„Несовладливи“, но неединствени - Трамп и Ердоган | Свет | DW | 17.05.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

„Несовладливи“, но неединствени - Трамп и Ердоган

Американскиот претседател и неговиот турски колега на првата средба демонстрираа единство, без оглед на очигледните разлики. Состанокот бил историски пресврт, рече Ердоган.

На заедничката прес-конференција со својот турски колега Реџеп Таип Ердоган во Вашингтон, Доналд Трамп ги пофали билатералните односи како величенствени, а во иднина најави да бидат уште подобри. „Нашите врски ќе бидат нераскинливи“, изјави Трамп. И Ердоган зборуваше за одлични односи, истакнувајќи дека неговата посета на Вашингтон претставува историски пресвртен момент. Понајновите тензии меѓу САД и Турција, двајцата претседатели и НАТО-партнери се трудеа да го истакнат заедништвото. Односот на Ердоган кон претходникот на Трамп, Барак Обама, се сметаше за проблематичен. Но, и самиот Трамп, со дозволата за вооружување на сириската курдска милиција со американско оружје, предизвика незадоволство кај владата во Анкара. Курдите за САД се еден од најважните соузници во борбата против екстремистичката милиција Исламска држава. Турската влада пак ја смета курдската милиција во Сирија за продолжена рака на забранетата курдска Работничка партија, ПКК, која во Турција се бори за поголема автономија на Курдите и која во Турција и во ЕУ е класифицирана како терористичка организација.

Ердоган: „Апсолутно неприфатлива поддршка на курдската милиција“

На првата средба меѓу Трамп и Ердоган, јасно избија разликите во поглед на натамошното дејствување во Сирија. Ердоган, иако не го критикуваше директно Трамп за планираното вооружување на курдската милиција во Сирија, го повтори одбивниот став кон групата во целиот регион. Тој изјави дека „поддршката на сириската курдска милиција е неприфатливо, исто како и тоа таа да биде третирана за партнер против терористичката Исламска држава“. 

Трамп пред медиумите не се изјасни во поглед на американската помош на сириската курдска милиција, тој се трудеше за оставање позитивен впечаток, истакнувајќи ја американската поддршка на Турција во борбата против терористички организации од типот на Исламска држава и ПКК. „Стремиме кон заедничко пресретнување на оваа закана“, изјави Трамп. 

Втора конфликтна тема: Ѓулен

Втора потенцијална конфликтна тема меѓу Ердоган и американската влада е случајот со исламскиот свештеник Фетулах Ѓулен, кој живее во егзил во САД. Ердоган со месеци притиска за негово израчување, сомничејќи го за организатор на неуспешниот воен пуч во јули 2016 година во Турција.

На состанокот со Трамп, отворено го искажал очекувањето за израчување на Ѓулен, рече турскиот претседател. Самиот Ѓулен, кој во егзил во САД е од 1999 година, е убеден дека обидот за пуч е изрежиран  од самиот Ердоган, за да може да послужи како изговор за замолчување на опозицијата.

Инаку, Доналд Трамп беше единствениот западен претседател, кој на Ердоган во средината на април му ја честиташе победата на спорниот референдум за воведување претседателски систем во Турција.

  

 

DW.COM

Реклама