Наследството на Груевски | Македонија | DW | 16.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Наследството на Груевски

Вмровците треба да го постават прашањето и да дадат непристрасен одговор: дали нашето владеење беше чесно? Искрениот одговор ќе биде многу тежок за една самозаљубена „патриотска“ партија, опседната со митови од минатото

Кога императорот Нерон станал свесен дека бунтот на генералите во римските провинции не може да се запре и дека Сенатот целосно се свртел против него, тоа почнал да го толкува како злосреќна игра на судбината, а не како како крај на злоделата за време на 14-те години диктаторско управување со Рим. Омразата кон Нерон го стигнала врвот кога тој извлекувал големи лични профити од високата цена на житото. И кога од Александрија пристигнал брод кој носел песок за неговите борачи додека во Рим владеел глад. Ноќта кога го напуштиле сите, дури и слугите, извикал: „Јас, значи, немам ни пријател ни непријател?“ Па само со четворица придружници избегал во вилата на еден ослободеник, каде плачел и постојано повторувал: „Каков уметник си заминува!“, споменувајќи си ги неговите поетски рецитали и свирењето на лира. Нерон си го пресекол вратот со помош на неговиот книжничар кога војниците биле на портите од вилата. Се сметал рамен на Аполон во пеењето, а на Сонцето во возење кочија. Историчарот Светониј пишува дека имал желба да му подготват и лав кого би го убил во арената, пред очите на народот, со еден цврст стисок на рацете.

Ова е крајот на еден од најозлогласените диктатори во историјата. Многумина други завршиле слично како него – понижени и обесчестени, онака како што тие се однесувале кон сопствениот народ. Политичкиот крај на овдешниот деспот, Никола Груевски,  кој десет години владееше со цврст стисок, се разбира, не може да се споредува со вакви судбини, тоа би било и невкусно и злонамерно. Има една нишка која ги поврзува речиси сите деспоти – копнежот кон бесмртност и вечна слава, кој во еден момент ја преминува границата да не може да биде зауздан. Нерон си обезбеди вечна слава во уметноста поради една причина – неговата огромна „Златна палата“, изградена по големиот пожар во Рим остана до ден-денешен целосна само поради тоа што наредните владетели сакаа да го избришат секој спомен за него, па Трајан изгради цел комплекс бањи врз палатата. Светониј пишува дека оваа палата била најраскошна во римската империја и Нерон велел дека „конечно се сместил како човек“. Неговото наследство е откриено сосем случајно во 15 век од едно момче, а потоа во пештерите во земјата ползејќи влегувале и Микеланџело и Рафаел за да ги видат, да им се восхитуваат и да ги проучуваат чудесните фрески, па дури и да ги врежуваат нивните имиња на ѕидовите.

Mazedonien Gebäude Regierung (DW/P. Stojanovsk)

Мегаломански градби кои немаат врска со сегашноста

Фараонските замисли на суетата

Наследството што го остави Груевски во Скопје со мегаломанските градби кои немаат врска со сегашноста, можеби еден ден ќе биде преоценувано, ако дотогаш во постнероновски манир дел од нив не добијат нов лик или можеби да бидат урнати.  Во годините потаму, кога обвинувањата за авторитаризам, за криминал и корупција, за осамувањето на државата, за потчинување на човекот и за стравот ќе бидат побледи отколку што се сега и кога некои од денешните актери можеби ќе служат долгогодишни затворски казни – центарот на Скопје ќе потсетува на едно владеење кое сакаше да го има Нероновиот златен допир. Доколку се оствареше и првобитната намера (како што велат некои архитекти) огромната и незграпна зграда на Археолошкиот музеј да се изгради на Калето, тоа навистина ќе беше неизбришлив печат – вака „херкулскиот“ потфат остана само покрај Вардар. Можеби во наредните години на осама Груевски и понатаму ќе се чувствува горд на својот фараонски потфат кој го смисли, го проектира и го изведе од неколку причини – да биде историски забележан како најголем градител во поновата македонска историја, да им открадне дел од хеленското наследство на Грците, а како и секој деспот да ја задоволи сопствената суета дека може да ги задоволува во секој миг своите грандиозни замисли, да испроба до каде одат границите на неговата моќ, и заедно со тој градежно-психопатолошки потфат да се наполнат и банкарски сметки.

