Новата доктрина на Трамп од САД прави светски полицаец | Свет | DW | 12.04.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Новата доктрина на Трамп од САД прави светски полицаец

На Самитот на Г-7, Рекс Тилерсон најави дека САД ќе ги казнат „сите кои вршат злосторства против невините насекаде низ светот“. Ако е така, Вашингтон очигледно се подготвува за драматичен пресврт во надворешната политика

На местото на нацистичкиот масакр во северна Италија каде беа убиени голем број деца, американскиот државен секретар Рекс Тилерсон не остави никаков сомнеж дека Русија ќе мора да ја смени својата политика во Сирија и да ги залади своите односи со Иран и Хезболах. Ваквиот однос кон Москва не можеше да биде очекуван до пред неколку дена. Од наводниот напад со хемиско оружје во Сирија, Тилерсон укажува дека администрацијата на Трамп драматично го смени ставот за војната. Намерите за помирување со Русија се заменети со нов курс на конфронтација.
Тилерсон секако знаеше дека ваквата промена ќе биде поддржана од клучните шефови на дипломатии. Италија, Велика Британија, Франција, Јапонија, Канада и Германија немаа друг избор освен да ги прифатат воените напади врз Сирија и новиот пристап кон конфликтот. Во принцип, сите се согласни дека Русија мора да најде излез од ќорсокакот во кој западна со поддршката за сирискиот претседател Башар Ал Асад. Но во однос на суптилностите, ситуацијата е помалку јасна, затоа што министрите на Г-7 не успеаја да постигнат договор за потенцијални нови санкции.
Колку долго ќе трае овој американски став? Тоа прашање се надвисна над самитот во Лука. Самиот Тилерсон во повеќе наврати го менуваше својот тон кон Сирија во последната недела. И покрај искажаниот отпор кон евентуална интервенција за време на кампањата, претседателот Доналд Трамп сепак ја нападна Сирија. Неговиот државен секретар даде далекусежна изјава во Италија, практично најавувајќи дека САД ќе нападнат секого кого го сметаат за одговорен за напад врз недолжни луѓе. Тоа значи дека Вашингтон ќе дејствува како светски полицаец- дури и без дозвола, доколку е потребно.

Riegert Bernd Kommentarbild App

Бернд Ригерт

Враќање кон интервенционизмот

Се чини дека Трамп продолжува онаму каде што застана неговиот претходник Џорџ Буш. Самиот Трамппорано ја критикуваше војната во Ирак која ја предизвика Буш. Но сега, се чини дека Трамп и Тилерсон ги предизвикуваат Русија, Северна Кореја, па дури и Кина. Заканите за „унилатерални мерки“ можат да бидат интерпретирани како енергичен, храбар пристап или како опасна игра на провокации. Колегите министри за надворешни работи од другите западни држави веројатно не се согласуваат со новата доктрина на Трамп.
Што ќе се случува понатаму? Портпаролот на Трамп во Белата Куќа не исклучува натамошни воени акции во Сирија доколку режимот на Асад продолжи да користи „буриња бомби“- нешто што го прави постојано. Дали САД ќе започнат воена интервенција од големи размери во Сирија? Што ќе бара Трамп од своите сојузници во Европа и НАТО? Како ќе се однесуваат САД во конфликтот со Северна Кореја, доколку лудите лидери во Пјонгјанг извршат уште една нуклеарна проба? Американската надворешна политика отвора многу важни прашања, но стратегијата, всушност, останува нејасна.

 

DW.COM

Реклама