Навални и Русите: комплицирана врска | Свет | DW | 30.01.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Навални и Русите: комплицирана врска

Од неговото апсење на 17 јануари Алексеј Навални се обидува да ги мобилизира своите приврзаници за масовни протести. Но, кај многумина во Русија опозицискиот политичар буди мешани чувства. Која е причината за тоа?

Колку ќе дојдат следниот пат? Тоа е прашањето кое си го поставуваат моментално приврзаниците на Алексеј Навални. Високо е поставена лествицата пред протестите најавени за в недела. Десетици илјади на 23 јануари излегоа на улиците низ цела Русија за да бараат ослободување на притворениот политичар. За некои тоа е голем број, бидејќи нема дозвола за демонстрациите и демонстрантите ризикуваат затворски казни. Некои се воздржани и од страв од короната. Други пак, како портпаролот на Кремљ, Димитри Песков, ги минимизираат протестите. „Малку луѓе се појавија. Многу се на страната на Путин”, рече тој на телевизија.

Гледај видео 00:56

Антикорупциските протести во Русија

Повеќе прегледи, повеќе демонстранти?

Од неговото враќање од Германија кон средината на јануари, каде Навални по труењето во Русија доби медицински третман, 44- годишниот Навални се чини дека придвижи дел од руското население. „По неговото труење сфатив дека веќе нема смисла само да седам не преземајќи ништо”, рече за ДВ 26- годишниот Адам од Москва за време на протестите од минатата сабота. 30 годишниот Павел, адвокат по струка, на улица излегол пред сѐ поради самоволието на правосудството. „Не ми е гајле за Навални. Но, како се однесуваат со него, самоволието на полицијата не е прифатливо”, вели тој. 

Повеќе на темата:

Сведоштво: „Ја видов палатата на Путин одвнатре“

Во авионот со Навални

Навални беше уапсен кон средината на јануари во Москва и потоа му беше одреден 30 дневен притвор. Тој чека на судска одлука која треба да биде донесена на 2 февруари. Установа за спроведување на санкции сака неговата поранешна условна казна да ја преиначи во затворска. Кога Навални веќе беше во притвор неговата Фондација против корупција објави видео документарец за палата на Црно Море која наводно е изградена за Путин и финансирана од олигарси. Шефот на Кремљ лично ги демантираше наводите. Документарецот на Јутјуб имаше повеќе од 100 милиони прегледи, рекорд за таков  формат на руски јазик. Со тоа Навални сака да ги поттикне протестите. Но, дали повеќе прегледи ќе извадат и повеќе луѓе на улица? Колку поддршка ужива тој навистина? 

Издржливоста на Алексеј Навални  

Кој бара одговор на тоа прашање мора да се врати десет години наназад. Зимата 2011/12 десетици илјади Руси демонстрираа пред сѐ во Москва за слободни избори и против враќањето на тогашниот премиер Владимир Путин во Кремљ. Во првите редови беше и Алексеј Навални, блогер, кој со неговите откритија се бореше против корупција. Тогаш започна неговиот подем кон опозициски политичар број 1, како што денес многумина го доживуваат. Навални тогаш покажа упорност и ја промени својата реторика. На почетокот и во опозициските кругови беше спорна фигура заради неговите националистички и делумно деснопопулистички гледишта. Анти-доселенички ставови денес веќе не може да се чујат од него. 

Повеќе на темата:

Навални - сам против надмоќта

Руските власти го стегаат обрачот околу Навални

Неговиот единствен и досега најголем успех како политичар беа изборите за градоначалник на Москва во 2013. Тој доби речиси една третина од гласовите и беше втор. Од тогаш легалниот пат во политиката му е блокиран. Неговата партија не беше регистрирана и поради осуди за економски криминал тој самиот веќе не смее да се кандидира на избори. Во 2018 неговата кандидатура за претседател пропадна на тој начин. Навални смета дека Кремљ стои зад тоа. Но, тој ги искористи тие избори за да изгради мрежа на свои поддржувачи и сега ги собира плодовите од тоа. Во провинциските региони некогаш има стотици, некогаш илјадници луѓе на улиците кои бараат негово ослободување. Тоа е новитет. 

Микс од сожалување и недоверба 

Истражувачи на јавното мислење како Лев Гудков, се скептични дали Навални може да предизвика големо протестно движење. „Комплициран е ставот во однос на него и многу зависи од возраста на луѓето и каналите по кои се информираат”, вели директорот на реномираниот московски центар Левада во разговор со ДВ. „Младината која е активна на социјалните мрежи реагира многу посилно и со емпатија на вести за обид за политичко убиство”, заклучува Гудков. 

Околу 40% од младите Руси веруваат во тоа. Кај постари лица во провинцијата кои зависат од државната телевизија како примарен извор за информирање, само пет проценти го делат истото мислење. Таму делува „пропагандата на Кремљ”, вели Гудков. Труењето на Навални се негира или претставува како провикација од западните медиуми. Опозицискиот политичар во државните медиуми постојано е претставуван како криминалец. Така погледнато не зачудува дека во анкета на центарот Левада во ноември 2020, три месеца по труењето, само два проценти од Русите се изјасниле дека би гласале за него како потенцијален претседателски кандидат. Со години таа цифра е непроменета

Гледај видео 02:02

Козаци го нападнаа Навални

Зошто многу Руси не сакаат да протестираат

Во своите видеа што ги објавува, честопати со ироничен младешки јазик, Навални пред се им се обраќа на младите Руси. Но, неговите пораки не постигнуваат најсилен ефект кај учениците, кои редовно ги споделуваат на Тик Ток, вели Гудков. „Младите ги гледаат неговите видеа, но се пасивни. Реагираат оние кои веќе имаат некакво животно искуство, лица меѓу 25 и 40 години,“ вели социологот. Тоа се претежно Руси од средната класа кои живеат пред сѐ во големите градови кои економската стагнација ја поврзуваат со политиката на Путин, вели тој.

Повеќе на темата:

Русија - земја на остри контрасти

Кремљ се плаши од народот

Со сличен став е и австрискиот експерт за Русија, Гехард Мангот од Универзитетот во Инсбрук. „Не секој, кој беше излезен на улица во саботата (23.01) протестира за поддршка на Навални, не секој од демонстрантите би гласал за Навални на пример на претседателски избори, но тоа се во голем дел граѓани кои се фрустрирани од економската рецесија која се продлабочува, од пад на платите, политичката корупција, и корупцијата воопшто,“ вели Мангот за ДВ.

Гудков не очекува масовни протести. Од една страна поради тоа што економската ситуација во Русија е сѐ уште релативно добра и не може да се спореди на пример со соседна Белорусија, каде демонстрациите против претседателот траат со месеци. Од друга страна нема подготвеност за жртвување, за разлика и од самиот Навални кој и покрај заканата од затвор реши да се врати во Русија. „Воодушевувањето за Навални ќе расте“, смета Гудков. „Ова е измешано со чувството дека тој е нешто посебно, ‘воин’, а ние не сме. Му се восхитуваме, но не го следиме.“ Тоа е конформизам, наследство од ерата на Советскиот Сојуз.