Не се загубени сите шанси за договор за Косово | Теми на денот | DW | 29.11.2007
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Теми на денот

Не се загубени сите шанси за договор за Косово

Генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун останува оптимист- компромис за Косово е сеуште можен, изјави неговиот портпарол. На мирно решение на проблемот, двете страни ги повика уште еднаш и германскиот министер, Штајнмаер.

default

Високиот претставник за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Хавиер Солана, за ситуацијата на Косово, во Њујорк разговараше со генералниот секретар на ОН, Бан Ки Мун. По средбата не соопшти детали за содржината на разговорот, но спомена дека се зборувало и за Балканот генерално, како и за Босна и Херцеговина. Генералниот секретар на светската организација, пак, преку својот портпарол, соопшти дека продолжува да ја поддржува работата на меѓународната тројка на Контакт групата за статусот на Косово и дека смета оти постигнување компромис е сеуште можно. “Времињата не се оптимистички, но сепак не сме се откажале, ниту сметаме дека е време тројката да се откаже, туку дека имаме уште време“, изјави портпаролот Фарнах Хак на брифингот со новинарите во Њујорк.

Компромис е можен


На констатацијата дека процесот е во застој и дека преговорите на Белград и Приштина не успеаја, Хак додаде дека преговорите се очигледно во тешка фаза, но дека генералниот секретар на ОН ја охрабрува тројката да остане ангажирана во процесот и да стори се што може за пред истекот на рокот да биде постигнат консензус. “Тројката во моментов работи со страните и се обидува да постигне договор и генералниот секретар продолжува да ги охрабрува во тоа“, рече Хак, додавајќи дека Бан Ки Мун е уверен оти компромис е можен.

Лавров: “Ситуацијата е алармантна“


Не многу оптимистичка е изјавата на рускиот министер за надворешни работи, Сергеј Лавров, кој вчеравечер во Москва изјави дека Русија отфрла да смета дека независноста на Косово е единствено решение, оценувајќи ја ситуацијата како многу алармантна. “Не можеме да ги прифатиме приказните дека е тоа вонредна ситуација и дека независноста е неизбежна за Косово“, рече Лавров, додавајќи дека сега и оние кои ги поддржувале повиците за брзо признавање на јнезависноста на Косово почнуваат да сфаќаат какви последици тоа би имало за регионот.
Луѓето на Балканот не смеат повторно да станат жртви на погрешни решенија и неодговорности, нагласи вчера германскиот министер за надворешни работи, Франк Валтер Штајнмаер, кој ги повика Србите и Косовските Албанци на наоѓање мирно решение.