1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

НАТО во кризен модус

Кристоф Хаселбах
3 април 2019

Пред 70 години дванаесет држави од Европа и Северна Америка го основаа НАТО. Денес првенствено Доналд Трамп сее сомнежи во иднината на еден од најуспешните воени сојузи во историјата.

https://p.dw.com/p/3G7En
Nato Logo
Фотографија: Imago

НАТО во Европа служи за „Русите да ги држи надвор, Американците внатре, а Германците долу“. Ова во една прилика го изјавил првиот генерален секретар на Северноатлантската алијанса, британскиот лорд Хастингс Исмај во неформален круг. А тоа се поклопувало со широко распространетиот став од тие години: Втората светска војна, започната од Германија, била завршена само пред неколку години, Советскиот Сојуз ја контролирал целата источна половина од Европа, вклучувајќи го и источниот дел од Германија, а Американците првично размислувале дали повторно да ја препуштат Европа самата на себе и со тоа можеби и на уште поголемо советско влијание.

За волја на вистината, Германија не била долго држена „долу“: Сојузна Република Германија брзо стекнала толкава доверба што во 1955 година станала членка на НАТО, а Германската Демократска Република се приклонила кон  Варшавскиот пакт со кој доминирал Советскиот Сојуз.

Belgien Nato-Hauptquartier in Brüssel Flaggen
Главниот штаб на НАТО во БриселФотографија: John Thys/AFP/Getty Images

Студената војна со својата рамнотежа на меѓусебно заплашување траела околу 40 години. Ситуацијата била напната, но и стабилна. Во заднината на преговорите со Советскиот Сојуз за разоружување во 1988 година, на тогашниот претседател на САД, Роналд Реган му беше важно да каже дека Вашингтон секогаш водел сметка за интересите на Европејците: „На прво место за мене е зачувување на силно и здраво партнерство меѓу Северна Америка и Европа. Ние никогаш нема да ги жртвуваме интересите на тоа партнерство заради некоја спогодба со Советскиот Сојуз“.

Нови конфликти

Во 1989 и 1990 година ситуацијата радикално се промени. Комунизмот беше соборен, Советскиот Сојуз се распадна. Победничките сили од Втората светска војна се сложија повторно обединетата Германија да стане членка на НАТО. Голем пресврт во Европа настана и со тоа што за само неколку години мнозинството членки на Варшавскиот пакт, како Полска, Романија или балтичките држави, пристапија кон НАТО.

Во меѓувреме се врати ситуација слична на Студената војна. Русија тврди дека се чувствува загрозена од ширењето на НАТО кон Исток и се вооружува. Тоа го кочи натамошното ширење на Алијансата. Грузија и Украина на пример моментно не можат да полагаат големи надежи во прием, зашто НАТО не сака нови  конфликти. А нив Алијансата ги има и онака доволно. Од 90-те години, сѐ повеќе се ангажира вон територијата на сопствените членки, во кризните региони ширум светот. Тоа во Германија, поради нејзиното националсоцијалистичко минато, на почеток предзвикуваше жестоки дискусии, но во меѓувреме Германија учествува во цела низа воени интервенции во странство, на пример на Балкан и во Авганистан.

Повеќе:

20 години од НАТО бомбардирањето на Југославија

20 години од проширувањето на НАТО кон исток- неостварени надежи

Во својата 70-годишна историја НАТО само еден единствен пат се прогласи за нападнат како сојуз, поради напад на само една негова членка. Тоа беа САД по терористичките напади од 11 септември 2001 година. Но, за последиците од тој случај исто така се разгоре дебата која со години создаваше поделби во Алијансата.

Со Трамп сѐ се измени

Од стапувањето на Доналд Трамп на должноста американски претседател пред две години, НАТО повторно е под притисок. Трамп во повеќе наврати ја доведе во прашање смислата на НАТО и колективната обврска за одбрана. Во 2018 година праша зошто САД мораат да бранат толку мала земја како што е Црна Гора и така ризикуваат „избивање Трета светска војна“. Трамп отсекогаш ја обвинуваше во прв ред Германија за неплаќање доволно пари во Алијансата, за нешто подоцна малку да ги ублажи нападите, но останува на тврдењето дека САД плаќаат премногу во буџетот на НАТО: „НАТО е важен, но тој на Европа ѝ помага повеќе отколку нам“.

Donald Trump NATO Conference
Трамп постојано ја држи Германија „на нишан“ поради паритеФотографија: picture-alliance/NurPhoto/J. Arriens

Германската канцеларка Ангела Меркел на истиот самит одговори дека Германија му е многу благодарна на НАТО. „Но, и Германија прави многу за Алијансата. Ние сме втора земја по сила кога станува збор за бројноста на војници. Најголем дел од нашите воени способности е во служба на НАТО. И до денес сме многу ангажирани во Авганистан, со тоа застапувајќи ги и интересите на САД“.

Алијансата не е вклесана во камен“

Официјална цел на НАТО, според самитот од 2014 година, е секоја членка да ја финансира Алијансата со сума која до 2024 година би требало да се движи „во насока“ од два процента од брутодомашниот производ. САД во 2018 година издвоија 3,29 проценти, мал број членки на НАТО ја достигна границата од два отсто, Германија – само 1,23 проценти. И најновиот германски буџет не предвидува два процента. Меркел вети до 2024 година 1,5 проценти, додека Трамп бара „најмалку“ два. Германската Социјалдемократска партија, членка на германската владина коалиција, посебно го кочи зголемувањето на воените издатоци. Портпаролот на партијата за надворешна политика Нилс Шмит за Дојче веле изјави дека споменатите два проценти не треба да се третираат „како фетиш“, зашто решавачко е „зголемувањето на нашата борбена готовност, а тоа го правиме“. Спорот продолжува.

Повеќе:

„Американскиот амбасадор се однесува како гувернер на окупаторска сила“

Што му должи Германија на НАТО?

Генералниот секретар на НАТО неодамна рече: „Вечното постоење на трансатлантските врски не е нешто што е вклесано во камен“. Но, таа изјава не му беше наменета на Берлин. Столтенберг се надева: „Во историјата на НАТО веќе сме имале бројни разлики во мислењата и секогаш сме ги надминувале. Зашто, на крајот сите се согласуваме дека Северна Америка и Европа заедно се посигурни“.