Меркел во посета на „провокаторот“ Трамп | Свет | DW | 17.03.2017
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Меркел во посета на „провокаторот“ Трамп

Ангела Меркел има големо искуство во однесување со политички егоисти. При средбата со Доналд Трамп во Вашингтон, ќе ѝ користи нејзината терапевтска способност, смета Миодраг Шориќ.

Еве, на пример турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган: колку е подолго на функцијата, толку посилно размавтува околу себе, па Сојузна Република Германија, демократска и речиси здодевно исправна, ја споредува со нацистичка Германија. На такви испади Меркел реагира на ист начин како на едно одделение ученици да му објаснува зошто повремено прегоруваат осигурувачите во подрумот. Таа не дозволува да биде испоровоцирана ни кога шефот на полската владејачка политичка партија, Јарослав Качински, предупредува од „германскиот диктат“. На изразот од нејзиното лице не се гледа промена ни кога рускиот претседател Владимир Путин ги критикува западните санкции како сосем неправедни. „Тој живее во свој свет“ - гласи нејзината дијагноза.

Канцеларката се радува на посетата

А сега, значи - Доналд Трамп. Што сѐ не рече тој последниве месеци! Меркел ја уништува Германија. Трамп предвиде бунтови на Рајна и на Одра. Неговите германски пријатели се толку огорчени од нејзината бегалска политика, што ја напуштаат Европа. Но, госпоѓата докторка на науки умее и со него: суво изјави дека се радува на нивната средба. Трамповата критика не ја допира. Канцеларката, во пресрет на посетата, толку ги редуцираше очекувањата, што многумина за успех ќе го сметаат дури и ракувањето пред Белата куќа.

Soric Miodrag Kommentarbild App

Миодраг Шориќ

Цел: Вашингтон да остане на курсот

Канцеларката е прагматична во однос на својата прва посета на САД. Во игра има премногу голем влог. Трговска војна меѓу ЕУ и САД во голема мерка би влијаела негативно врз светската економија. Слабеење на НАТО и американски изолационизам би значеле крај на досегашниот светски поредок - со несогледливи последици.

Американското отстапување од Парискиот договор за климата на Африка би ѝ донесло смрт и беда. Напуштањето на заедничките вредности би го ослабнало кредибилитетот на Западот. Трамп можеби копнее по распад на ЕУ, но Ангела Меркел дотолку поупорно ќе го брани европскиот проект. И - таа ќе успее. Во нејзината сила спаѓа и тоа што многумина сѐ уште ја потценуваат.

Прагматична лидерка на Европа

Американците се склони кон патетични формулации, па велат дека сакаат да го направат светот подобар, а тоа го сака и канцеларката. Но, таа избегнува големи шоу-претстави. Таа не сака претерувања, не се претставува во улога на анти-Трамп политичарка. Таа интегрира, не исклучува. Меркел е неприкосновена лидерка на Европа, зашто не смета дека има право на таква титула. Мегаломанијата ѝ е туѓа, таа никогаш не вели нешто непромислено.

На состанокот на двајцата политичари, посматрачите ќе се фокусираат врз Доналд Трамп. Дали ќе каже нешто непромислено? Може ли да преговара без закани? Дали достојно ќе ги претставува САД? Дури и ако на Трамп му се протне нешто неприкладно госпоѓа Меркел ќе се однесува како ништо да не забележала. Зашто, Трамп не е нејзиниот прв тежок случај.

Гледај видео 00:56

Што мислат Американците за Меркел?

DW.COM

Аудио и видео прилози на оваа тема

Реклама