1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Граничен премин меѓу Украина и Полска
Граничен премин меѓу Украина и ПолскаФотографија: Leon Kügeler/BMEL/photothek/picture alliance
КонфликтиУкраина

Како мажи и покрај забраната ја напуштаат Украина

Ирина Чевтаева
21 јули 2022

Од почетокот на војната, на украинските мажи на возраст од 18 до 60 години им е забрането да ја напуштат земјата - со исклучоци. Но и некои кои не спаѓаат во исклучоците, успеваат да заминат. Како функционира тоа?

https://www.dw.com/mk/%D0%BD%D0%B5-%D1%81%D1%83%D0%BC-%D0%BF%D1%80%D0%B5%D0%B4%D0%B0%D0%B2%D0%BD%D0%B8%D0%BA-%D0%BA%D0%B0%D0%BA%D0%BE-%D0%BC%D0%B0%D0%B6%D0%B8-%D0%B8-%D0%BF%D0%BE%D0%BA%D1%80%D0%B0%D1%98-%D0%B7%D0%B0%D0%B1%D1%80%D0%B0%D0%BD%D0%B0%D1%82%D0%B0-%D1%98%D0%B0-%D0%BD%D0%B0%D0%BF%D1%83%D1%88%D1%82%D0%B0%D0%B0%D1%82-%D1%83%D0%BA%D1%80%D0%B0%D0%B8%D0%BD%D0%B0/a-62536742

Пред војната во Украина бил деловен човек. Антон (вистинското име ѝ е познато на редакцијата) на 24 февруари со сопругата и двете деца се одвезле до границата за да побегнат од руските напади кои почнале тој ден. За возењето, за кое инаку е потребно само неколку часа, ним им бил потребен цел ден.

Додека биле на пат, претседателот Зеленски на сите мажи меѓу 18 и 60 години им забрани да ја напуштаат земјата. Преминување на границата во насока на ЕУ им беше дозволен само на сопругата и на децата на Атон. Тој потоа барал начини да им се придружи, сметајќи дека „обврските кон семејството имаат приоритет“. Отишол до едно село на границата со Романија, со намера да ја премине реката Тиса.

„Бевме неколку мажи. Но, нѐ предадоа домашните луѓе и нѐ фатија. Не ни стигнавме до реката“, вели Антон. „Подоцна слушнав дека криумчарите главно префрлаат до четири лица на другата страна, и тоа за 5.000 долари од човек“, додава тој.

Антон го регрутирале на лице место, но за него немале соодветна задача. Затоа се вратил дома и почнал да кова нови планови за бегство.

Совети на социјалните мрежи

Забраната за излез не важи само за самохраните татковци, за татковците на три и повеќе деца, односно за лицата со инвалидитет. Забраната не важи за студентите на високообразовните институции во странство, возачите на хуманитарни транспорти, односно за лицата со постојан престој во странство.

Мажите за кои не важат тие исклучоци и кои сепак сакаат да ја напуштат Украина, можат, на пример, тоа да го сторат преку Крим, кој Русија го анектираше. Некои се запишуваат на странски факултети, некои се вработуваат како возачи, а други се обидуваат да побегнат преку реките или зелените гранични појаси.

Контрола на украинските бегалци на границата со Полска
Контрола на украинските бегалци на границата со ПолскаФотографија: Abdulhamid Hosbas/AA/picture alliance

Совети има на социјалните мрежи. На Инстаграм профилот „Излез за сите“ има над 14.000 следбеници. Таму во приватни преписки се делат информации за тоа како ретроактивно може да се запише на некој полски или европски факултет, со датум на уписот пред почетокот на војната. И тоа сѐ во рок од само 10 дена. Цената? 980 евра.

Атон во меѓувреме ја напушти Украина - преку една хуманитарна организација на свои пријатели.