Mazedonien Ljupco Popovski Journalist (Privat)

Љупчо Поповски

Во опишувањето на фараонскиот потфат во Скопје овдешната и меѓународната јавност имаа неколку заеднички оценки, меѓу кои беа промашувањето на историското време, идолатријата спрема кичот, бесмисленото пресликување на модели од странство, опседнатоста со споменици, со куполи и со коњи... за на крајот од ова „провидение“, како во калифорниските рудници за злато, да се прочисти само корупцијата. Тоа е клучното наследство од фараонскиот потфат во Скопје а не неговите згради, затоа што тоа ја подјаде супстанцата на општеството, ги измести приоритетите на луѓето, ги скина моралните координати и ги доведе граѓаните во конфузија околу тоа каква е вистинската смисла на живеењето. Таа корупција на душата ќе се влече уште многу години и не може да се излечи со никакви медикаменти додека не се надживее во соочувањето лице в лице.

Mazedonien Zentrale Wahlkommission (DW/P. Stojanovski)

ДИК - членовите не разбраа дека времињата се променети

Корупција на душата

Оваа трагедија што се случува во ДИК е дел од таа корупција на душата што ја остави Груевски во наследство. Нејзините членови поднесоа оставки со објаснувања кои треба да го омекнат тврдото срце на гневната јавност и тие се  дел од фарсата на сопствената заблуда. Тие се дел од прифатениот ментален код дека е природно оти ти е дозволено сѐ кога си на некоја важна функција и дека  реакциите се отаде здравиот разум. Толкувањата дека гревот е направен со нетранспарентноста на одлуката, иако се важни, ја гребат само површината на случајот – умислата за грабежот на бонусите е донесена порано од тајната ноќна седница, на неа е само формално усвоена. Таа не беше ништо поинаква од општиот грабеж што се случуваше последната деценија. Затоа членови на ДИК во оставките пишуваа дека им биле нарушени честа и угледот, па сакале да си го зачуваат личниот интегритет. Членовите на ДИК не разбраа дека времињата се променети, дека јавноста сега е екстремно чувствителна кога некој го потценува нејзиниот здрав разум, дека нема разбирање за „законскиот“ грабеж и дека ова груевистичко наследство треба да се крие во најтемните комори за да опстане.

Корупцијата на душата ги остави на маргините на еснафот и неколкутемина архитекти кои го променија ликот на Скопје за сите овие години да се засолнат во најопскурните места на јавноста. Нема ниту еден пример во светот, буквално ниеден, кога некој архитект ја добил задачата да го смени лицето на една престолнина да се крие како да е прогонет. Откако по наредба го осакатија градот, тие по наредба се осакатија себеси, чувстувајќи страв и несигурност од прашања кои можат да бидат многу непријатни и кога треба да објаснуваат од каде им дошол поривот новите згради и новите фасади да ги пресликуваат како на гештетнер. Дали нивните кариери се завршени? Кој знае, можеби не. Но прашање е дали за нивните идни проекти како референци со кои се гордеат ќе ги ставаат зградите кои го унакажаа Скопје.

Претходни колумни од авторот: 

Патриотски измислици

Две столчиња

Каде се бегалците?

Заблудите на господинот Прибе

Надвор од проектот за рамен данок (кон кого бизнисмените сега се однесуваат како спрема библиска одредница) или програмата за странските инвестици во посебните зони, втората клучна точка од наследството на Никола Груевски е неговата партија. Откако ја претвори ВМРО-ДПМНЕ во дворски клуб на владетелот и неговите кардинали, таа некогашна машинерија создадена на братството на притисок, пари, страв и функции сега се обидува да ги најде точките на коишто ќе може да се поврзе. Паѓањето на Груевски беше долго, почна пред две години, последната етапа стартуваше пред една година, а крајот на трката дојде на 27 април. Ако ги погледнете снимките од тајната камера од премиерскиот кабинет од пред три години кога Груевски ноншалантно завален во кожната фотелја ги слуша предлозите на Зоран Заев и ако ги видите сегашните слики на лидерот во оставка со отсутен поглед на протестите, ќе разберете и што се случува со неговата партија.

