Османи: Отворен Балкан ѝ користи само на Србија | Информации и анализи за Балкан | DW | 18.09.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

Османи: Отворен Балкан ѝ користи само на Србија

„Србија се покажа како трамполин на руското малигно влијание во цел регион“, вели во интервју за ДВ претседателката на Косово, Вјоса Османи. Таа го фали Берлинскиот процес, а го критикува Отворен Балкан.

ДВ: Госпоѓо претседателке, канцеларката Ангела Меркел покажуваше силна посветеност кон Западен Балкан. Што очекувате од новата германска влада во врска со регионот и Косово?

Вјоса Османи: Се надевам дека ќе дојде до поенергичен пристап, дека нема да има само убави зборови и ветувања и дека ќе можеме да видимие – ако земјите ги исполнат условите, како што е случај со Албанија и со Северна Македонија, дека ќе почнат преговори за пристапување. Истовремено и со Косово, кога ќе ја примениме Спогодбата за стабилизација и асоцијација и поднесеме барање за статус на кандидат, дека ќе постои јасна посветеност и кон нас, без оглед на фактот што Србија и натаму се обидува да го дестабилизира цел регион и да нѐ блокира во напредувањето.

ДВ: Освен процесот на проширување постои и Берлинскиот процес, кој и Вие и Вашата влада го поддржавте. Но, се спротиставувате на т.н. Отворен Балкан. Зошто?

Берлинскиот процес започна одамна со јасна визија за економско приближување на земјите во смисол на поврзување на младите и дигитализација, што е исклучиво важно за идните генерации, вклучувајќи го и сообраќајот. Од Берлинскиот процес профитираа луѓето од Косово, а беше исклучително важно што тој не е креиран за да има за цел одложување на процесот на европски интеграции, туку напротив, да ги забрза.

Со Отворен Балкан е целосно спротивно. Негова цел е нас на некој начин да нѐ стави во чекалница и наместо да продолжи со европските интеграции, создава ситуација во која одредени земји се во подобра позиција од други, било економски, политички или во други околности. Иницијативата Отворен Балкан, ја нарекуваме Новосадска иницијатива, зашто таму започна, Србија ги менуваше и имињата, Мини Шенген на пример, не го почитува главниот принцип на регионална соработка, а тоа е вклучување на сите земји од Западен Балкан. Почна со Албанија и Србија, подоцна е вклучена Македонија. 

Но, не само Косово, туку и БиХ и Црна Гора, сите сметаме дека од економски аспект од тоа апсолутна корист има Србија. Од политичко гледиште, Косово не може да влезе во иницијативата за која не ни знаеме што би ни донесла и каде Србија се обидува да игра водечка улога, а тоа ѝ дава право да продолжи да го порекнува постоењето на Косово како суверена држава. А од безбедносна точка, како и од аспект на европски интеграции,   тоа повеќе би успорило отколку што би придонесло во нашиот процес на евроинтеграции.

Nord-Mazedonien Skopje | Wirtschaftsforum | Aleksandar Vucic, Zoran Zaev und Edi Rama

Новата регионална иницијатива Отворен Балкан

ДВ: Што очекувате значи од ЕУ и Германија во врска со Отворен Балкан? Повеќе отпор, појасни сигнали?

Да, апсолутно. Зашто, дури и кога не би постоела ниедна од причините кои ги споменав, постои едноставна логика – не ни треба уште една регионална иницијатива. Ги имаме ЦЕФТА, каде Србија не  ги спроведува договорите и продолжува да поставува стотици нецарински бариери за косовски стоки, имаме РЦЦ, Берлински процес и други иницијативи, не ни треба уште една која ќе биде повторување – Србија потпишува и не спроведува.

Потребно ни е ЕУ да биде јасна кон Србија и да стави до знаење – еднаков третман, еднаква застапеност на сите земји, вклучувајќи го и Косово, е основен предуслов за опстанок на овие регионални иницијативи. А Отворен Балкан го нема тој елемент, зашто сакаат да продолжат со негирање на постоењето на Косово како земја и таму да нѐ имаат како некоја покраина или со фуснота. Тоа нема да го прифатиме и тоа не е симболика. За нас тоа е само основен факт на нашето право дека постоиме како суверена нација и од тоа нема да се откажеме. 

ДВ: Дали Ве загрижува дека САД порано или подоцна би можеле да ги повлечат своите трупи од Косово, по она што се случи во Авганистан?

Не, зашто САД ни дадоа уверување дека имаат намера да го продолжат важното присуство во Република Косово, а тоа го направија и други сојузници од НАТО. Како што знаете, тие се многу ангажирани во пограничното подрачје меѓу Косово и Србија од едноставна причина: поради обидите за дестабилизација од Србија. Значи, сѐ додека Србија со помош на Русија, со малигно влијание на Русија, се обидува да го дестабилизира целиот регион, присуството на НАТО на Косово е повеќе од потребно.

ДВ: Кога зборувате за дестабилизација, ЕУ и НАТО повеќепати споменуваа руска хибридна војна во своите земји, а има извештаи дека слични методи користат и во Западен Балкан. Каков е Вашиот официјален одговор на овој феномен?

Тоа е точно. Работиме со нашите безбедносни институции на сузбивање на ова влијание. Важно е дека во Косово, ни во институциите, ни кај жителите, Русија нема да најде сојузници за лошите намери за регионот. За жал, Србија се покажа како трамполин за руското малигно влијание во целиот регион.

Затоа ја повикавме ЕУ на Србија да ѝ стави до знаење дека не може да продолжи да се обидува да седи на две столици. Србија мора да избере дали сака да се приклучи кон ЕУ или да ја продолжи својата политичка, економска и воена соработка со Русија. Не зборувам за сите видови влијание, туку посебно за секторот на безбедност, кој може да ги дестабилизира сите останати земји во регионот.