Меркел кај Трамп - „голтање кнедли“ пред камера | Свет | DW | 28.04.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Свет

Меркел кај Трамп - „голтање кнедли“ пред камера

Без оглед на целата помпа, конкретните резултати кои ги постигна Макрон при посетата кај Трамп, не се поразлични од она што успеа Меркел во текот на кратката визита, коментира Михаел Книге.

Да погледнеме реално на неизбежното споредување меѓу состанокот на германската канцеларка Ангела Меркел и оној на францускиот претседател Емануел Макрон со американскиот претседател Доналд Трамп во Вашингтон. Јасно, Меркел во Вашингтон беше во блиц-работна посета и не беше поздравена со плотуни. Не беше во посета ни на Маунт Вернон, некогашната резиденција на Џорџ Вашингтон, а не беше почествувана ниту со спектакуларна државна вечера во Белата куќа.

Но, еве го мисловниот експеримент: како во јавноста би се гледало на посетата на Макрон во Вашингтон да не беше неговиот впечатлив говор пред Конгресот? Без оглед на целата помпа и изливите на машко пријателство на Трамп и Макрон, јавно познатите и конкретни резултати кои францускиот претседател ги постигна во текот на посетата не се поинакви од она што успеа Меркел во текот на својата кратка визита. Всушност, ништо конкретно не е направено. Како и што се очекуваше, европските лидери во разговорите со Трамп имаа тешкотии да го поместат макар за педа.

Прочитајте уште:

Во што се разијдуваат Германија и САД?

Да ја разгледаме и другата неизбежна споредба која се наметнува по средбата на Трамп и Меркел: нивниот прв состанок во Белата куќа лани, во знак на епизодата кога пропуштија да се ракуваат. Во петокот, при првата посета на Меркел во нејзиниот четврт мандат, сценариото беше многу поинакво. Трамп срдечно ѝ ја тресеше раката на канцеларката Меркел. 

Michael Knigge Kommentarbild App

Михаел Книге

Но, Трамп во изјавите не направи значаен исчекор во поглед на прашањата кои најмногу го интересираат Берлин - учеството на САД во Нуклеарниот договор со Иран, заканите со воведување казнени царини и  улогата на САД во Сирија. Трамп повторно понуди оцрнување на Иран и неговата улога на Блискиот Исток и, на новинарско прашање, рече дека не исклучува воена акција за да го спречи Техеран да стигне до нуклеарно вооружување.

Прочитајте уште:

Ризичната улога на Макрон како најдобар пријател на Трамп

Во поглед на поштедата на земјите од ЕУ од казнени царини за челик и алуминиум, а таа истекува на први мај, Трамп повторно го спомена она што го нарекува „нефер“ трговски односи меѓу ЕУ и САД. Но, не презицираше дали ќе следи поштеда од царини или не. Освен тоа, Трамп не ја потенцираше експлицитно Германија кога говореше за ниските издвојувања за одбрана, туку зборуваше генерално дека сите европски членки на НАТО треба чесно да го платат својот дел.

Сето тоа зборува дека оваа средба може да се толкува за успешна, иако не донесе пробив во клучните прашања. Очигледно, стратезите од двете страни на Атлантикот напорно работеле пред средбата за да го состават нејзиното сценарио. Двајцата лидери играа според сценариото, пријателски и во учтив тон. Тоа е веќе успех, со оглед на поранешните турбулентни односи на Трамп и Меркел.

Прочитајте уште:

Макрон како противотров за Трамп

Меркел се обиде да се прилагоди, на моменти да биде дури и полна со почит кон домаќинот, но така за да не ги негира сопствените политички позиции ниту да прави големи отстапки. Трамп за возврат повеќепати ја фалеше канцеларката, истакнувајќи дека добрите односи со неа ги има отсекогаш. Секако, тоа не е точно, но ја подвлекува желбата на претседателот - кој инаку билатералните односи ги гледа како трговија, да настапи пријателски и да избегне кавга во јавноста.

Тоа што Меркел и Трамп демонстрираа срдечност и покрај претходните судири и во текот на состанокот и преку Твитер, покажува дека кратката посета можеби беше позначајна од државната посета на Макрон, кој на Трамп едноставно повеќе му лежи на лично ниво.

Солидните или макар пристојни работни односи на Меркел и Трамп очигледно се во интерес на Берлин, Вашингтон и Брисел. Да се разбереме, никој не знае дали благоста на американскиот претседател кон канцеларката и Германија нема наскоро да биде оддувана од нова твитерска бура. 

 

DW.COM

Реклама