Насоките од Будимпешта - клучни за СЈО | Северна Македонија | DW | 19.03.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Насоките од Будимпешта - клучни за СЈО

Повикувањето на „Европските насоки за етика и однесување на јавните обвинители“, открива на кои пунктови се темелат главните забелешки на работната група на опозицијата во однос на СЈО

Насоки од Будимпешта. Ова не е порака од азилантот Никола Груевски, туку второ име на документот „Европски насоки за етика и однесување на јавните обвинители (Насоките од Будимпешта)“, усвоени на Конференцијата на главни обвинители на Европа, одржана на 31 мај 2005 година во престолнината на Унгарија. Покрaј големиот број меѓународни препораки, и ова е еден од документите за кои работната група предложена од ВМРО-ДПМНЕ смета дека не биле земени предвид при подготовката на предлог-законот за Јавното обвинителство, иако се суштествени за таа област.

Насоките од овој документ откриваат на кои пунктови се темелат главните забелешки на работната група на опозицијата, предводена од адвокатот Тони Менкиноски. Во глава 3, која се однесува на „Професионалното однесување во рамки на кривичните постапки“, меѓудругите, се наведени и следниве насоки: „Обвинителите да ги проверат предложените докази за да видат дали тие биле законски стекнати; да одбијат да користат докази за кои оправдано се верува дека биле стекнати на незаконски начини што претставува груба повреда на човековите права на обвинетото лице или на некое друго лице, против сите освен оние кои примениле такви методи на незаконско обезбедување докази; да настојуваат да се осигурат дека е започната соодветна постапка против одговорните кои користеле методи на незаконско обезбедување докази“.

Бомбите“ и приватното однесување

Токму овие насоки го реотвораат прашањето за користење на „бомбите“ и во тековните постапки, а за кои опозицијата реагира дека се стекнати на незаконски начин. Да потсетиме дека Врховниот суд во наредниот период треба да одржи седница, на која и од странски експерти ќе бара мислење дали прислушкуваните разговори може да се користат како докази во судска постапка.

Но, во фокусот на опозицијата се и насоките од овој документ кои се наведени во делот „Приватно однесување“ на обвинителите. Во него се наведува: „Јавните обвинители не смеат да го загрозат актуелниот или оправдано согледаниот интегритет, правичност и непристрасност на службата на јавното обвинителство со активности од нивниот приватен живот; Јавните обвинители не смеат да користат какви било информации до кои тие имале пристап во текот на нивниот работен ангажман за неоправдано задоволување на сопствените приватни интереси или интересите на други лица; Јавните обвинители не смеат да прифатат да земат од трети лица какви било подароци, награди, бенефиции, работи што ќе ги мотивираат или да прифатат гостопримливост или да прифатат да вршат задачи со кои е возможно да се загрози нивниот интегритет, правичност и непристрасност“.

Mazedonische Premier Minister Zoran Zaev und Hristijan Mickovski ( Regierung der Republik Mazedonien)

Зоран Заев и Христијан Мицкоски

Лидерот на ВМРО-ДПМНЕ во повеќе наврати изјави дека Јанева го изгубила професионалниот кредибилитет да го води СЈО, како и дел од нејзиниот тим, а изнесе и некои „индиции“ за таквиот став.

Одделение, а не посебно обвинителство

Но, реакциите не се насочени само кон персоналниот состав на СЈО. Работната група на опозицијата отиде и чекор понатаму: побара СЈО воопшто да не биде посебно обвинителство. На ваквото барање се осврна министерката за правда, Рената Дескоска, која ја предводи работната група на владејачката коалиција.  
„Барањето што го доставија, СЈО да биде дел од Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција, а не посебно обвинителство, реално не може да биде прифатено, од причина што една од стратегиските определби е дека СЈО треба да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство“, рече Дескоска.

Според неа, друга клучна разлика е разликата околу судбината на истрагите кои се во тек во СЈО, како и предистражни постапки и обвиненија кои се покренати по 18 месеци од предавањето на материјалите.

„Барањето кое значи прекинување на овие постапки и потоа, ако треба, нивно одново започнување, на некој начин значи губење на голем број докази кои би биле сериозни докази во постапки, на тој начин нивниот предлог содржи опасност од неуспешно завршување, а со тоа и амнестирање“, смета министерката за правда.

Со оглед дека за време на петчасовната средба не бил најден заеднички јазик за овие прашања, од работната група на владејачката коалиција биле презентирани аргументи за европските стандарди по кои ќе се оценува успешноста на законот како основа за борба против криминалот и корупцијата. Било побарано работната група на ВМРО-ДПМНЕ уште еднаш да ги разгледа тие аргументи, да ги преиспита ставовите и до четврток да ги достави предлозите во амандманска форма, по што, во петок повторно ќе седнат да ги кажат ставовите за тие предлози. 

Minister der neuen mazedonischen Regierung (DW/Petr Stojanovski)

СЈО треба да продолжи како обвинителство, а не како одделение во друго обвинителство“, вели министерката за правда Дескоска


Работната група на опозицијата има забелешки и за членот 100, став 3 и 4, кој предвидува дека „Владата и Собранието се должни да обезбедат финансиски средства за непречена работа на СЈО, и дека не можат да го менуваат финансискиот план кој го утврдува јавниот обвинител на СЈО“. Според нив, тоа е состојба на супремација, која СЈО го става во надредена положба.

Власта очекува законот да биде донесен до крајот на март, пред почетокот на кампањата за претседателските избори, бидејќи е еден од условите за отворање на преговорите со ЕУ. Опозицијата смета дека поважно од бркање на роковите е да се донесе квалитетен закон.

Заев: СЈО е сериозна институција

Премиерот Заев вчера најави дека „останува на тоа што го кажал по средбата со лидерот на ВМРО-ДПМНЕ“.

„Тој кажа дека има проблем со Катица Јанева и со нејзиниот тим. До тука беше, до тука и јас коментирав. Дали има тој проблеми со истражителите, со администрацијата - тој треба да ви каже. Јас немам проблем со никој од нив, ниту се сметам да бидам повикан дали имам или немам. Кој сум јас, кој е Мицкоски, кои сме сите? Ова е сериозна институција на Република Северна Македонија, и се работи за одлучување преку репрезенти од нашите политички партии, а тоа се пратениците“, изјави премиерот.

Притоа изрази надеж дека нема да губи време на ова прашање.

„Сериозен јавнообвинителски систем мора да има, со помош на меѓународната зедница и на сите експерти ќе имаме прекрасен закон, со сите укажувања од Венециската Комисија. Верувам дека ова не се преговори, ова се разговори на работни групи помеѓу двете најголеми политички партии, а ние сме веќе претставени преку коалицијата во Владата, за да се убедиме сите дека личните предрасуди треба да се тргнат на страна и да го поддржиме тоа што е добро за граѓаните и за нашата земја“, порача Заев.

 

DW.COM

Реклама