1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Нема потврда за егзекуција на заложниците во Авганистан

17 март 2006

Од четворицата македонски граѓани кои беа киднапирани во Авганистан и понатаму нема никаква трага ни глас.

https://p.dw.com/p/Ae39
Фотографија: AP

Нема потврда, ниту пак докази за тврдењето на портпаролот на Талибанците дека четворицата вработени во германската фирма Еколог биле убиени и оставени на некоја сообраќајница, соопшти претставник на покраинските власти во Кандахар.

Пограничното подрачје меѓу Кандахар и Хелманд, каде наводно биле оставени телата на четворицата македонски Албанци, и понатаму детално се пребарува, изјави гувернерот на Кандахар Асадулах Калид. Шефот на полицијата за округот Мајванд, Сајфулах Кан, пак посочи дека испратените полициски патроли не успеале да најдат никаква трага од заложниците на местото каде наводно биле оставени. Проблем е и тоа што станува збор за многу оддалечени региони, каде безбедносната состојба е сложена, појасни и Кан.

И портпаролот на фирмата Еколог со седиште во Дизелдорф, Марк Оливер Хунхолц, изјави дека фирмата нема никакви докази за тврдењето дека четворицата вработени се убиени. Такви извештаи имало, но тие не се потврдени од официјална страна, соопшти Хунхолц на директно прашање од Асошијејтед прес. Претходно германската новинска агенција, повикувајќи се на локални полициски извори во Авганистан, јави дека телата биле пронајдени во едно минско поле во покраината Кандахар. Ваквата информација, меѓутоа, не доби официјална потврда ниту од централната власт во Кабул, ниту пак од германското Министерство за надворешни работи во Берлин.