Меѓу мерки за штедење и порозна економија | Економија | DW | 18.11.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Економија

Меѓу мерки за штедење и порозна економија

Кредитори на Атина го пофалија напредокот постигнат во надминувањето на должничката криза. Но, тоа не го менува фактот дека Грција поради кратењата, мерките за штедење и лошата економија е целосно исфрлена од колосек.

За првпат по избивањето на најлошата економска криза, што некогаш ја доживеала една земја членка на ЕУ, може да се почувствува оптимизам во Грција. По седум долги години, се чини дека им доаѓа крајот на бруталните кратења. Дури и строгиот левичар Алексис Ципрас му најави на светот воскресение на Грција.

Бројките изгледаат ветувачки. Се очекува, итно потребниот економски раст да надмине 2,4 проценти во 2017 година, откако минатата година беше нула. Примарниот вишок, кој ги исклучува трошоците за финансирање на јавниот долг, исто така треба да оди нагоре - до неверојатни 3,6 отсто. Со ова може да се намали и дел од огромниот долг на земјата.

Но зад фасадата на грчкото економско закрепнување се крие една разнишана економија. Довербата во развојот на конјуктурата продолжува да опаѓа додека расте незадоволството во јавноста. И тоа од кога стана јасно дека владата не може да го задржи своето ветување за ставање крај на омразената политика на штедење. Кратењата во последниве години ги намалија приходите на домаќинствата за 27 отсто, една четвртина од Грците се невработени и една третина од компаниите се под стечај.

„Ципрас и неговата партија Сириза беа олицетворение на вистинската надеж по долги години, дека ние како горда нација ќе може да излеземе од кризата", вели Леонидас, невработен трговец во малопродажба кој не сакаше да ни го каже презимето. „Но сега," додава тој,„тие докажаа дека се најлоши од сите лажговци и измамници. Тие ги турнаа Грците во состојба на финансиска пропаст која што малкумина ќе ја преживеат".

Масовно незадоволство

„Не можам да поднесам кога Ципрас постојано зборува за фискалниот пресврт во земјата. Или е луд или не ја гледа мрачната реалност и вистинската состојба во која се наоѓа Грција."

Високи даноци, огромната бирократија, контрадикторните политики и корупцијата ги оддлечуваат инвеститорите. Грција е рангирана на 87-тото место на листата на Светската банка кога станува збор за поволни услови за бизнис. Ова ја става Грција на исто ниво со Алжир, Шри Ланка, Гватемала, Тринидад и Тобаго.

Со стапка на невработеност од над 21%, од кои 50% се Грци под 25 години, за време на финансиската крза пензионерите со нивната редовна пензија станаа столбот на повеќето грчки домаќинства.

И покрај ова, различните влади постојано го кратеа болниот пензиски систем во земјата при што од почетокот на финансискаат криза во 2010 досега се намалени дури 40 отсто од бенефициите и примањата и на пензинерите.

Седумдесет годишниот пензиониран заварувач Фотис точно го знае тоа. Овој татко на четири деца се бори да ја задржи својата некогаш просперитетна фирма, која ја основал пред 46 години.

„Сите заварувачи во радиус од 30 километри банкротираа низ кризата", вели тој. „Ако немав доволно заработено претходно и тоа што изградив куќа без хипотекарен кредит, веројатно и јас ќе стоев во редот за оброк во народната кујна".

„Порано секој ден одев во работилницата и имав работа од сабајле до вечер", се сеќава тој додека отпива од лимонадата. „Сега има денови во кои телефонот воопшто не ѕвони ниту пак влегува некој муштерија. Единственото што нѐ одржува е мојата пензија – иако и таа е намалена за 30%."

Пензионерите поминаа најлошо

Според броките во ЕУ над 22% од Грците се „тешко социјално обесправени и не се во состојба да платат хипотека или кирија. Тие не можат да ги платат ниту сметките за електрична енергија и вода и тешко можат да си дозволат да се греат во зима. Тие немаат пари ниту за нов телевизор, нова машина за перење или пак за други непредвидени трошоци.

Пензионерите како заварувачот Фотис спаѓаат во групата која ЕУ ги вметна во социјално обесправени. „Не можам да се сетам кога последен пат сум можел целосно да ја платам сметката за струја или пак другите режимски трошоци", вели тој. „Секој втор месец одам и давам 20 или 30 евра за да покријам барем дел од моите неплатени сметки. Дека јас некогаш вака ќе се понижувам, никој не можеше тоа да го замисли", се жали Фотис. „Што направија од нашите животи само за да се средат бројките на грчката економија."

Од почетокот на кризата во просек домашните приливи се опаднати на ниво од 2003 година, а 40% од грчките деца живеат под границата на сиромаштија.

Не е ни чудо што цвета црниот пазар. Со трошок за плата од речиси 50 проценти од трошоците за работна сила – што е двојно повисоко отколку во богатите земји на ЕУ - многу Грци не сакаат баш да плаќаат даноци.

„Лесно е", вели Фотини Даго, сопственичка на мал салон за нокти во северна Атина. „Ако воопшто има работа, тогаш таа се одвива 'под тезга' или во задните простории. Тоа е единствениот начин да се заработи нешто."

„Грција", вели таа, длабоко вдишувајќи ја цигарата, „нема економија која може да се потпре на големи корпорации и големи пари.Таа е како пчелино саќе со многу мали семејни бизниси. И тие прават се што можат за да се држат и да ги прехранат своите семејства. Тие сакаат да си ја задржат својата компанија, која потоа ќе ја наследат нивните деца."

 

DW.COM

Реклама