Нека победи подобриот! | Северна Македонија | DW | 03.05.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Нека победи подобриот!

Двајцата кандидати имаа доволно време да се претстават себеси и своите програми, а гласачите ќе решат кому ќе ја дадат довербата.

Од ноќеска на полноќ почнува изборниот молк пред вториот круг од претседателските избори, што ќе се одржи в недела, на 5-ти мај. Двајцата кандидат, Гордана Сиљановска Давкова и Стево Пендаровски, првиот круг го завршија со тесна разлика во полза на кандидатот на владејачката коалиција. Во вториот круг влегуваат со нула гласови, и со надеж дека излезноста на гласачите ќе биде поголема. Велигденските празнувања и Први мај прилично ги скратија деновите за кампањата, во која и двата блока беа посветени на што поголема мобилизација на гласачите. Сите се надеваат дека успеале да ги разбудат неопределените и да ги мотивираат своите, кои од различни причини не гасале во првиот круг. Опозицијата во успехот на нивната кандидатка гледа „карт бланш“ за предвремени парламентарни избори, а власта - потврда на легитимитет. Јавноста очекува да победи подобриот. Двајцата кандидати имаа доволно време да се претстават себеси и своите програми, а гласачите ќе решат кому ќе ја дадат довербата. 

Повеќе: Жешки изборни шлаканици и за СДСМ, и за ВМРО-ДПМНЕ

Нов профил со транзициски шмек

Иако на социјалните мрежи ѝ беа упатувани непристојни критики во однос на нејзините години, реномираната професорка по право, Гордана Сиљановска Давкова, покажа одлична кондиција за време на изборната кампања. Најавтенично се претстави надвор од политичките собири: во тв-настап каде играше рокенрол и „На јога со Гога“. На митинзите се стопи нејзината натпартиска аура. Иако си обезбеди комфорна позиција - да не одговара за гревовите на партијата што ја кандидирала, комплетно го прифати партискиот речник на ВМРО-ДПМНЕ. Бегањето од осуда на „груевизмот“, го замени со критики за „заевизмот“. Најчесто употребувани зборови ѝ беа „право и правна држава“, кои ги третираше на два начина: исклучиво со критики кога зборува за актуелната власт, а со амнезија за правото и правната држава во деценијата на владеењето на ВМРО-ДПМНЕ. Интелигентна и досетлива, наоѓаше погодни формулации со кои на прашања можеше да го избегне зборот „осудувам“, а да не остане без одговор. На прашањето - зошто не го осудила насилството на 27-ми април, таа вели: „Јас повеќепати тоа го нареков 'Герника'“. Играта со термини кои можеби и не им се познати на сите гласачи, продолжи и по прашањето - има ли право шефот на државата да амнестира? „Членот 11 не постои“, одговараше таа, што за неупатените во законската регулатива не значи ништо, па осудени за 27- ми април од затвор пишуваа писма со поддршка за неа, не разбирајќи дека им кажува оти нема да ги амнестира. Еуфемизми користеше и за претседателот во заминување, Ѓорге Иванов, за чие кандидирање во првиот мандат лично дала поддршка. Ја избегна оценката за неговите противуставни постапки, давајќи само изјава дека „тој во вториот мандат бил маргинализиран“. Од друга страна, себеси се нарече „кактус“ како одговор на сомнежите дека ќе биде втор „фикус“. Институционалното решавање на етничките права го замени со кокетирање со етничките заедници преку примери на приватен план: „Родена сум во турска куќа“, „Од 10 години имам албанско побратимство“ „Мојата ќерка ја одгледа Ромка“, „Можев да се омажам за Албанец“...За Законот за јазици смета дека е донесен во целосна прекршена процедура.

 „Јас сум за политика во границите на правото, на Албанците им треба закон кој не е неуставен“, вели Сиљановска Давкова.

