1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Олаф Шолц – нов германски канцелар

ЖА
8 декември 2021

Олаф Шолц од СПД е деветти германски канцелар - откако беше изгласан во Бундестагот и претседателот на државата му ја врачи повелбата за именувањето, тој положи свечена заклетва во парламентот.

https://p.dw.com/p/43zJz
Deutschland | Bundestag - Kanzlerwahl Scholz
Фотографија: Kay Nietfeld/dpa/picture alliance

На свеченото полагање заклетва во Бундестагот, претходеше протоколарниот чин во дворецот Белви, на кој германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмајер му ја врачи повелбата за именување на новиот канцелар Олаф Шолц. Германскиот Бундестаг претходно утрото со тајно изјаснување го потврди изборот на социјалдемократскиот политичар Олаф Шолц за нов германски канцелар. За него гласале 395 пратеници од вкупно 736, против се изјасниле 303 пратеници, шест биле воздржани, а три гласови се неважечки. Пратеничката група на новата владина коалиција од СПД, Зелените и ФДП располага со 416 мандати во парламентот, но повеќе од нив денеска отсуствуваа поради болест.

Деветтиот канцелар на Сојузна Република Германија првпат ќе предводи трипартитна влада составена од Социјалдемократската партија, Партијата на Зелените и Слободните демократи. 

Кој е Олаф Шолц?

Денеска попладне ќе биде извршено примопредавање на канцеларката функција, кога  Ангела Меркел  по 16 години клучевите од канцеларскиот кабинет ќе му ги предаде на својот досегашен заменик Шолц, кој в нејзината влада беше министер за финансии, а примопредавање се врши и во министерствата.

Шолц го исполнува ветувањето дадено веднаш откако партиите на новата коалиција ги почнаа пристапните преговори: Германија ќе добие  нова влада  пред Божик. По коалиционите преговори кои според многумина поминаа неочекувано хармонично ( или барем во јавноста не допре ништо од кавги) и откако деновиве на вонредни конгреси коалиционите партии го прифатија и потпишаа договорот, првата „семафор влада“ може да почне со работа.

А пред новата влада стојат бројни предизвици, пред сѐ кризата со пандемијата на коронавирус и очекуваниот натамошен од неа предизвикан забавен раст на германската економија.

Олаф Шолц ќе биде четврти канцелар од СПД, по Вили Брант, Хелмут Шмит и Герхард Шредер. ЦДУ досега ги имаше како канцелари Конрад Аденауер, Лудвиг Ерхард, Курт Георг Кисингер и Хелмут Кол, а во изминатите 16 години – Ангела Меркел.