Нови избори ќе ја стопат „златната акција“ на ДУИ | Македонија | DW | 14.02.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Нови избори ќе ја стопат „златната акција“ на ДУИ

Нови избори ќе ги изедначат резултатите во македонскиот блок, а ДУИ ќе остане без примат во албанскиот, покажа анкета на „М-проспект“. Од ДУИ велат дека одлуките ќе ги градат преку резултатите добиени од изборната анкета

Доколку утре се одржат избори ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ ќе бидат речиси изедначени, но и ДУИ ќе биде изедначена со други партии во албанскиот блок, покажаа резултатите од најновата анкета на агенцијата „М-проспект“ направена по нарачка на ТВ „Телма“ и Македонскиот центар за меѓународна соработка (МЦМС).

Според резултатите, за ВМРО-ДПМНЕ би гласале 23,3 отсто од граѓаните, за СДСМ 23 отсто, за „Беса“ 3,5 отсто, за ДУИ  3,3 отсто, Алијансата за Албанците би добила 1,5 отсто, а ДПА 2,2 отсто.

Партиите официјално се воздржуваат од коментар на последното истражување на јавното мислење, спроведено телефонски од 4 до 10 февруари, на репрезентативен примерок од 1.000 испитаници. Дел велат дека сѐ уште не ги виделе и не ги анализирале резултатите, а други - дека „си имаат свои анкети“.

Најважна е изборната анкета

Извори во ДУИ, партијата која со изборниот резултат и распоред на силите ја има „златната акција“ за состав на влада, велат дека за нив најважна останува изборната анкета. Затоа, во сензитивниот период на разговори за нова влада ќе се раководат од сопствени анализи, со цел ништо да не биде протолкувано како странична сугестија во однос на одлуката на партијата.

„Последната и најголема можна 'анкета' беше спроведена на изборите на 11-ти декември и ДУИ е најмногу посветена на анализирање на тие резултати. Секако, нема да ги игнорираме и оние кои ќе ги има во овој период, но тие не се пресудни. Подолг период сме посветени на многу темелна внатрешна дебата која опфаќа многу повеќе прашања од оние што ги поставуваат истражувачите на јавното мислење. Не постои аспект кој не го разгледуваме и не го анализираме најдетално. Расположението на гласачите го видовме на изборите, постизборно исто така го следиме преку бројни средби и разговори, и нашата одлука ќе се темели исклучиво на внатрешните севкупни анализи за сите клучни прашања и аспекти“, велат од ДУИ.

Mazedonien Parlamentswahlen (DW/ P. Stojanovski)

Расположението на гласачите го видовме на изборите, велат од ДУИ

Ахмети: Ние не брзаме...

Од партијата не сакаат да коментираат „што би било - кога би било“, односно дали токму ова тактизирање со одлуката, ќе влијае ДУИ да го изгуби приматот на прва партија во албанската заедница, на евентуално нови избори. Особено, што од денеска ќе се посветат на анализа на „писмените материјали“ што ги добиле од СДСМ за клучните теми на разговори, со забелешка дека „ова е само почетна фаза“. Тоа навестува дека на ДУИ и натаму ќе му биде „потребно време за добра, а не брза одлука“, како што досега многупати потенцираа од партијата. Лидерот на партијата Али Ахмети, истото го нагласил и на вчерашната средба со францускиот амбасадор во Македонија, Кристијан Тимоние. Притоа се пожалил и  на „постојан медиумски притисок“.

„Ахмети нагласи дека овој медиумски ирационален и преференцијален притисок се обидува да создаде непостоечки теми за органите на партијата за наводно поделби помеѓу различните крила и ова се прави со цел да се ослабне ДУИ“, се обелоденува во соопштението на партијата.  

Објаснувајќи дека одлуката на ДУИ треба да обезбеди стабилност, безбедност и партнерство со меѓународната заедница, Ахмети уште еднаш потенцирал дека ДУИ нема да брза со одлуката.

„Ахмети го запозна амбасадорот на Франција дека ние не се брзаме, но сакаме да се осигураме дека очекувањата на граѓаните ќе се исполнат, заедно со разгледувањето и расветлување на оспорените случаи како 'Монструм', 'Сопот', 'Куманово' и прислушувањата. За ова во ДУИ има многу отворена дебата, аргументирана и конструктивна, вклучувајќи ги и претставниците на граѓанското и академско општество“, соопшти партијата по средбата Ахмети -Тимоние.

Mazedonien Parlamentswahlen (picture-alliance/dpa/G. Likovski)

Според анкетата, мнозинството граѓани се против нови избори

Огромна поддршка за СЈО

Токму за очекувањата од СЈО, последната анкета дава јасен индикатор каков е ставот на граѓаните. На прашањето дали е потребно да се продолжи периодот во кој СЈО може да покренува обвиненија, 62,8 отсто од анкетираните одговориле потврдно, против биле 28,8 отсто, а само 8 отсто немале одговор на ова прашање. Во однос на прашањето - кое е најдобро решение за формирање на нова влада, 30,2 отсто се изјасниле дека широка коалиција е најдобро решение за кризата, 27,3 отсто сметаат дека следната влада треба да ја формира СДСМ, а 23,5 отсто дека владата треба да биде предводена од ВМРО-ДПМНЕ. Кај партиите на Албанците убедливо најприфатлива опција е влада формирана од СДСМ. Од поддржувачите на ДУИ за таа опција се изјасниле 42,2 отсто, а за влада со ВМРО-ДПМНЕ 24,2. За влада со СДСМ над 40 отсто се изјасниле и поддржувачите на Беса и ДПА, а тој процент е највисок кај Алијансата за Албанците - 93,3 отсто. 

Истражувањето покажува дека најголем дел од граѓаните не гледаат излез од политичката криза со нови избори. Мнозинството, или 56,5 отсто се против нови предвремени избори, а 38,6 отсто би сакале повторно да излезат на гласање.

Реклама