Präsidentschaftswahlen Mazedonien (Reuters/O. Teofilovski)

На митинзите се стопи нејзината натпартиска аура: Гордана Сиљановска Давкова

Кога говореше за правото, секогаш се повикуваше на странски реномирани професори, а кога стануваше збор за нејзината стручност, самата за себе не штедеше пофалби: „Јас сум синоним за знаење“, „Јас сум роден реформатор, сѐ што сум допрела сум реформирала“. Иако нема реформски податоци од нејзиниот министерски мандат во времето на транзицијата, таа не пропушти прилика да побара расчистување со „транзициските политичари“. Останаа запаметени нејзините симпатични гафови кога ги грешеше имињата на општините каде што се обраќаше, делумно поради замор, делумно затоа што допрва запознава делови од земјата. Најмалку застапени во нејзините обраќања - беа претседателските надлежности. Не знаеше колку војници има Армијата чиј врховен командант би била ако победи на изборите, ниту посвети време за надлежноста во надворешната политика. Обично културна и воздржана, во последниот дуел на ТВ „Канал 5“ го спушти нивото на разговор, употребувајќи навредливи изрази за опонентот, но и чаршиски муабети. Она што не е чаршиски муабет е нејзиното признание дека службено ќе го почитува новото уставно име - Република Северна Македонија, но приватно ќе го користи Република Македонија, заборавајќи дека шефот на држава не е приватна личност, ниту претседател на куќен совет, како што ѝ реплицираше Пендаровски. Гласачите ќе оценат колку ваквата изјава на средношколската шампионка во возење со ролшуи, може да ја извози земјата на опасен терен.

Гледај видео 02:46

Изборниот законик треба да се реформира

Втор обид на Пендаровски

Нејзиниот опонент Стево Пендаровски се обиде да ја врати јавната дебата на теренот на претседателските надлежности, но безуспешно, речиси идентично на обидот за туркање на неговото старо „југо“. Останаа да доминираат теми типични за парламентарни избори, на кои натпартискиот кандидат на владејачката коалиција, најчесто беше принуден да одговара на прашања врзани за политиките на Владата, а не за неговите претседателски планови. Иако и самиот е правник по професија, не го користеше тоа за правно надмудрување со опонентката. Се обиде да објасни како пресудата од Меѓународниот суд на правдата во полза на земјата не ја подобри позицијата во однос на спорот за името. Дека во политиката е важен дијалогот, соработката и визијата за решавање на крупните проблеми со соседите, заради деблокирање на перспективите. Кампањата ја помина во објаснување на разликата помеѓу „патот напред“ со Договорот од Преспа и „враќањето назад“, ако се има предвид ревизијата за него што ја заговараат опонентите. Како национален координатор за пристапување на земјата во НАТО, суверено владееше со темите за македонските интеграции. Иако тоа не изгледаше доволно привлечно за љубителите на популистички ветувања, Пендаровски остана доследен на „здодевните“ теми за ЕУ и НАТО, кои „не се мачкаат на леб“, но не навлезе во „мачкање“ на гласачите со теми кои не се дел од претседателските ингеренции.

Präsidentschaftswahlen Mazedonien (Reuters/O. Teofilovski)

Ако се исклучат новите брчки, тој во кампањата не беше ново лице: Стево Пендаровски

Иако опонентите се обидуваа да му наметнат партиска аура, неговата работна биографија не им даде таква можност: зад него стои минат труд на советник на двајца претседатели од различни партиски кампуси - Борис Трајковски и Бранко Црвенковски. Противкандидатката се обиде да го дискредитира заради неговата работа во секторот аналитика МВР, зборувајќи за „контаминираност“ на таквите кандидати, што ја однесе во една многу непромислена критика за „такво минато“ на рускиот претседател Владимир Путин и на бугарскиот премиер, Бојко Борисов, на што доби соодветна лекција од Пендаровски.

Особено значен е советнички мандат на Пендаровски за време на конфликтната 2001 година, која заврши со потпишување на Рамковниот договор, кој и тогаш, и денес е критикуван од неговата опонентка.

Ако се исклучат новите брчки, тој во кампањата не беше ново лице, со оглед дека ова е негова втора кандидатура за претседателската функција, но со голема разлика - во целосно изменети политички услови, на чекор пред зачленување на земјата во НАТО, нешто што беше незамисливо во времето кога Иванов го трчаше тој круг. До крајот на кампањата не беше поштеден од навредливи изборни спотови и вадење на негови поранешни изјави од контекстот во кој биле дадени. Не ги наброи „побратимите“ од другите етнички заедници. Изјави дека ги очекува гласовите на сите граѓани кои перспективата на земјата за гледаат во интеграцијата во ЕУ и НАТО.

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама