Отворен Балкан како трета историска (не)среќа за регионот | Северна Македонија | DW | 02.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Отворен Балкан како трета историска (не)среќа за регионот

Од нас зависи во каква иднина ќе живеат нашите поколенија по дваесет години. Изборот е јасен: да ни биде добро нам сега, или на нашите деца утре? Пишува Арсим Зеколи

Почетокот на школската година е повод за потсетување на вечната дилема на родителите: како да се одреди образовната иднина на децата? Некои родители ретровизорно преферираат сопствените искуства (или трауми) да ги проектираат врз потомството. Некои други, се обидуваат да визионерски ја согледаат лукративноста на одредена професија во иднината, а не сегашноста. Верувам дека нашите државни родители ја преферираат визионерската логика кога решаваат за сопствените деца. За нас останатите, чинам дека помила им е првата, ретровизорна логика. 

Низ социјалните мрежи деновиве е често споделувана мапа со графички приказ за прогресот и регресот на поранешните републики на СФРЈ од пред 70 години, па се до денес. Да не должиме премногу, Словенија и Хрватска се красени со константно плус и зелени стрелички на прогрес, додека останатите се одбележани со константно црвени и надолни стрелички на регрес. Би било корисно доколку периодот се прошири на периодот од поделбата на регионот помеѓу Австро-Унгарија и Отоманија. 

Тогаш би имале подобра претстава за последиците на одлуките носени под бремето на современието и без јасна претстава за иднината и поколенијата. На Словенците, Хрватите (делумно Босанците) им било полесно да се определат помеѓу две познати опции, за разлика од тажниот југ сведен на единственото отоманско искуство. Од денешната временска дистанца е некоректно на нашите предци да им префрламе за недостатокот на визија за јасно определување „кон кое царство да се приклучат”. Иако и наследниците на Отоманија како Ататурк наскоро ќе ги прифатат постулатите на а ла франка општественото уредување и стратешко определување. Партизанските внуци на комитите имаа уште помалку простор за самостојно определување, ставени пред свршениот чин на Јалта, под комунизмот и во чекалницата за пропаст на Западот. Словенците и Хрватите го искористија комунизмот за зачувување и надградба на придобивките од австро-унгарските искуства и уредување. Останатите, останаа принудено покорни кон чорбаџискиот комунизам и чорбаџиската демократија. 

Балканска опсесија на експериментирање

За разлика од претците ни, сегашната генерација ја сноси одговорноста за своеволно, доброволно определување за раскрстување со типично балканската опсесија за експериментирање. И прифаќање на искуства кои не се совршени, но сепак извесно поефикасни од нашите „креативни решенија”. Во тоа е суштината на изборот на сегашната генерација околу иницијативата Отворен Балкан (ОБ) како експеримент и опстојувањето врз класичната, макотрпна форма за интегрирање во ЕУ. 

Mazedonien Arsim Zekolli

Арсим Зеколи, автор на колумната

Скраја сите напнувања, поборниците на ОБ досега не понудија било каква реална, одржлива, убедлива форма и нарација како иницијативата ќе придонесе кон решавањето на политичките, економските, административните болки на земјите од регионот. Понудената фразеологија од Рама, Вучиќ, Заев за регионот под Отворен Балкан е ништо повеќе од проширена верзија на нивните домашни наративи за Нови Србии, Преродбенички Албании и Шарени Македонии, сега заглавени во автократија, неотчетност и растечка социјална нееднаквост. Од ликови кои сопствените домови ги третираат како зандани, секако не може да очекувате поинаков, поотворен третман на регионот. Освен за слободно движење на криминалот. 

Споредбено, регионот денес се наоѓа некаде во 2006-та година на одалечувањето на ЕУ од Турција (или на Турција од ЕУ) и раѓањето на алтернативни проекти како Големиот Блиски Исток. И Турција тогаш, како и ние денес, ги уверуваше граѓаните дека „ЕУ останува единствена адреса”, заспивајќи ги со надеж пред будење во финалниот чин на цементирана автократија. Споредбено и според тој модус операнди, извесно е дека и синовите на сегашните ни државници некаде во 2041 ќе ги убедуваат нашите наследници дека „остануваме непоколебливо определени за ЕУ”. Или, да почекаме за да провериме? 

