1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Nord-Mazedonien Skopje | Protest gegen EU-Politik & Bulgarien
Фотографија: Petr Stojanovski/DW

Опозицијата со План Б - во игра и референдум

ДТЗ
18 јули 2022

Предлог-заклучоците коишто ги усвои Собранието и потпишаниот Протокол со Бугарија станаа јаболко на раздорот во земјата. Опозицијата најавува дека не е сѐ завршено и бара механизми да ги сопре уставните измени.

https://www.dw.com/mk/%D0%BE%D0%BF%D0%BE%D0%B7%D0%B8%D1%86%D0%B8%D1%98%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D1%81%D0%BE-%D0%BF%D0%BB%D0%B0%D0%BD-%D0%B1-%D0%B2%D0%BE-%D0%B8%D0%B3%D1%80%D0%B0-%D0%B8-%D1%80%D0%B5%D1%84%D0%B5%D1%80%D0%B5%D0%BD%D0%B4%D1%83%D0%BC-%D0%B7%D0%B0-%D1%83%D1%81%D1%82%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B8%D1%82%D0%B5-%D0%B8%D0%B7%D0%BC%D0%B5%D0%BD%D0%B8/a-62506597

Усвојувањето на предлог-заклучоците за францускиот предлог во Собранието и потпишувањето на протоколот со Бугарија сѐ уштеја брануваат јавноста во Северна Македонија. Опозицијата, откако во саботата (16.07) ја напушти собраниската сала и не гласаше за предлог-заклучоците за заштита на македонскиот идентитет и јазик, најавува референдум за уставните измени, со кои Бугарите треба да влезат во Уставот. За ваквата одлука сепак ќе треба да одлучи најголемата опозициска партија - ВМРО-ДПМНЕ. 

Партискиот лидер, Христијан Мицкоски, планира иницијативата за собирање 150 илјади потписи за референдум за „да се собори бугаризацијата и асимилацијата“да ја предложи на Извршниот комитет на партијата. „Продолжуваме и понатаму да се бориме, нема застанување. Периодов кој што е пред нас, практично овие недела-две, планирам да излезам со предлог пред ИК на партијата да ја разгледаме можноста за референдумско изјаснување со собирање на 150.000 потписи“, изјави Мицкоски во телевизиско гостување на Сител. 

Мицкоски додаде дека граѓаните треба да излезат на референдум и да се изјаснат дали ја поддржуваат или не капитулацијата на Владата. „Граѓаните треба да си го дадат своето мислење односно треба да излезат на референдум и да кажат дали се 'за' или 'не се за' овие измени кои што Владата ги потпиша после овој дипломатски нокаут и капитулација“, рече Мицкоски.

Од партијата денеска соопштија дека референдумското гласање од страна на граѓаните не значи и повлекување од блокадата на ВМРО-ДПМНЕ и пратениците од коалицијата на уставните измени, туку напротив - и покрај блокадата на уставните измени, граѓаните ќе имаат можност да го кажат своето мислење дали се „за“ и „против“. 

Bulgarien Sofia | Außenminister Bujar Osmani und Teodora Genchovska
Министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора ГенчовскаФотографија: BGNES

Протоколот како јаболко на раздор 

Во Софија во неделата (17.07) беше потпишан билатералниот протокол меѓу Северна Македонија и Бугарија, а претходно состанок одржа меѓувладината комисија на која присуствуваа министрите за надворешни работи Бујар Османи и Теодора Генчовска. Со тоа се отвори вратата за првата Меѓувладина конференција со ЕУ во вторник, по која почнува скринингот кој ќе трае година и половина. По завршување на тој процес, предвидена е следната меѓувладина конференција со која ќе се комплетира фазата на отворање на преговорите за членство, а нејзиното одржување е условено со уставни измени. 

Потпишувањето на протоколот кој стана јаболко на раздор во земјата различно се толкува од страна на власта и опозицијата. Додека за едни станува збор за историска одлука и достоинствен чекор кон ЕУ, за спротивниот табор тоа е предавство за коешто ќе треба да се одговара.

Шефот на македонската дипломатија, Бујар Османи вчера на брифингот со новинарите во Скопје нагласи дека трите важни прашања за земјата – јазикот, историските прашања да не бидат одредница за отворање и затворање на поглавјата и да почнат преговорите сега, „ги добивме“. „Република Бугарија доби условување на втора меѓувладина конференција со уставни измени. Тоа е компромисот“, изјави Османи. 

Но, Мицкоски смета дека во текот на преговарачкиот процес Бугарија не го затвора прашањето за македонскиот јазик.

„Пред да се случи таа вистинска меѓувладина, кога треба да се усвои преговарачката рамка, има еден дел каде што се вели воведни изјави од страна на македонската Влада и ЕК, барем таму каде што стои дека двете држави ќе дадат унилатерални изјави, не знам каква унилатерална изјава ќе даде Македонија за македонскиот јазик кој што е кодифициран, стандардизиран уште на третата конференција на Обединетите Нации од 1977 година во Грција. А, каква изјава ќе даде Бугарија? Зошто тоа не го кажат?“, вели Мицкоски. 

Nordmazedonien I Proteste von Mitgliedern der SDSM Partei
Опозицијата во саботата ја напушти собраниската сала и не гласаше за предлог-заклучоците за францускиот предлогФотографија: Ognen Teofilovski/REUTERS

Опозициската ВМРО-ДПМНЕ смета дека македонската јавност вчера, по потпишувањето на Протоколот помеѓу Македонија и Бугарија, конечно имала можност да ги види „предавствата на Ковачевски, Османи и Маричиќ“. „Граѓаните ќе го кажат својот став во однос дали ги поддржуваат оваа рамка и протокол кои значи менување на историја, учебници, култура и идентитет на државата и македонскиот народ“, велат од партијата.

Македонските граѓани досега неколкупати имале можност да се изјаснат на референдум. На национално ниво досега се организирани три референдуми. Последниот се одржа на 30-ти септември 2018 година, кога граѓаните на референдум се изјаснија на прашањето „Дали сте за членство во НАТО и ЕУ со прифаќање на договорот меѓу Македонија и Грција“. Референдуми имаше и во 2004 година за територијалната поделба на земјата, додека на 8 септември 1991 се одржа референдумот за независност. 

Референдум може да распише Собранието или советите на општините. Доколку го иницираат граѓани, треба да соберат 150 илјади потписи на државно ниво, а на локално ниво иницијативата треба да ја поддржат 10 отсто од запишаните гласачи во таа општина.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Македонија знаме

Македонскиот руски круг

Mazedonien Ljupco Popovski
Љупчо Поповски
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница