Градилиштата на НАТО | Свет | DW | 14.06.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Градилиштата на НАТО

Шефовите на држави или влади на НАТО во Брисел имаат многу теми за разговор - од односот кон Кина до издатоците за оружје.

Русија

Анексијата на Крим, случајот Навални, поддршката за белорускиот властодржец Лукашенко: односите на НАТО со големиот сосед на исток се на најниска точка. Москва, според генералниот секретар на НАТО, Јенс Столтенберг, се однесува сѐ поагресивно: „Русија ги застрашува своите соседи, ја угнетува мирната опозиција и врши сајбер напади и хибридни напади во држави на НАТО“, изјави Столтенберг. Западната воена алијанса со години се потпира на двојна стратегија кон Русија - засилено заплашување и понуди за разговор - со цел да го натера руското раководство на промена на курсот, но тоа досега нема успех. Столтенберг сака наново да го заживее Советот НАТО Русија, кој се нема состанато повеќе од година и половина. Украина, Сирија, Белорусија - тоа се всушност доволно теми за разговор. Но, придвижување би можело да има дури по средбата на американскиот претседател Џо Бајден и рускиот претседател Владимир Путин.

Кина

Кога генералниот секретар на НАТО зборува за „нови предизвици во еден сѐ понепресметлив свет“, со тоа пред сѐ се мисли на огромниот кинески подем и нескриените амбиции на раководството во Пекинг. Кинаја надградува својата армија, развива ново оружје и располага со најголемата воена морнарица во светот. Сепак, НАТО не ја опишува авторитарната земја како противник, туку во сферите на трговијата, заштитата на климата и разоружувањето гледа шанси за соработка. Но, „Пекинг не ги дели нашите вредности“, вели генералниот секретар Столтенберг и укажува на угнетувањето на Ујгурите, задушувањето на демократското движење во Хонгконг или заканите кон Тајван. Како НАТО да се однесува со новиот ривал? На тоа алијансата сѐ уште нема одговор. Актуелната стратегија на НАТО датира од 2010 година, а во неа Кина не е спомената со ниту еден збор. Тоа би требало да се промени по овој самит.

Symbolbild NATO - China

Како НАТО да се однесува со новиот ривал?

Пари

Доналд Трамп е минато, но САД и натаму вршат силен притисок кога станува збор за темата вооружување. Партнерите би требало конечно да издвојуваат по два проценти од свето економско постигнување, како што е договорено. Тоа го бара и генералниот секретар на НАТО, иако (или поради тоа што) членките на ЕУ и Канада ги зголемуваат своитеиздатоци за одбраната. Столтенберг бара да се остане на тој курс, а НАТО треба не само повеќе, туку и подобро да инвестира. На пример, би можеле значително да бидат зголемени издатоците за подобра противракетна одбрана или за подобра комуникациска техника. Но, не сите членки на алијансата сакаат да даваат повеќе пари за заедничкиот буџет.

Washinton Weißes Haus Jens Stoltenberg NATO

Столтенберг: НАТО не е само воена алијанса, ние сме политичка воена алијанса

НАТО 2030

НАТО сака да се реформира и да се поткова за иднина со нов стратешки концепт за да може да одговори на предизвиците - сајбер напади, тероризам и нови технологии. Светот во последните години значително се промени. Освен тоа, партнерите би требало подобро да се усогласат и околу политичките прашања. Последно Доналд Трамп предизвика незадоволство со својот самостоен потег во врска со повлекувањето од Сирија, а Турција, на пример, се кара со својот НАТО-партнер, Грција, во врска со резерви на гас и купува оружје од Русија.

„НАТО не е само воена алијанса, ние сме политичка воена алијанса“, вели Столтенберг.

Алијансата сака повеќе да се занимава и со проблемот на промена на климата, затоа што сушите или зголемувањето на нивото на морињата предизвикуваат сѐ повеќе борби за надмоќ. Закана за меѓународната безбедност би можел да стане и мразот кој се топи на Арктикот, зашто РУсија и Кина, меѓу другите, веќе најавија свои претензии за новите суровини таму и за нови поморски патишта.