1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Незадоволителна оценка за Македонија на европскиот тест

9 ноември 2010

Остри критики Брисел оваа година упати пред се‘ за политичките притисоци врз судството, врз слободата на изразување и информирање, за партизираноста на јавната администрација и меѓуетничките тензии.

https://p.dw.com/p/Q2iv
Фотографија: DW

Во најновиот извештај на Европската комисија за напредокот на Македонија се појавија проблематични области, кои никогаш досега не биле оценети како такви. Ваквото влошување се должи пред се‘ на политичките и владини притисоци врз општествени сегменти кои во демократските држави мора да бидат оставени слободни и независни.

Брисел годинава оценува дека „напредокот во судскиот систем е ограничен„ и дека „не се направени дополнителни напори за обезбедување независно судство во пракса“. Европската Комисија смета дека лично министерот за правда и неговата улога претставуваат мешање на извршната власт во работата на судството, што предизвикува голема загриженост.

Нападите на владејачката ВМРО ДПМНЕ, на премиерот, на спикерот на Собранието и на министерот за правда врз Уставниот суд, исто така го отвораат прашањето на политичките притисоци врз судството, пишува годинава Брисел.

Вакви остри критики не се забележани во последниве години во извештаите за Македонија.

Медиумите остануваат поделени по етничка и политичка линија

Mazedonien Land und Leute Gericht in Skopje Amtsgericht Gebäude
Судството и натаму еден од најгорливите проблеми на МакедонијаФотографија: Petr Stojanovski

Понатаму во делот на слободата на изразување во медиумите, Брисел ги увиде постојаните политички притисоци врз поединечни новинари и ја опишува ситуацијата со следните зборови: "Медиумите остануваат поделени по етничка и политичка линија, а автоцензура е распространета. Тужбите за клевета против поединечни новинари и огромните парични казни загрижуваат. Заплашувањето на новинари кои се соочени со политчки притисоци и закани претставуваат сериозен проблем".

Не е поштедена ни јавната администрација, чиј начин на функционирање и назначување кадри останува премногу нејасен и недоволно професионален. Брисел смета дека јавната администрација мора да се заснова на систем на заслуга, а не на партиски книшки и тоа уште еднаш го повторува и оваа година.

Од македонската влада се‘ уште ги чека информациите за тоа колку привремени работни места се претворени во постојани и на кој начин се направени тие промени.

Законот за антидискриминација, како што се очекуваше, е предмет на критика, но не само поради невметнувањето на сексуалната ориентација како основа за заштита од дискриминација, туку и поради фактот што овој закон не предвидува доволен административен капацитет кој ќе ги обезбеди механизмите на заштита. Притоа, Брисел смета дека политичкиот дијалог при донесувањето на овој закон бил низок.

Меѓуетничките односи се исто така извор на тензии, оценува Брисел годинава, што беше најочигледно во дебатите за проектот Скопје 2014 како и во дебатата за законот за јазици.

Сериозна загриженост за состојбите во затворите

Kind im Roma-Slum Shutka
Делот за човековите права најнегативенФотографија: DW

Понатаму, ЕК е сериозно загрижена за условите во затворите, особено Идризово, кој го оценува како деградирачки. Недоволни финансиски и човечки ресурси, мешање на политиката, недоволна обученост на кадрите кои работат во затворите, лош здравствен систем и дефицитарен однос кон ранливите групи на затвореници особено малолетниците, ова се забелешките кои ги набројува Европската Комисија. Условите во затворите се оквалификувани како супстандардни.

Невработеноста кај младите е исто така предмет на загриженост во Брисел. Екстремно слаба останува и интеграцијата на ромското население, каде невработеноста достигнува неверојатни 78 проценти. Македонија оваа година бележи најнегативна слика во делот за човековите и граѓанските права.

Автор: Тања Милевска

Редактор: Елизабета Милошевска Фиданоска