија и пракса познава пет видови на сувереност: номинално вистински, правен, политички, популарен, де факто - де јуре суверенитет. Но најблиската дефиниција на суверенитетот во нашиот случај е оној на суверенитет низ присилба (coercive sovereignty), t.e. суверенитет практициран преку употреба на воена или полициска сила. Навидум, таквата дефиниција звучи како пренапрегната, презголемена и навидум претерана констатација за една парламентарна република со цивилна контрола врз безбедноста и демократски избрана влада. Но доколку се осврнеме повнимателно кон влијанието на безбедносните, полициските, разузнавачки фактори (кај Македонците) и паравоените командатури (кај Албанците) сликата е далеку поинаква, посива и поблиска до дефиницијата за суверенитет низ присилба. Во таа дефиниција се крие и објаснувањето за деновиве хипер-популарната констатација на граѓаните (од сите етнички заедници) дека „Македонија не е држава и од Македонија не бива држава”, како и причините за сеопштиот егзодус, дисфунционалност на системот, апатија на демократијата и компромитација на државата.

Претходни колумни од авторот:

Приштина повторно Пиемонт

Владата е падната. Власта виси.

Меѓуетничките односи во пост-соживотот

Владеење на правото за владеење

Владата на Заев, како и претходната на Груевски, не можат да се сметаат за виновни за доминацијата на концептот на суверенитет низ присила. Кој е сепак наследен и датира од самите темели на созавањето на Народна Република Македонија и нејзиното конципирање како полициска држава стокмена согласно потребата за „држење коридор кон Грција (НАТО), Бугарија надвор и Албанија на нишан”. Пост-југословенските војни и потреси и потребата за искористување на постоечките ресурси за обезбедување каков-таков мир и стабилност подразбираа зачувување на суверенитетот низ присилба и во новиот демократски и парламентарен систем. Поедноставено, создавањето на системот беше однапред прифатено со свесно толерирање на длабоката генетска фалинка и дефект во нејзината срж и битие. Се до нашето зачленување во Алијансата, со што излитениот концепт станува излишен и се наметнува неопходноста за ставање крај на толерирањето на „нужното зло” поради повисоки цели. 

Отфрлањето на суверенитетот под присила е само дел од предизвикот пред кој ќе бидеме соочени и ние како држава во реизградба и нашите трансатлантски сојузници како чувари на нашиот територијален интегритет. Сојузниците од САД и ЕУ ќе мораат да најдат точка на согласност, не толку помеѓу видовите на сувереност, туку во стекнување предност околу родителството. Колку и да се убави за слушање протоколарните заложби на Вашингтон и Брисел за заедничко делување во полза на трансатлантската иднина на Македонија, и САД и ЕУ би сакале да имаат контролен пакт акции врз новата сувереност согласно нивните стратешки интереси и цели.

Желбата за добивање целосна контрола врз регионот во Европа од страна на ЕУ е политички геополитички легитимна, но стратешки необврзувачка се додека Унијата не се охрабри да своите зборови ги преточи во наше ефектуирано членство. Во односите со Вашингтон, Македонија има веќе вековна причина за сметање на САД како пријател во нужда и адвокат со огромно, ама огромно трпение за перпетуалниот arrested development на државата. Од нејзина страна, САД веќе одамна сметаат на нас како деташиран дел од безбедносниот аранжман во пошироката медитеранско-блискоисточна арена, како и составен дел од одбранбениот штит од источните влијанија. Што подразбира дека нашиот понатамошен надворешно-политички ангажман ќе треба да биде одговорно внимателен во испорачување на заложбите кон НАТО и деликатно балансиран во процесот на преговорите со ЕУ.  Исходот на нашиот успех ќе биде зависен од спремноста на САД и ЕУ да во отвореноста кон транс-атлантицизмот го препознаат нашиот нов, современ суверенитет. И споделено го слават како нивен, сплотен, взаемно постигнат успех.

 

Реклама