„На Балканот му е потребна јасна порака - вие и′ припаѓате на ЕУ“ | Информации и анализи за Балкан | DW | 05.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Балкан

„На Балканот му е потребна јасна порака - вие и' припаѓате на ЕУ“

Пратеникот на Зелените и претседател на германското Друштво за Југоисточна Европа, Мануел Сарацин, во интервју за ДВ зборува за бегалците, проширувањето на ЕУ и политиката кон Балканот на неговата партија.

ДВ: Господине Сарацин, кои се за Вас приоритетни теми во ЕУ во 2021 година кога станува збор за централна и југоисточна Европа?

Мануел Сарацин: Мислам дека по турбулентната 2020 година, се разбира со короната, но не само поради неа, екстремно се важни две работи: за централна Европа важи - да се одржува заеднишвото, а за југоисточна Европа, за Западниот Балкан, важи - повторно зајакнување на перспективата за проширување, која треба да се направи и поверодостојна.

Што би можело да даде полет?

Прво, мораме акутно да ги промениме навистина големите удари кои двократното оневозможување на почеток на преговорите за приклучување со Северна Македонија и Албанија му ја нанесоа на веродостојноста на проектот, со тоа што ќе ги отвориме преговорите и на соодветните земји реалистично ќе им го одредиме патот во ЕУ. Потоа, мора да се обидеме да го преструктуираме процесот на проширување, со тоа што подиректно би биле вклучени цивилното општество, граѓанските друштва на тие земји, а ќе ја намалиме соработката само со администрацијата и владите.

Поддршката во ЕУ за проширувањето е разнишана и тоа се чини тешко спроведливо, особено за земји како Косово или Босна и Херцеговина. Дали не е потребна поинаква перспектива за регионот?

Не! Не познавам никого кој дал некаков друг добар предлог. И, ако погледнеме каде денес се наоѓа Турција, зборувањето за „членство од втора класа“, некакво „привилегирано партнерство“ и „надворешен раб на јадрото“ можеби не било единствена причина, но сигурно било една од причините за скршување на таа земја од патот кон ЕУ. Потребно е јасна порака: Вие припаѓате тука! Без ваква јасна порака немаше да успее ниту прошрувањето во 2004 и 2007 година. Никој не сака во еден клуб да биде член од втора класа.

Го спомнавте цивилното општество. Сега се преговара само со политичките елити, а тие ги познаваат тешкотиите на ЕУ и ја изигруваат Европа за сметка на Кина и Русија... Како да им се застане на патот на тие луѓе?

Вистина е дека актерите во земјите кои сакаат да бидат дел од ЕУ, но и во членките на ЕУ, ја имаат перфекционирано играта на зборување во Брисел сосема друго од она што го зборуваат во своите земји. На овие елити мора да им сигнализираме дека сме ја препознале играта и дека нема да правиме отстапки за бадијала. Тоа, меѓу другото, значи и дека со некои земји не се отвора поглавје од преговорите за приклучување затоа што се вели дека реформите, да речеме во делот на правосудството во Србија или Црна Гора, немаат таков ефект како што е ветено. А, кај земјите кои навистина прават напори за реформи, по зборовите да следуваат дела. Тука во изминатите две години, не само 2020-та, туку и 2019-та, навистина тргнавме по погрешен пат со тоа што ги оставивме Северна Македонија и Албанија да гладуват и натаму пред вратата.

Значи, притисок врз Бугарија и другите земји во ЕУ кои блокираат продолжение на преговорите за приклучување?

Точно. Не може билатерални прашања да го блокираат проширувањето на ЕУ.

Политичари од Западниот Балкан критикуваат дека во корона-кризата не се добива доволно поддршка од ЕУ. Дали е тоа оправдано?

Мислам дека ЕУ, пред се' со економскиот пакет кој го најави, веќе испрати сигнал и дека проблемот е повеќе во акутната помош во кризата, кога земји како Кина и делумно Русија, како и политичари од регионот, како српскиот претседател Александар Вучиќ, едноставно ја перфекционираа играта на, така да се каже, искористување на некоординираноста во ЕУ за свои цели. Меѓутоа, мислам дека во меѓувреме многу луѓе согледуваат дека ЕУ е повеќе актер кој игра на долги патеки. Така е и со борбата против пандемијата и економските последици од неа. И, всушност, секому кој живее во регионот му е јасно дека нема друга латернатива кон која може да се насочи освен најголемиот внатрешен пазар во светот кој се наоѓа директно на границата на сопствената држава.

Важна тема во ЕУ, кога станува збор за ЈИЕ, е проблемот на бегалците. Германскиот политичар Фридрих Мерц изнесе став дека тие луѓе би требало да се згрижат локално, значи во БиХ и Грција, а не да бидат пуштени да продолжат натаму во Европа. Како го коментирате тоа?

Германскиот став е познат веќе долго - сакаме фер распределба и не можеме да ги оставиме ниту Грција ниту БиХ сами со таа ситуација. Кога ќе се погледне ситуацијата на бегалците во БиХ, тогаш е релативно јасно дека снабдувањето таму не функционира. Сметам дека е нереално да се верува дека таму може да се организира идеално згрижување, некакво кое би било хуманитарно прифатливо. На крајот на краиштата, тие луѓе и не сакаат во БиХ, туку во ЕУ. Дотолку повеќе „програмата за населување“, под наводници, за некакви наводно луксузни кампови таму, е апсолутно нереална. Мораме да ја ублажиме хуманитарната ниужда на тие луѓе, но мора да напредуваме и кога се работи за распоредување на бегалците во рамките на ЕУ, било доброволни или недоброволни контингенти. Во секој случај, тамошната ситуација не може едноставно да се остави таква каква што е.

Ова е година во која ќе се одржат сојузни избори во Германија. Што би требало да се промени во однос на централна и југоисточна Европа доколку Зелените влезат во новата влада?

Независно од исходот на изборите, т.е. од новата влада, мислам дека мора да се задржат акцентите на Западниот Балкан. Германија во последните години таму е фактор кој е склон кон проширувањето и е присутен во регионот. Одлучувачки ќе биде политичкиот приоритет да остане голем или да биде уште поголем отколку досега. Ќе имаме сигурно нови лица, сигурно во Канцлерамтот, можеби и во Министерството за надворешни работи. Ќе ни биде важно тие лица да и' даваат и натаму приоритет на југоисточна Европа.

За централна Европа верувам дека главна задача следните години ќе биде да се одржи заедништвото на Европа, да се задржат сопствените уверувања, но со нашите партнери во централна Европа да се води дискурс кој ќе се обиде да го надмине овој раскол помеѓу Истокот и Западот во ЕУ, барем комуникативно. И, во краен случај, да се рече: има работи за кои немаме исто мислење.

Конечно, наспроти се', сакаме заедно да ја унапредиме Европа, затоа што сме упатени на овој проект. Заеднички! Тоа е апелот до Будимпешта и Варшава, но сигурно по малку и до Берлин и Брисел.