Nikola Gruevski (DW/P. Stojanovski)

Паѓањето на Груевски почна пред две години

Партијата се загуби во времето

Исто како и Груевски и таа не разбра дека дошол крајот на една династија, дека земјата се одлучила за нови водачи. Таа сега е загубена во времето, дефокусирана, навидум опседната со судбината на притворените пратеници, сочувствителна со оние што го насочуваа упадот во Собранието, затоа што нема храброст да си ги постави вистинското прашање – дали сме на погрешната страна од историјата? Партиската солидарност со притворените пратеници е една работа, а оценката на процесите во државата и нивното учество во нив, сосема друга. Партијата е оставена да ја води замаецот на инерцијата и додека го чека новиот лидер прави грешки со кои забрзано го губи чекорот. Нејзе ќе и треба уште подолго време од општеството да се ослободи од груевистичкото наследство (без оглед колку набрзина пораснаа апетитите за нов калиф), затоа што една суперхиерархиска структура во овие години не се научи да функционира поинаку. За менувањето на таа ментална матрица ќе ѝ требаат херкуловски напори и слободна свест. Амбасадорот на ЕУ, Самуел Жбогар, тоа прецизно го детектира: „Се надевам дека по конгресот на ВМРО-ДПМНЕ ние ќе добиеме опозиција која не е посветена само на тоа деструктивно да ги спречи работите кои се случуваат“.

Како водач затворен во бункер (кој повремено излегува да види што се случува со малубројните единици на „фронтот“ – на протестите) тој ги формулира соопштенијата кои не предизвикуваат никаква реакција. Партијата постојано соопштува дека во притвор се наоѓале невини луѓе, дека на дело бил политички прогон и реваншизам, а Груевски на норвешкиот амбасадор Арне Бјорнстад на средбата во вторникот му рекол дека „власта уапси 12 отсто од пратеничката група“. Несвесното извира и од зборовите – за Груевски само власта е таа што може да наложува апсење, дека обвинителството мора да работи по наредба и политичка агенда.

Обидувајќи се да води грижа за своето наследство Никола Груевски во пораката до своите сопартијци преку „Фејсбук“ ги подучува делегатите на конгресот што да правеле пред 22 декември за случајно да не погрешат: да се консултирале со базата (а знаеме дека базата е лично тој, бидејќи самиот го имал клучниот збор при нивниот избор) и да не влегувале во „непринципиелни и нечесни заткулисни договарања“. Тој уште се однесува како татко кој сака да го контролира однесувањето на неговите чеда и ако може да го насочи текот на конгресот. Идеалната позиција за него е да се избере претседател кој ќе се грижи за неговото наследство во партијата и во општеството, и кој нема да го остави сам со адвокатите да се препотува во тешките судски процеси што допрва ќе следат.

Македонија се подготвува за својата средба со историјата, а ВМРО-ДПМНЕ со својата иднина. Груевски на норвешкиот амбасадор му рекол дека „во ваква атмосфера на страв, закани и уцени невозможно е земјата да се посвети на стратешките интереси, како што е членството во НАТО“. Доколку делегатите на конгресот во овие зборови препознаат сугестии какви треба да бидат нивните идни постапки и одлуки, маргинилизирањето на партијата ќе дојде побрзо отколку што очекуваат. А тогаш ќе се зголемат повиците за враќање на Груевски на нејзино чело за да се врати на старите моќни патеки. Ниеден лидер не си заминува од чело на партијата со олеснување, туку со грутка во срцето, обидувајќи се за сите неволји да ја обвини злата судбина. И ниеден лидер не очекува да биде отфрлено неговото наследство. Ништо поинаку не е ни со Никола Груевски. А особено поради тоа што десет години ги имаше впрегнато не само сите партиски туку и сите државни ресурси за да може да биде господар на животот и смртта.

Шекспир напиша дека „ниедно наследство не е толку богато како чесноста“. Вмровците треба искрено да го постават прашањето и да дадат непристрасен одговор: дали нашето владеење беше чесно? Кога ќе одговорат на тоа прашање тогаш ќе можат да конципираат иднината и новите идеолошки постулати. Тоа ќе биде ѓаволски тешко за една самозаљубена „патриотска" партија, која е опседната со митовите од минатото и која мисли дека е поголема од самата македонска историја во последниве сто години.

 

DW.COM

Реклама