Односот на Меркел и Макрон: Дует на спротивности | Свет | DW | 16.10.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Односот на Меркел и Макрон: Дует на спротивности

Судирот на содржини, стил и интереси не е нов во германско-француските односи, оценува „Зиддојче цајтунг“. Стилот на Макрон е типичен за ова време, во кое мажите притискаат на педалите за гас без да се грижат за моторот.

Денешните германско-француски владини консултации во Тулуз не можат да го покријат впечатокот дека има проблеми во односите меѓу двете држави, оценува денеска весникот „Зиддојче цајтунг“, кој го анализира односот на канцеларката Ангела Меркел и претседателот Емануел Макрон, двајца државници со различен стил и карактер.

„Макрон - според она како тој гледа на работите - доживеа голем удар по говорот за Европа, одржан во Сорбона во септември 2017 година. Одбивањето на француската кандидатка за еврокомесар, Силви Гулар, за што се заложија и германски европратеници, според него е фрустрирачки врв на некаква германска кампања за парализирање. Меркел, пак, во Макрон гледа нагол, акционистички претседател, меѓу чии говори има сѐ помало временско растојание, но затоа тие имаат сѐ поголема должина“, пишува меѓу другото весникот и додава:

„Макрон вели дека верува во една работа: 'Стратегија на смелост и подготвеност на ризик'. На Меркел вакви реченици тешко би ѝ поминале преку усните, а да не зборуваме за такво дејствување, поради тоа што таа ја согледува пред сѐ детализираноста и напорите кои ги изискува надворешната политика.

Надворешнополитичката визија на Макрон добива сѐ повеќе голистички облик. Поради променливата политика на генералот старата Сојузна Република (поранешна Западна Германија, н.з) уште повеќе се приближи до САД и Велика Британија. Оттогаш е минат речиси половина век. Денес односот на силите во светот се менува со многу брзо темпо, што пак очигледно ги поттикнува потомците на Де Гол на нова смелост. Ваквата наглост не ѝ е карактеристична на германската надворешна политика, дотолку повеќе што таа од искуство знае дека системот на Европа се изместува кога џинот во средината ја префрла тежината на друга страна.

Така, во Германија и Франција се изградија различни стратегии за тоа како да се постапува со овој нов свет. Макрон вели дека Франција има сојузници, но дека следи само своја сопствена линија. Меркел вели дека Германија има сојузници и со нив ја координира својата линија. Тоа е разлика која предизвикува збунетост во остатокот на ЕУ. Кој е во право? Кого треба да следиме? Кога Макрон ja заведуваше Русија, Берлин телефонски го бараа изиритирани повикувачи од Балтикот. Кога Макрон најави сопствена Западнобалканска иницијатива, во Брисел се прашуваа - зошто тој не ја вложува својата енергија во ЕУ-машинеријата.

Стилот на Макрон е типичен за ова време, во кое мажите притискаат на педалите за гас на големите машини без да се грижат за моторот. Сѐ или ништо - тоа е идејата на Доналд Трамп за светските случувања: денес напред, утре назад, голем самит, многу притисок и на крајот проблемот е решен...или не е решен. Оној кој го проучува Макрон може да забележи дека тој ja презира незграпноста на Трамп, но истовремено и се восхитува на големите гестови. На Меркел ѝ е туѓо и едното и другото, нејзиниот политички стил познава пред сѐ долги патеки и желба за стабилност.

Колизијата на содржини, стил и интереси не е ништо ново во германско-француските односи. Со тоа може да се живее и да се работи, сѐ додека двете страни се однесуваат внимателно една со друга. Меѓутоа, во текот на изминатите месеци беше тешко да се одржи фасадата. Незадоволството беше преочигледно. Можеби Макрон смета дека неговиот момент на голем стратег допрва доаѓа, затоа што очекува вакуум во лидерството по збогувањето на Меркел од политиката. Можеби Макрон и од Германците очекува повеќе смелост. Но, како неговите зборови би се претвориле во големи дела, без притоа да се повредат правилата и да се иритираат партнерите? Макрон сѐ уште нема дадено одговор на ова“, пишува „Зиддојче цајтунг“.

DW.COM

Реклама