„Фондацијата побара дозвола за излез од земјата. Ние сите се одвезовме, а автомобилот со хуманитарната помош се врати во Украина. Мажите како мене ги нарекуваат предавници“, вели тој. „Не се плашам од фронтот. Да немам деца одамна би бил таму. Но, ние не добивме деца за мојата сопруга сама со нив одвај да преживува“, истакнува Антон.

Постои голем интерес за напуштање на Украина. Каналот на Телеграм „Легално преселување во странство“ има над 53.000 следбеници, а над 28.000 на придружниот канал „Помош на граница“. Таму, на пример, се нуди помош за добивање потврда дека поради здравствени причини не може да се служи војска. Цената? 1.500 долари.

Девет милиони бегалци

Според податоците на ОН, од 24 февруари над 9 милиони Украинци побегнале од војната во странство. Колкумина меѓу нив се мажи? Тоа ДВ сакаше да го дознае од надлежните украински гранични служби. Но, одговор не добивме.

Министерството за внатрешни работи на 1. март соопшти дека во Украина се вратиле околу 80.000 воено способни мажи, поголемиот дел од нив за тоа се одлучиле по 24 февруари „за да го бранат суверенитетот и територијалниот интегритет“ на земјата.

Назад во војна: Украинците се враќаат дома

Полска и Германија прифатија поголем дел од бегалците. Според наводите на полските власти, до 7 јуни во земјата пристигнале 3,6 милиони, од нив 432.000 мажи на возраст меѓу 18 и 60 години. Во Германија до 9 јуни се регистрирани 867.214 бегалци. Германското Министерство за внатрешни работи спроведе анкета, врз основа на која е утврдено дека 48 осто од бегалците се жени со деца, 14 насто жени без деца, 7 отсто мажи со деца и 3 насто сами мажи.

Причини за и против забраната за излез

Александер Гумиров, адвокат од Одеса, во мај започна петиција со која бара укинување на забрата за излез за мажи од Украина. Во рок од само неколку дена собрал 25.000 потписи и претседателот Зеленски морал да се позанимава со тоа барање. Претседателот реагирал остро и соопштил оти петицијата треба да им се даде на родителите на војниците кои го дале својот живот за одбрана на Украина.

Гумиров и натаму смета дека забраната за излез од земјата е бесмислена. „Ако некој сака да ја брани својата слободна, сакана татковина, својот дом, тогаш не е потребна забрана за напуштање на земјата. А, ако некој тоа не сака, тогаш таа забрана, исто така, е непотребна“, вели тој.

Гумиров додава оти забраната само поттикнува корупција, и тврди дека секојдневно добива прашања за „дупки“ преку кои може да се заобиколи забраната. Сето тоа е поврзано со мито, укажува тој.

Александер Гумиров, адвокат од Одеса ја критикува забраната за излез од земјата за мажите
Александер Гумиров, адвокат од Одеса ја критикува забраната за излез од земјата за мажитеФотографија: Privat

Осуди од страна на украинските жени

Украинските мажи кои заминале во странство честопати се критикувани од страна на сопругите на оние мажи кои сега се на бојното поле, вели една украинска адвокатка, која сакаше да остане анонимна. И нејзиниот сопруг е на фронтот. За петицијата иницирана од Гумиров, која начелно ја поддржува, вели дека е погрешно формулирана:

„Пораката е: пуштете нѐ да си одиме сите, нека се борат доброволци, а тоа е неправедно“.

Во моментов има премалку волонтери, вели адвокатката, која моментално со своите деца се наоѓа во една земја на ЕУ . Наместо тоа, таа бара војниците да добијат кратко отсуство од војната, односно да патуваат во странство.

Антон одамна е со сопругата и децата на тлото на ЕУ, учи јазик и бара работа. Тој не исклучува дека по победата ќе се врати во Украина. За себе вели дека е патриот:

„Но, сакам војната да заврши што е можно поскоро, јас праќам пари за војската. Сега сме далеку од Украина, но тоа не значи дека сум предавник“.

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница