Могерини со порака: Забрзајте ги клучните реформи! | Македонија | DW | 19.12.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

Могерини со порака: Забрзајте ги клучните реформи!

Секоја од државите од Западен Балкан ќе напредува кон ЕУ врз основа на напредокот во реформите, напиша на ФБ македонскиот премиер, пренесувајќи дел од заклучоците на вечерата со шефицата на европската дипломатија.

За земјите од Западен Балкан 2018 година ќе биде единствена прилика неповратно да напредуваат во европските интеграции и најголем приоритет да им дадат на реформите, пред сѐ во владеењето на правото. Ова го соопшти Европската служба за надворешни работи (ЕЕАС) по синоќешната работна вечера на шефицата на европската дипломатија, Федерика Могерини, со премиерите на шест земји од Западен Балкан, на која учествуваше и македонскиот премиер, Зоран Заев.

„Најважна новост за државите од Западен Балкан во 2017 година беше најавувањето на Стратегијата за проширување на ЕУ на претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер. Токму Стратегијата и нејзините клучни одредници беа главна тема на дискусија. На средбите беше констатирано дека сите држави од Западен Балкан треба да гледаат на оваа Стратегија како на јасен сигнал кон нив за нивната европска перспектива. Секоја од државите од Западен Балкан треба да напредува на патот кон ЕУ врз основа на напредокот кој го покажува во реформите во клучните области“, напиша премиерот Заев на својот Фејсбук-профил.

По работната вечера, тој оцени дека лидерите од регионот ја гледаат 2018 година како клучна за голем исчекор на сите држави од регионот во пристапувањето кон ЕУ, но и за интензивирање на регионалната соработка со максимална поддршка на инструментите на ЕУ за оваа намена.

Belgien mazedonischer Ministerpräsident Zoran Zaev und EU-Außenbeauftragte Federica Mogherini (European Union/Mauro Bottaro)

Заев: Стратегијата за проширување на ЕУ на претседателот на ЕК, Жан-Клод Јункер, беше главна тема на дискусија

Обновена динамика

Ова е трет неформален состанок на Могерини со балканската премиерска шесторка и претставува продолжување на разговорите од мај годинава. На работната вчера, покрај разговори за актуелната ситуција во регионот, посебен фокус е ставен на можностите за напредок на регионот во процесот на евроинтеграција 2018 година.

„Со обновена динамика во политиката на проширување на ЕУ, и со шансата да се направи важен напредок во регионот, високата претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, ја нагласи потребата партнерите од Западен Балкан да ги забрзаат клучните реформи и да им го испорачаат на граѓаните од регионот она што тие го очекуваат во вид на конкретни чекори кон ЕУ-интеграцииите“, се вели во соопштението на ЕЕАС. Во него се истакнува и дека сите учесници на состанокот ја  нагласиле својатта длабока решеност и интерес за јакнење на соработката, добрососедските односи и промоција на регионалното разбирање. Во тој контекст, посебно е нагласена важноста на разговорите под покровителство на ЕУ меѓу косовскиот претседател Хашим Тачи и српскиот претседател Александар Вучиќ, за напредок во дијалогот за нормализација на односите меѓу Србија и Косово.

Albanien Ana Brnabic (picture alliance/AA/O. Shehu )

Брнабиќ: Една од основните теми е и Албанија и Македонија да тргнат во преговори што е можно побрзо

Премиерите оптимисти

Како премиерите го оценуваат состанокот? Српската премиерка Ана Брнабиќ по состанокот изјави дека е јасно оти Србија и Црна Гора се најнапредни во процесот на придружување кон ЕУ, истакнувајќи дека Србија веќе се докажала како стабилен, предвидлив и сериозен партнер. Пред новинарите потенцирала и дека Србија целосно ги поддржува Албанија и Македонија на евроинтеграцискиот пат.

„Србија и Црна Гора се и единствените земји кои во овој момент преговараат. Една од основните теми е и Албанија и Македонија да тргнат во преговори што е можно побрзо, се надеваме во првата половина од 2018 година. Тоа е во интерес на целиот Западен Балкан (...) Она што е јасно, е дека секој напредува со свое темпо. Тоа темпо нема да се усогласува како ниво за Западен Балкан. Важно е да се отворат преговорите и да се даде позитивен сигнал. Тогаш секој ќе се движи кон ЕУ најбрзо што може, во согласност со реформите и со брзината на нивна имплементација“, изјавила Брнабиќ по работната вечера.

Косовскиот премиер Рамуш Харадинај по состанокот со Могерини оцени дека тој бил пријателски и дека разговарале за процесите низ кои поминува Косово.

„Косово ќе го добие она што му следува“, напишал Харадинај на Фејсбук, пренесе РТК 2.

Повеќе на оваа тема: 

Вечера кај Могерини: 2018 - клучна година за евроинтеграциите

Могерини: ЕУ и Западниот Балкан се едно семејство

Добри вести од Балканот за Европа

Како што соопшти владината служба на Црна Гора, црногорскиот премиер Душко Марковиќ и шефицата на европската дипломатија се согласиле дека Подгорица покажува целосна одговорност во процесот на интеграција.

„Политиката на проширување на Унијата ќе добие на значење со претставувањето на Стратегијата за проширување и со одржување на новиот самит на ЕУ и Западен Балкан“, се вели во соопштението.

Тие следни чекори претходно ги најави и Кристијан Даниелсон, директор на Директоратот на Европската комисија, задолжен за соседство и преговори за проширување.

„Претстојната година ќе биде клучна. Европската комисија работи на Стратегијата за веродостојна перспектива и проширување, која ќе биде усвоена во февруари 2018 година“, најави Даниелсон. Тој потсети дека во април ќе биде оценуван напредокот на земјите, а за тоа ќе расправаат и земјите-членки на самитот во jуни.

„Во меѓувреме, ќе имаме и важен самит ЕУ-Западен Балкан во Софија", потенцира тој.

До тоа „меѓувреме“, Македонија има обврска да спроведе реформи во неколку клучни области. Оние во правосудството и во безбедносниот сектор засега се изложени на забелешки за нетранспарентност, површност и за недоследна примена на препораките дадени во Извештајот на експертската група предводена од Рајнхард Прибе.

DW.COM

Реклама