Москва смета дека Македонија е присилно вовлечена во НАТО | Македонија | DW | 13.07.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Москва смета дека Македонија е присилно вовлечена во НАТО

Според руското МНР, форсираното вовлекување на Македонија во НАТО само потврдува дека политиката на отворени врати се претвора во цел сама по себе, односно во инструмент за освојување на геополитички простор.

Стремежот на НАТО механички да се прошири во Европа не може да ја зацврсти безбедноста, а форсираното вовлекување на Македонија во тој воен блок, само потврдува дека „политиката на отворени врати“ станува самата на себе цел, изјави Марија Захарова, портпаролка на Министерството за надворешни работи на Русија. Како што пренесе „Спутник Србија“, Захарова ваквите ставови ги изнела на брифингот за новинарите во Москва, во врска со Самитот на НАТО во Брисел.

„Во практика Алијансата ја обновува атмосферата на епохата на блоковска конфротација, во која, по сѐ изгледа, се чувствува многу покомфорно отколку во услови на еднополарен светски поредок. Со тоа е условен и стремежот на блокот механички да се шири. Тој стремеж не му ја зацврстува никому неговата безбедност, туку само ја продлабочува линијата која ја дели и ја засилува напнатоста во Европа. Форсираното вовлекување на Македонија во НАТО само потврдува дека политиката на отворени врати се претвора во цел сама по себе, односно во инструмент за освојување на геополитички простор. Станува збор, всушност, само за едно - за постигнување воена предност“, оценила Захарова.

прочитајте: Падот на Груевски ги спречи плановите на Русија за Македонија

Според Захарова, членките на Алијансата сакаат да го гледаат светот низ призмата на стереотипот на Студената војна. Притоа нагласила дека воениот блок ја зголемува својата воена активност и во поранешните мирни делови на Балтикот и во северна Европа, цинично обвинувајќи ја Русија за зголемување на тензиите во евроатлантските структури, без да наведат никакви докази.

Maria Sacharowa (picture-alliance/AA/S. Karacan)

Марија Захарова со обвинувања на сметка на НАТО

„НАТО се позиционира како одбранбен сојуз, но го интензивира купувањето на офанзивно оружје“, посочила Захарова, додавајќи дека Русија не покажува никаква агресија против НАТО.

„Не е точно кога раководството на Алијансата зборува дека ќе ги заштити земјите на НАТО од агресијата на Русија. Од една причина - не постои руска агресија кон земјите-членки на НАТО. Едноставно ја нема“, потенцирала Захарова.

Таа изјавила дека „Москва ќе ги анализира одлуките на Самитот на НАТО од гледиште на последиците за европската безбедност, но веќе сега може да се заклучи дека Алијансата не е заинтересирана за објективна процена на состојбата во врска со опаѓање на безбедноста во евроатлантската област“.

прочитајтеМакедонија нема да дозволи „црногорско сценарио“

Вилсон: НАТО е гаранција за иднината на Македонија

Матис во регионот

За безбедноста ќе се разговара и во Загреб. Американскиот секретар за одбрана, Џејмс Матис, по самитот на НАТО во Брисел ја посети Хрватска, каде што учествува на средбата на министрите за одбрана на членките на Јадранската повелба во која влегуваат и Македонија, Албанија, Босна и Црна Гора. Целта на иницијативата е пружање поддршка на евроатлантските процеси во Југоисточна Европа и што побрза интеграција на државите во НАТО. Од формирањето на Јадранската повелба во 2003 година, членки на НАТО станаа Хрватска, Албанија и Црна Гора. На новата средба министрите ќе разговараат за чекорите што треба да се преземат за да се забрза интеграцијата во НАТО на останатите земји аспиранти од регионот, и за безбедносната ситуација во ЈИЕ.

Aleksandar Vulin (picture-alliance/AP Photo/D. Vojinovic)

Александар Вулин со реакција на изјава на Заев

Но, изгледа дека Русија не е единствената која има забелешки за политиките на НАТО и одлуките на Самитот. Српскиот министер за одбрана Александар Вулин, најде повод за реакција во изјавата на македонскиот премиер, Зоран Заев, кој во Брисел рече дека се надева оти договорот меѓу Македонија и Грција ќе ги охрабри Србија и Косово да продолжат со дијалогот.

„Заев мора да знае дека не постојат Србија и Косово, туку постои само Србија и територија која е под привремена управа на Обединетите нации, во согласност со резолуцијата 1.244. Македонија и Србија немаат исти цели. Ние сакаме слобода и самостојност, сакаме да решаваме сами за себе. Сѐ додека Србија ја води Александар Вучиќ, таа ќе остане воено неутрална и слободна, па макар била и последната земја која не е членка на НАТО пактот“, изјави Вулин.

Реакции во соседството

Ваквите пораки имаат соодветна рефлексија и во наслови на дел од српските медиуми.

„Поканата од НАТО смени се: Шизофренија се шири низ Македонија, во земјата владее раздор“, „Поканата за НАТО ги продлабочува поделбите во Македонија“, се дел од тамошните наслови, кои акцентот го ставаат на два дијаметрално различни процеси: повик од власта за прослава на поканата за НАТО, и протести на опозицијата. Во тој контекст, доминантно место во српските медиуми има и изјавата на лидерот на „Независни Грци“ и грчки министер за одбрана, Панос Каменос, дадена во Брисел: „Може да собираат покани и да се сликаат, но во НАТО нема шанси да влезат сѐ додека го користат терминот Македонија“.

И додека српски медиуми го акцентираат само тој став, некои од грчките се осврнуваат на дволичноста на таквата изјава. 

„Во суштина, она што го направи Панос Каменос со учеството на Самитот на НАТО, е да ја ратификува поканата за ПЈРМ со името 'Северна Македонија', ставајќи и тој, на овој начин, еден 'потпис' до оние на Алексис Ципрас и Никос Кoѕијас“, објави грчкиот информативен портал „Ин“.

Во бугарските и албанските се пренесуваат претежно вести за напредокот на Македонија на интеграцискиот пат, како и за честитките што стигнуваат до македонската Влада за напредокот и храбрите одлуки.

„Самитот на НАТО во Брисел ја зајакна значајната трансатлантска поврзаност преку поангажирачки одлуки за сите. Ја поздравувам добиената покана за членство на идната Република Северна Македонија, катализатор за поголема безбедност и стабилност во Западен Балкан“, напиша на Твитер албанскиот претседател, Илир Мета.

Својата честитка на социјалните мрежи ја обзани и бугарскиот претседател Румен Радев.

„Му честитав на премиерот Зоран Заев во Брисел за поканата на Република Македонија за почеток на преговори за членство во НАТО. Иако ЕК го поставува како услов за пристапувањето на Република Македонија кон ЕУ само нејзиниот договор со Грција, му посакав на премиерот Заев да не останува во заден план и билатералниот договор со Бугарија. Република Македонија е најблиската до нас држава на Балканот, и од исклучително значење е започнатото зближување меѓу нас да стане неповратно“, порача Радев.

 

DW.COM