Меркел и Макрон - заедно прилично силни | Свет | DW | 24.06.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел и Макрон - заедно прилично силни

Најдобрата шанса на ЕУ лежи во успехот на дуото Меркел-Макрон, или како што веќе ги нарекуваат „МерКрон“. Коментар на Барбара Везел.

Изгледаше како почеток на едно извонредно европско пријателство, идеална двојка на заедничка бина: германската канцеларка со мирот што ѝ го дава нејзиното долгогодишно искуство и младиот претседател Емануел Макрон, сѐ уште полн со незапирлива динамика. Тој ѝ дава изглед на свежина и нов почеток, таа на Французинот - своето длабоко познавање на европската и меѓународната политика. Двајцата заедно се подобри отколку секој за себе.

Германско-францускиот мотор почна да брмчи

Ако Германија и Франција работат азаедно, работите во Европа може да тргнат напред. Со тоа не е завршено сѐ, но тоа е предуслов за нашата заедничка иднина, рече Макрон. Тој на претседтаелските избори победи со јасна проевропска кампања и веќе на првиот настап на еден самит на ЕУ во Брисел се профилира како човек со лидерски амбиции.

Францускиот претседател се залага за соработка, потсетува на претходниците - Хелмут Кол и Франсоа Митеран. Ангела Меркел додава дека историјата ја пишуваат историчарите, а таа сака да најде решенија за сегашноста. Тоа го вели со минијатурно згрчување на аголот на усните. Макрон брза напред, наоѓа по некој голем збор, Меркел го приземјува. Така може да се функционира, со баланс на политичките стремежи и практичните цели.

Barbara Wesel Porträt (Georg Matthes)

Барбара Везел

Заедништвото е сигнал

Германија и Франција се враќаат во улогата на мотор на Европа. И, крајно време е! По повеќегодишно политичко нервозно претање, трајни кризи и игнорирање на проблемите, на ЕУ ѝ е неопходно самопотврдување на тоа што сме и каде сакаме да одиме.

Ако кон тоа потсмешливо се додаде и прашањето „А, колку сме?“, тогаш канцеларката студено одговара дека таа зборува само за „ЕУ на 27-темина“. Брегзит, за жал, на самитот беше само спореден настан. Ополномоштените преговарачи треба да ги уредат работите, а шефовите на држави или влади потоа да ги донесат последните одлуки. Тереза Меј, која со својата понуда за пост-Брегзит права на ЕУ-граѓаните се обиде да го претвори самитот во форум за своите идеи и желби, наиде на прилично студено одбивање.

Париз и Берлин размислуваат за обликувањето на иднината. Тука нема некакви драматични нови идеи, но има решителност за справување со работите. Европа мора подобро да ги заштити своите граѓани, вели Макрон, и притоа мисли на новата сорботка во сферата на одбраната, но и на заштитата на домашната економија од дампинг. Меркел се залага за слободна трговија и не сака протекционизам. Но, истовремено и им се заканува на САД: ако Вашингтон не го држи својот пазар отворен за европските фирми, тогаш американските претпријатија ќе наидат исто така на затворени врати во ЕУ.

Двајцата лидери ставаат акцент на различни работи, а Макрон признава отворено и дека има недостатоци во Франција, но двајцата ја туркаат колата во иста насока. Тие сакаат и натаму да ја интегрираат Европа, дури и ако мора да се размислува за промена на договорот. Заедницата мора да ги зачува своите вредности, да стана посолидарна и да ги увери своите граѓани со дела. Иако, веќе сега се покажува дека Брегзит има застрашувачки дејство - ЕУ-скепсата, како што покажуваат анкетите, насекаде е многу намалена.

Што може да тргне наопаку?

Кога ќе се види како Меркел и Макрон сложно ги претставуваат плановите, со драго срце се сака да се верува во среќна судбина. Да се верува во спасот кој се раѓа во крајна нужда и во многу други поетски изрази. Воодушевувањето од новиот оптимизам предизвикува поетско мрморење овде-онде.

Во ситуација кога Европа по бегалската криза и референдумот за Брегзит повторно се најде на работ и е дополнително несигурна поради Доналд Трамп, доаѓа млад политичар и на заедницата ѝ дава нов полет. Тој на Ангела Меркел ѝ зема дел од товарот кој ѝ лежи на рамената, а кој на долг рок за „лидерката на западниот свет“ би станал претежок. На пример, Макрон веднаш на дел од Источноевропејците отворено им кажа дека тие на ЕУ гледаат како на главна каса, а на солидраноста како на еднонасочна улица.

Но претерана воодушевеност може да доведе до неисполнети очекувања. Макрон, пред да мисли на Европа, прво во Франција ќе мора да покаже дека може да ги натера своите тврдоглави сонародници дека се неопходни реформи. Ловорики не се делат предвреме. Но, затоа ја има германската канцеларка на своја страна, која сосема практично и по малку прозаично секогаш цели кон можното, а дури потоа е подготвена да изнесе некаква визија. Ако имаме среќа, Меркел и Макрон заедно би можеле да бидат прилично силни.

DW.COM

Реклама