1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Закон и правосудство

На балканскиот начин, потребен му е европски зачин

Тони Поповски
19 март 2022

Апсењето на Бојко Борисов и политичката драма во Бугарија. Проценките се дека европската економија трпи штети од корупција поголеми од 120 милијарди евра годишно. Пишува Тони Поповски

https://p.dw.com/p/48gh7
Bulgariens Ex-Regierungschef Borissow festgenommen
Фотографија: Olivier Hoslet, Pool via AP/picture alliance

Повод за колумната е тековната политичка драма во соседна Бугарија, која настана како резултат на приведувањето на поранешниот премиер Бојко Борисов и неколкумина негови блиски соработници. Повод за приведувањето е отворена истрага, но како и за секоја истрага, мал е бројот на достапни информации, а голем е бројот на шпекулации. Приведувањето се случи неспоредно по посетата на европската главна обвинителка Лаура Ковеши и нејзината објава дека поврзано со начинот на трошење на европските средства во Бугарија се покренати 120 истраги. 

Во контекст на овој настан, значајна е и изјавата на бугарскиот премиер Петков: „Постапките на МВР покажуваат дека никој не е над законот во Бугарија. Јас самиот бев сослушан и го дадов моето сведочење. Европското обвинителство моментално води истрага, но ќе видиме во наредните денови каде е бугарското и дали ќе застане на страната на бугарскиот народ. Мојата улога е да им дадам целосна слобода на сите тела да дејствуваат во согласност со нивните законски овластувања. Никој не треба да се плаши од вистината. Само без страв од недопирливите Бугарија навистина може да се промени“. 

Овие настани сами по себе не се директно поврзани со нашите тековни разговори за кревање на бугарското вето, како и за воспоставената соработка во низа области, но сепак индиректно влијаат на атмосферата во бугарското општество. Во оваа колумна нема да изнесам претпоставки дали овие настани се поволни за нас, но од значење за нас е да се разгледа овој „случај“ од аспект на функционирање на европските институции, како што е од неодамна формираната Канцеларија на европскиот јавен обвинител (КЕЈО). 

„Заштита на парите на даночните обврзници на ЕУ од криминалци" 

Корупцијата не е предизвик само кај нас и на Балканот, туку и во Унијата. Проценките се дека овој девијантен феномен ја чини европската економија околу 120 милијарди евра годишно.

Иницијативите за формирање на европско јавно обвинителство датираат од пред повеќе од 25 години. Првиот вистински пробив во оваа насока, се случи со Договорот од Лисабон (на сила од 2009) кој утврди правна основа за создавање на Канцеларија на европски јавен обвинител – КЕЈО. 

Nordmazedonien Ex-Umweltminister Toni Popovski
Тони Поповски е архитект и поранешен министер за животна срединаФотографија: privat

На Европската Комисија ѝ беа потребни дополнителни 6 години да понуди соодветна регулатива (2017) со која обвинителството се воспостави како независно тело на ЕУ, со надлежност за насочување, координација и надзор на кривичните истраги и за гонење на осомничените пред националните судови во согласност со заедничката политика на обвинителството.  Почнувајќи од јули, 2019 година, земјите-членки учеснички во воспоставувањето на КЕЈО, треба да ја усвојат и транспонирааат  Директивата за борба против измамите на финансиските интереси на Европската унија со помош на кривичното право, во нивните национални законодавства. Со оваа директива се ограничува мандатот на КЕЈО на кривични дела поврзани со прекугранична измама со ДДВ која вклучува вкупна штета од најмалку 10.000.000 евра, други видови измами кои влијаат на финансиските интереси на ЕУ, корупција која ги оштетува или веројатно ќе ги оштети финансиските интереси на ЕУ, неправилно присвојување на средства или имот на ЕУ од страна на јавен функционер, перење пари и организиран криминал, како и други прекршоци нераскинливо поврзани со една од претходните категории. 

„Ќе се бориме со моќни луѓе, ќе истражуваме моќни луѓе“ – Лаура Ковеши

Лаура Ковеши е прв избор на Унијата, и ја врши функцијата на европска главна обвинителка од октомври, 2019 година. На почеток на 2022 година, од страна на угледниот бриселски портал Политико беше посочена како една од 28-те највилијателни личности во Унијата. Во минатото беше главна обвинителка на романската Национална антикорупциска дирекција (2013  - 2018). Под нејзино водство, беа поведени истраги против стотици поранешни судии и обвинители, десетици градоначалници и пратеници, двајца поранешни министри и еден поранешен премиер. Ефектите од истрагите не беа на задоволително ниво поради низа опструкции, но бескомпромисноста и иницијативноста на Лаура Ковеши, ја претворија во икона на борбата против корупцијата во Европа и пошироко. 

EU-Staatsanwältin Laura Kövesi in Bulgarien
Европската главна обвинителка, Лаура КовешиФотографија: BGNES

И покрај нејзиното назначување во октомври, 2019, КЕЈО започна оперативно да функционира дури во јуни 2021 година. За десет месеци, регистрирани се повеќе од 2.500 пријави за криминал од земји-членки на ЕУ и приватни страни, а отворени се повеќе од 500 истраги. Самите овие бројки ја потврдуваат оправданоста од постоење на една ваква, специјализирана и заедничка институција на Унијата. Обвинителството има канцеларии и национални обвинители во 22 членки на Унијата, вклучувајќи ја и Бугарија. Сите тие, заклетва даваат пред Судот на правдата на ЕУ.

Примерот со оформувањето на Канцеларијата на европскиот јавен обвинител и самиот избор на Ковеши, е поучен и за нашата држава. Пристапот упатува на потреба од целосна деполитизација на обвинителите. За да тоа се постигне неопходни се соодветни механизми и процедури за избор.

Бидејќи неодамнешното именување на обвинителите повторно предизвика недоразбирања меѓу најголемите партии кај нас, препорачливо е да се навратат партиите на укажувањата на Венецијанската комисија (од 2017) за изнаоѓање соодветен баланс помеѓу барањето за демократска легитимност на таквите назначувања, од една страна, и барањето за деполитизација, од друга страна. За првово, партиите имаат консензус и не сакаат да се откажат од влијание на Собранието врз изборот, но не ретко и конјуктурно подзабораваат на потребата од второто, од изнаоѓање и назначување на деполитизирани кандидати. 

На ова се надоврзува и потребата од забрзано спроведување на препораките од Националната стратегија за борба против корупција, имајќи ја предвид забелешката на ДКСК дека Владата и министерствата спровеле околу 30 отсто од препораките. Истовремено, оваа состојба е  неповторлива можност за новата Влада со сите партии кои ја поддржуваат, да ја промени парадигмата и да го унапреди спроведувањето на оваа политика. Враќање на довербата на граѓанките и граѓаните во институциите, е најмногу поврзано токму со оваа политика.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема