Мицкоски во превод: Јас сум возач, ама не смеам да возам! | Северна Македонија | DW | 03.09.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Мицкоски во превод: Јас сум возач, ама не смеам да возам!

Позицијата на Мицкоски личи на „јас работам како возач, ама не смеам да возам“, вели комуникологот Арсовски. „Потребен е алгоритам за да дознаеме за што ќе ги повика своите следбеници“, коментира професорот Спасов.

Со контрадикторни изјави, во кои еднаш се залага „народот сам да реши“ за референдумот, а потоа го повикува народот „следете ме во борбата“, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ вчера од партискиот марш во Кичево испрати многу дифузни пораки. 

„Кој е Христијан Мицкоски да му каже на народот што треба да прави? Кој ми го дал мене тоа право? Не може за национално прашање политички елити да одлучуваат. Нема партиите да одлучат. За национално прашање ќе одлучи нацијата и на нејзината одлука ќе биде конечна за сите партии и за сите политичари. И сите заедно ќе излеземе ден потоа пред нацијата, и ќе се поклониме каква и да биде таа одлука“, порача Мицкоски.

Но во истото обраќање испрати и друга порака.

„Сите вие добро знаете дека Македонија е сѐ што имаме, нашиот последен остров, нашата љубов, нашите корени и нашата иднина. Македонија е нашето сѐ (...) Ве повикувам да ме следите во борбата во која што веќе длабоко сме загазени, не затоа што ние така сакавме, не затоа што ние така одбравме - туку затоа што не ни оставија друга можност. Само оваа можност ја имаме - нашата борба. Таа борба не е лесна, ниту ќе биде, ниту некогаш била лесна. Но, ви ветувам дека кога се ќе заврши, не толку далеку од сега, иако поткинато, иако исцрнето од виорот на борбата, нашето знаме највисоко ќе се вее затоа што од секој од нас зависи крајот на таа борба“, повика лидерот на ВМРО-ДПМНЕ.

Тој не објасни на каква борба го повикува народот, но најави дека има план, кој, исто така остана необјаснет.

„Имаме план и размислуваме алгоритамски и ја гледаме нашата легитимна цел, како што го гледам крајот на овој булевар од каде што почнавме да се движиме денес. (...) Имаме визија, имаме прецизен план. Да им ја оставиме Македонија на нив, како што сме посакувале Македонија да ни била оставена нам - горда, модерна, развиена и суверена држава! За да се случи тоа потребно е Македонија да победи“, рече Мицкоски.

Präsident der VMRO-DPMNE-Partei Hristijan Mickoski (mitte) (Press service of the Government of Republic of Macedonia)

За што се залага всушност Мицкоски?

Потребна е победа

Ваквите пораки, дел од „аланфордовски“ тип („Ако имаш намера да победиш, не смееш да изгубиш“) го засилуваат впечатокот дека врвот на опозициската партија ќе тактизира до крај, но го отвораат и прашањето за значењето на лидерството. 

„Мицкоски има чудна и контрадикторна позиција и тоа по најмалку две основи“, коментира комуникологот Петар Арсовски.

„Прво, неговиот коментар дека тој нема право да им кажува на гласачите што да прават е неточен. Напротив, поличарите постојат токму за тоа, да артикулираат позиции и за тоа да бараат јавна поддршка, т.е. баш да им кажуваат на гласачите како да гласаат. Оттаму, конфузијата од неговата позиција личи на 'јас работам како возач, ама не смеам да возам'. Од него се очекува јасен политички став, најмалку во негово име и во име на партијата која ја води. Втората конфузна оска е мантрата за ЕУ и НАТО, 'но не преку овој Договор, ама не кажуваме како поинаку'. Ова е континуиран проблем во наративот на опозицијата, која се противи на овој план, а свој план нема. Тоа исто така не е добитна позиција и за нив, но и за вкупното гласачко тело кое е изложено на противење без алтернатива, што може да донесе до трајни фрустрации“, вели Арсовски.

Владејачката СДСМ, која со денови го повикува Мицкоски конечно да го соопшти партискиот став за рефрендумот, вчера реагираше на неговите пораки.  

„Без да се навлегува во прашањето дали Мицкоски воопшто се доживува себе си за лидер или не, кога вели дека не може да им каже на своите членови став за референдумот, повикуваме уште еднаш, сите да се обединат за клучното прашање за иднината на државата и да се приклучат. Наместо Македонија да ја гледа изолирана, како 'остров', како што самиот вели, Мицкоски треба да ја гледа како океан од можности, интегрирана со демократскиот свет, напредна, просперитетна, сигурна и стабилна“, му порачаа социјалдемократите.

Алгоритам за дешифрирање

Професорот и амбасадор, Ѓорги Спасов, смета дека Мицкоски не е баш матемематички прецизен во одговорите до сопартијците во врска со референдумот. „Потребен ни е алгоритам, како што би рекол тој, за да дознаеме за што ќе ги повика неговите следбеници“, вели Спасов.

Повеќе на темата:

Процентот за излезност на рефeрендумот може само да расте

Колку пати ќе се спасуваме?

Според него. нејасно е дали ќе ги повика да гласаат за членство во ЕУ и во НАТО и за подршка на Договорот со Грција, дали ќе им рече да останат дома и да бојкотираат, или да излезат на гласачките места и да пишуваат на гласачките ливчиња: Ние сме за ЕУ и НАТО но, сме против Договорот. Или ние сме против Договорот, а сме за Македонија - како што гласеше паролата во Кичево.

„Ако им го препорача ова последното, ќе го обезбеди потребниот цензус и ќе мора да ја почитува одлуката на мнозинството кое гласало 'за'. Ако им каже да гласаат 'против' ќе види дека нема мнозинство со кое може да го отфрли веќе потпишаниот Договор. А, ако отворено повика на бојкот, нема да биде до крај јасно дали повикува и на бојкот, и против членството на Македонија во ЕУ и во НАТО. Оттука, во стилот на некој кинески мудрец, од Кичево порачува:  'Кој е Мицкоски да му кажува на народот што треба да прави? Кој ми го дал тоа право?' Со оваа формулација тој одговорноста за исходот од референдумот ја симнува прво од свој грб. Но, ја симнува и одговорноста од неговата партија“, оценува професорот.

Тој смета дека Мицкоски веројатно има многу малку прочитано за политиката, лидерството, политичките битки, победи и порази, а уште помалку за техниките на убедување на масите.

„Во својство на недоволно образован популист ја издига улогата на народот во врвен судија, при што на таквиот народ при донесувањето на важни одлуки не му се потребни ни лидери, ни партии, ни кампањи, ни дебати, за или против одлуката што треба да ја донесе. Таквото ласкање на народот од страна на Мицковски не оди истовремено со некои негови омилени цитати, како оној што го кажа на протестниот марш во Кичево: 'Не можам, а да не се потсетам на еден цитат, историски врежан во меморијата на сите оние на кои Македонија и ВМРО им е при срцето: Ако водам - следете ме, ако се двоумам - поттурнете ме, ако ве предадам - убијте ме'. И остана нејасно: Дали треба да го следат? Дали е време да го поттурнат? Или, не дај Боже, да се определат за последната опција“, реторички прашува Спасов.

Но, она што вчера исто така привлече големо внимание, е односот на Мицкоски кон настаните од 27-ми април.

„Не може да велите дека сте за ЕУ кога ги гушите основните слободи и права. Ако се побуните против сечата на дрва на Водно, ви праќаат багери да ве газат. Ако политички опонирате со аргументи, веднаш против вас се монтира случај и ве викаат на распрашување. Ако си ја сакате државата, веднаш без двоумење ќе ве вклучат во случајот за 27- ми април, па може и терорист ќе ве направат“, рече претседателот на ВМРО-ДПМНЕ.

Оваа изјава кај аналитичарите отвора прашања - за каква држава навистина се бори врвот на ВМРО-ДПМНЕ?

 

DW.COM

Реклама