Концентрационен резерват”

Од друга страна, нашата неспорна определба за ЕУ е веќе отворено саботирана од екстремните, супремацистички сили во самата Унија. И тоа треба да се каже отворено, без обзир колку тоа им се допаѓа на самите Европејци од Западот и соседството. Веќе е евидентно дека досегашните земји опоненти на нашето зачленување се цинично наклонети кон ОБ како своевиден „концентрационен резерват” како спас од нашето, нели, недостојно присуство низ конференциските сали во Брисел. На тие земји е беспредментно (барем засега) да им се укажува на погубноста по нив од поврзувањето на Западниот Балкан со блиско-источните агенди и визии. Но нашата сегашна оправдана пизма кон подмолностите на негаторските земји-членки на ЕУ не смее да биде на штета на губење на единствената можност за справување со здивеаната болест на корупцијата, криминалот, неотчетноста и социјалната бездна над која сме надвисени. Справувањето со тие болести ниту е, ниту ќе биде предмет на интерес и сериозен ангажман на САД, тоа е веќе сосема јасно. Признале или не, ЕУ и интересот на Германија остануваат единствената, каква-таква, килава надеж за спречување на целосното тонење во деспотизмот на олигархијата и пустошење на земјата од и тоа малку младешка крв која не спречува да се струполиме ничкум. 

Nord-Mazedonien Skopje | Wirtschaftsforum | Edi Rama, Aleksandar Vucic und Zoran Zaev

Еди Рама, Александар Вучиќ и Зоран Заев на економскиот форум во Скопје, јули 2021.

САД и ЕУ може да решаваат за тоа кон кое царство ќе бидеме принудени да се определиме, независно од нашите желби. Нема да им биде, нема да ни биде прв пат. Но тоа не треба да не спречи отворено да дебатираме за изборот кој ни се наметнува, насила и на убави очи. Дотолку повеќе што нашите млади веќе со нозе гласаат за западна Европа. Самите промотори на ОБ се причина повеќе да иницијативата ја разбереме како уште една, модифицирана верзија на чорбаџиска демократија со владеење на геронтократија на феудални тајкуни како константа и влади на едно-сезонски менливи и амбасадно спонзорирани жолтоносни политичари во улога на „државници и претставници”. 

Од друга страна, она што на регионот му е насушно потребно е смирувачка предвидливост, илустрирана со примамливи примери на успешност кои не мора да ги измислуваме или замислуваме. Доволно е само да се видат примерите од Словенија и Хрватска, загребските и љубљанските средени улици, болници, училишта, градинки, судови, медиуми, паркови. Пожарникарски домови. Изборот е помеѓу слаткоречиви плацебо експерименти на распиштолени коруптократи и докажани горко лековити рецепти од ладнокрвно арогантни искусни лекари. Доколку се определиме за експериментот, никој нема да ни биде виновен кога за помалку од деценија Црна Гора ќе влезе во ЕУ, Босна ќе израсне во мало економско чудо, а преминот помеѓу Косово и Македонија стане граница помеѓу Оксидентален и Ориентален Западен Балкан

Нашите, сегашни државни родители преферираат регионални експерименти со кои ќе си го продолжат чорбаџиството по дома. Разбирливо. Нивните деца, нивните браќа ионака веќе живеат или лумпуваат ширум „клетиот Запад”. Битното прашање е како ќе се определиме ние, обичните, кон оваа последна историска раскрсница за иднината на регионот. Од нас зависи во каква иднина ќе живеат нашите поколенија по дваесет години. Изборот е јасен: да ни биде добро нам сега, или на нашите деца утре?

 

DW.COM