Орбан му помага на Груевски од три причини | Северна Македонија | DW | 27.11.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Орбан му помага на Груевски од три причини

Случајот Груевски сериозно го поткопува кредибилитетот на Унгарија во очите на парнерите од ЕУ и НАТО, оценува во својата анализа за „ЕУобсервер“, Петер Креко од унгарскиот институт „Политички капитал“.

Зошто Унгарија му даде азил на осуден политичар, кој работел против приклучување на Македонија во ЕУ и НАТО, ризикувајќи натамошно влошување на својата меѓународна репутација и што овој случај говори за унгарската надворешна политика, прашува на почетокот на својата анализа Петер Креко од институтот „Политички капитал“ во Будимпешта, по што дава кус преглед на бегството на Груевски и на образложението на унгарските власти, вклучително и унгарскиот премиер Виктор Орбан, за доделениот азил.

Повеќе:

Бегството на Груевски тешко изводливо без логистиката на Орбан

Скандалот со Груевски ја стави партијата на Орбан во пат-позиција во ЕУ

„Нема сомневање: оваа одлука е одлука на Орбан. И, таа може да има негативни дипломатски консеквенции. Стигнаа критики од ЕУ и НАТО и тоа може натамошно да го поткопа кредибилитетот на унгарската надворешна политика. Оваа одлука може да доведе до ескалација на тензиите помеѓу Вашингтон и Будимпешта, чии односи се далеку од розови. Исто така, потенцијалниот меѓународен скандал би можел да ги заслабне позициите на Унгарија во процедурата на санкционирање согласно Членот 7 во Европскиот совет, како и позициите во текот на преговорите за ЕУ-буџетот. Тоа води до прашањето: Зошто Орбан го презеде тој ризик?“, пишува Петер Креко за „ЕУобсервер“ и оценува дека за тоа може да има три причини, не вклучувајќи ги тука неоснованите теории на заговор кои се во оптек.

„Прво, Груевски за Орбан беше важен идеолошки сојузник, кој, на пример, го инспирираше за почеток на 'Стоп Сорос'-кампањата и симбол на антимиграциската политика. Овој потег би можел да биде порака до неговите пријатели од Истокот дека тој е партнер од доверба: не за НАТО, туку за нив.

Второ, Орбан може да испраќа и порака до западните партнери. А, пораката гласи: 'Не ми е грижа што зборувате'. По третата изборна победа со двотретинско мнозинство, Орбан би сакал да си го зголеми својот дипломатски простор за маневрирање и да им испрати порака на западните партнери дека тој си следи сопствени правила наместо да ги прифаќа правилата на другите. Унгарската одлука е јасна индикација дека Будимпешта не гледа потреба да се прилагодува ниту на интересите на Вашингтон ниту на оние на Брисел. Наместо тоа, Орбан сака да добие екстра влијание со преземање нетипични потези кои ги разбеснуваат сојузниците, со што би се зголемила важноста на Унгарија кога ќе се преговара за клучни прашања.

Трето, со овој потег Орбан би можел да им удоволи на важни играчи наИстокот.“

Потсетувајќи дека политиката на Унгарија кон Балканот во изминатите две декади се состоела од „поддршка на евроатлантската интеграција на земјите од Западен Балкан“, Петер Креко оценува дека „давањето азил за осуден македонски политичар е јасен знак за промена на стратегијата на Унгарија, која продолжува да стреми кон Исток“: „Овој потег им служи само на интересите на Русија, земја која силно се спротивставува на какво било проширување на НАТО“, се вели во анализата.

Гледај видео 01:10

Сијарто за ДВ: Груевски сите граници ги премина легално

На крајот, наведувајќи дека раширеното мислење за Орбанова Унгарија е дека „и покрај демократското назадување на земјата, Унгарија останува сојузник од доверба во ЕУ и НАТО и секогаш ја поддржува Алијансата во најкритичните моменти“, аналитичарот Креко потенцира дека таквото мислење било точно во првите години од враќањето на Орбан на власт во 2010 година, но дека „има сѐ повеќе и повеќе индикации оти ситуацијата се менува“.

„Додека Унгарија сѐ уште се држи до ЕУ-НАТО 'мејнстрим'-политиките за одредени прашања (на пример, поддршка за санкциите против Русија), сѐ повеќе доаѓа до израз унгарската лојалност кон новите 'сојузници' на Истокот, наместо кон сојузниците во рамките на западните институции. Орбан е уверен дека без оглед што прави, нема да трпи сериозни последици од ЕУ, НАТО, Европската народна партија и од Вашингтон. Досега има право. Доколку ваквата ситуација продолжи, тој ќе прави сѐ повеќе чекори со насока на Истокот, а во истовреме ќе ја ужива безбедноста што му ја даваат институциите на Западот, како ЕУ и НАТО, и ќе профитира од нивната неактивност“, се оценува во анализата објавена во „ЕУобсервер“.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама