Мотори | Северна Македонија | DW | 01.02.2019
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мотори

Германија во Брисел стана најголемиот лобист за Македонија и земја којашто сериозно работи на македонското досие за да го истурка до почеток на преговори за членство. Колумна на Светлана Јовановска.

Велика Британија не само што беше најголемиот поддржувач на проширувањето на ЕУ кон Балканот, туку реши да ја напушти Унијата за да ни ослободи место нам, на нашата Република Северна Македонија. Во овој, од моја страна парафразиран британски хумор на Зоран Заев, може да се најде и трошка вистина.

Факт е дека излегувањето на Велика Британија од ЕУ нема ама никаква врска со нас. Но, Британците им оставија место на Германија и Франција. Берлин без колебање го прифати предизвикот да биде најголемиот поддржувач на македонското членство во ЕУ. Париската приказна е нешто поинаква.

Пред две и пол години, кога Британците на референдум рекоа да сакаат да останат сами, британската економија беше исклучително динамична, мигрантската криза во ЕУ беше во полн ек, грчката криза косеше милијарди евра од европскиот буџет и сето тоа, во комбинација со традиционално евроскептичните британски медиуми, дел од Британците почнаа да се чувствуваат како да се наоѓаат на брод што тоне и дека е време да се фати чамецот што ќе ги врати на цврст, свој терен. Така, излегувањето од ЕУ за многумина се чинеше како добра опција која ќе може брзо и да се реализира.

Е, тука Британците не ја направија добрата пресметка. Преговорите помеѓу Брисел и Лондон се претворија во бескрајна и здодевна серија. Последната епизода беше предвидена за 29 март. Но, сѐ укажува дека режисерите и актерите подготвуваат нови и нови и уште којзнае колку епизоди. А Европа прави сѐ што може, во „брегзит“ преговорите, за да не му текне на кој било друг да влегува во „егзит“ авантура.

Во целата оваа Брегзит-каша, Берлин ја презема палката што го покажува патот на проширувањето на ЕУ. Германија и Франција се подготвуваат повторно да станат моторот кој ја води ЕУ.

Франција идниферентна, Германија - лобист за Македонија

Би почнала со Франција која, традиционално, на Балканот гледа главно со индиферентност. Се разбира, декларативно Македонија ја има сета француска поддршка, но Балканот не е стратешки приоритет за оваа земја. За француските медиуми Балканот како и да не постои. Нивниот интерес го привлекуваат само лошите вести од нашиот регион. Дури ни за преговорите помеѓу Србија и Косово, француските медиуми не покажуваат интерес. Француските политичари ретко ги гледаме кај нас или кај нашите соседи, а флагрантен е и недостигот на француски инвестиции во регионот. Причини има повеќе, но онаа што се однесува на нас е француската разочараност со реформскиот напредок на Балканот.

Сепак, сликата не е црно-бела. Претседателот Макрон ретко зборува за Балканот, а уште помалку за Македонија. Но, пред само неколку дена укажа на Македонија и Грција како „одличен пример за Европа и порака на надеж за сите нас, за тоа што може да понуди дијалогот меѓу луѓе коишто сакаат да најдат решение; тоа дава многу надеж за Европа и секаде каде што постојат несогласувања; ова ни дава храброст да кажеме дека дијалогот води до резултати“.

Други колумни од авторката:

Баба Рога

Вина

Во Берлин, од друга страна, има растечки интерес за Балканот. Всушност, на Германија ѝ е кристално јасно дека статус кво ситуацијата на Балканот не е, пред сѐ, во нејзин интерес, во интересот на нејзините инвестиции и во интересот на ЕУ. Преспанскиот договор, рече шефот на германската дипломатија Хајко Мас, е „одлична вест за Европа“ и додаде дека сега патот на „Република Северна Македонија“ кон НАТО и преговори со ЕУ е отворен.

Канцеларката Ангела Меркел минатиот јуни се обиде да го убеди Макрон да даде зелено светло за старт на преговори со Македонија, но овој обид не успеа. Лани во јуни, Преспанскиот договор беше во пелени. Сега, порасна и почна да чекори. Германија во Брисел стана најголемиот лобист за Македонија и земја којашто сериозно работи на македонското досие за да го истурка до почеток на преговори за членство.

Во својата изјава за Преспанскиот договор, Макрон, за жал, не ги спомна ЕУ и НАТО, ниту пак можноста за отворен пат на Македонија за влез во овие институции, како што тоа го направи Германија.

Птредвремени избори - аргумент против интеграцијата

Можеме, на пример, да се пофалиме дека сега и нашите соседи доаѓаат по совети кај Заев. Пред неколку дена босански новинар од регионалната телевизија Н1, побара од нашиот премиер да испрати порака до поделената Босна и Херцеговина и совет како да се решат тамошните проблеми. Вакво прашање за првпат му се упатува на балкански премиер. Во истата насока, словенечкиот амбасадор во НАТО Јелко Кацин, поранешен европски пратеник, за МИА вели дека  „Црна Гора и Македонија како тандем мора да играат улога во регионот како париско-берлинскиот мотор во Европа“.

Ние, вооружени со овие елементи и, се разбира, со реформи, сега треба да влеземе во офанзива на освојување на француската тврдина на проширувањето и да им ја олесниме лобирачката мисија на Германците во походот кон преговори со ЕУ. Распишувањето на предвремени парламентарни избори е аргумент против нашата европска интеграција. Бидејќи Македонија, за жал, нема енергија да работи на повеќе фронтови.

DW.COM

Реклама