НАТО ќе се ангажира повеќе во борбата против тероризмот | Свет | DW | 18.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

НАТО ќе се ангажира повеќе во борбата против тероризмот

Алијансата најави зголемени и проширени мерки во борбата против тероризмот, но колку од тоа е „ново“ и „подобрено“? Притисокот од Трамп, сепак, се чини вроди плод.

Еден од постојаните приговори на американскиот претседател Доналд Трамп во однос на НАТО е дека недоволно се бори против она што според него е најголемата закана во светот: тероризмот. Промените на овој план веќе беа започнати, но со зголемениот притисок од Вашингтон, Алијансата забрзано измени дел од активностите и презема нови чекори за да го зголеми придонесот во борбата против тероризмот.

Борбата против тероризмот не е во описот на задачи на НАТО. Но, не беше нивна задача ни како да се справат со „малите зелени човечиња" или интернет тролови. Алијансата се развива за да одговори не само на вистинските нови и хибридни закани, туку и да ги исполни очекувањата на јавноста за нејзината улога како гарант на безбедноста.

„Така стојат работите", објаснува Бруно Лете од бриселската канцеларија на германскиот Маршалов Фонд. „На членките на НАТО им е јасно дека ова не е нивната основна задача", вели тој. „Но, реалноста од заканите на денешницата бара и Алијансата да размислува покреативно за тоа како може да се ангажира и на ова поле и според мене е позитивно тоа што НАТО се обидува да одигра корисна улога во борбата против тероризмот, дури и ако нејзиниот придонес се однесува главно на индиректни мерки."

Борба против тероризмот

Алијансата направи драматични промени во последниве неколку години. Најочигледен пример е пристапот кон Глобалната коалиција предводена од САД за борба против Исламската држава. Во 2014 година кога беше формирана групата, некои сојузници не беа среќни поради фактот дека штабот на НАТО се користи за коалициски состанок. Особено Германија инсистираше на тоа да нема никаква поврзаност на НАТО со тоа, да не се користи логото на НАТО во медиумските извештаи (кои сами по себе беа сведени на минимум). Официјалните претставници на НАТО тогаш постојано појаснуваа дека нема „потреба“ да влезат во коалицијата со оглед на тоа дека сите членки се веќе дел од неа.

И не само тоа, туку НАТО потсетува дека беше целосно вклучен во тековната борба против тероризмот како што е војната во Авганистан, каде трупите на НАТО и нивните партнери се уште се борат против талибанците и нивните нови сојузници од ИС за што е потребно зголемување на бројот на трупите.
Но, откако администрацијата на Трамп го впери прстот кон НАТО, аргументите против приклучување на коалицијата се надвладеани со практични и политички предности и минатиот месец Алијансата конечно седна на коалициската маса.
Зборувајќи еден ден пред министерскиот состанок, Генералниот секретар Јенс Столтенберг ја најави одлуката. „Со ова не се испраќа само силна порака за обединетост во борбата против тероризмот, туку ова ќе служи и како платформа за практична соработка. НАТО е сега целосно интегрирано во системот на размена на информации и во структурите на коалицијата каде се носат одлуки," нагласи Столтенберг. НАТО веќе го прифати барањето на САД за зголемено користење на едно специјално летало АВАКС за потребите на коалицијатаза набљудување.

Разузнавачки оддел

Столтенберг најави и активирање на нова „Терористичка разузнавачка келија" во неодамна основаниот разузнавачки оддел кој треба да помогне во координирањето на информациите и активностите меѓу сојузниците. Во останатите антитерористички мерки спаѓаат и проширена обука за ирачката војска и наскоро, помош за новата либиска влада признаена од ОН.

Даниел Кеохане, виш истражувач во Центарот за безбедносни студии на ЕТХ, Цирих, смета дека се ова повеќе „козметички“ мерки. „Дел од НАТО се прилагодува на Трамп, поакажувајќи дека е вредно неговото приоритетно прашање да се победи ИСИС", вели Кеохане за ДВ. „Тоа му отвара можност на американскиот претседател да извојува лесна политичка победа дома: ‘видовте го убедив НАТО да стори повеќе во борбата против ИСИС.' Но, не гледам како со ова ќе се направи голема промена во начинот на кој сојузниците се борат со ИСИС надвор од Европа".

ISIS / Mossul / Kämpfer (Reuters)

Појавата на „Исламската држава“ ја стави на приоритетно место борбата против тероризмот за НАТО

Кога станува збор за борбата против тероризмот на сопствена територија, што инстинктивно е приоритет за граѓаните кои живеат во сојузничките земји, пречките се превисоки и за НАТО да обезбеди дополнителна безбедност. Европските влади се познати по тоа дека не се подготвени да споделуваат разузнавачки информации, особено за чуствителни теми како тероризам, и го прават тоа речиси исклучиво на билатерално ниво. Овие работи остануваат во рацете на националните влади, а со тоа се во доменот на полицијата и безбедносните сили како и судството.

Меѓу бесмисленост и ефикасност

Јан Техау, директор на Ричард Холбрук, Форумот за дипломатија и владеење на Американската Академија во Берлин вели дека новата антитерористичка иницијатива не е целосно бесмислена, но нема да биде ниту многу ефикасна. Неговата главна поента е дека борбата против тероризмот не смее да биде измешана со основната задача на НАТО како гарант на стабилноста, ниту пак ресурсите на Алијансата, вклучително и време и внимание да бидат пренасочени во оваа насока.

„Треба да дебатираме за други стратешки работи, вклучително и за трансатлантската солидарност; не треба да зборуваме за претворање на НАТО во примарна агенција за борба против тероризам", вели Техау за Дојче Веле.

Според него, за територијата на НАТО да биде безбедна, новата разузнавачка келија за координација во рамките на Алијансата нема да помогне. „Трансатлантската безбедност во крајна линија е решена во Белата куќа," вели тој. „И се додека постои сомнеж околу тоа дали оној што живее во Белата куќа е целосно посветен кон тоа или не, се додека овој ризик на некој начин демне во позадина ќе имаме задоцнета криза, ако не и вистинска."
Статистиката на Пев истражувачкиот центар која произлезе од анкета направена неделава покажува висок степен на сомнеж во администрацијата на Трамп кај НАТО нациите и пошироко. Но, можеби Трамп и помогна на Алијансата на друг начин. Друга анкета на Пев пак покажува зголемено позитивно мислење за НАТО и во Америка и во сојузничките земјите.

Реклама