Македонија почна да го растовара тешкиот багаж | Северна Македонија | DW | 07.02.2018
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Македонија почна да го растовара тешкиот багаж

Македонската влада вчера реализираше чекори на добра волја. Грчкото МНР го поздрави чинот, а премиерот Ципрас одговара на критиките и објаснува што е лажен, а што вистински патриотизам

Пофалби за храброст и визија, но и критики, стеротипи, сомнежи, стравувања.... Од се по нешто има во јавните реакции откако Владата вчера одлучи автопатот „Александар Македонски“ кој се протега од граничниот премин „Табановце“ до ГП „Богородица“ да го преименува во „Пријателство“, а аеродромот „Александар Велики“ во „Меѓународен аеродром Скопје“. Во Македонија тоа беа првите конкретни потези со кои резултираше патоказот од Стратегијата на ЕУ за проширување кон земјите од Западен Балкан - нужно решавање на билатералните спорови.

Првиот коментар стигна од амбасадорот на ЕУ во Македонија, Самуел Жбогар.

„Овие две одлуки се одлична вест. Покажуваат дека оваа Влада е сериозна во носењето одлуки. Но, ја покажува и решеноста да најде решение за спорот со Грција“, рече Жбогар.

Повеќе на темата:

-Автопатот „Пријателство“ ќе ја гради довербата со Грција

-Македонска салата во Грција

-Ги сака ли ЕУ подеднакво сите на Балканот?

Одлуката „ја поздрави“ и грчкото Министерство за надворешни работи.

„Денешната одлука е позитивен чекор за пресврт на она што беше направено во изминатата деценија и ги отежна односите меѓу двете земји. Тоа е важен развој во насока на справување со иредентизмот и се надеваме дека ќе значи отворање на ново поглавје во односите на двете земји и двата народи“, беше речено во соопштението од грчкото МНР.

Танталови искушенија

Добрососедските односи се еден од клучните сегменти во Стратегијата на ЕУ. Во македонскиот случај, најголемиот предизвик се грчко-македонските односи. Аналитичарите ја посочуваат важноста од решавање на спорот за името, што е тешка и комплексна задача.

„Независно што секој од сегментите поседува иманентни танталови искушенија, во Македонија најактуелни се напорите во доменот на владеење на правото и прашањето на добрососедството“, вели универзитетскиот професор и амбасадор Нано Ружин.

„Национализмот, антиквизацијата и проектот 'Скопје 2014' ги загрозија соседските односи со Грција и Бугарија. Со оваа Стратегија, ЕУ им даде до знаење на шесте држави на Западен Балкан дека, 'балканскиот багаж на анархијата во правниот и политичкиот систем и  лошото соседство' се забранети супстанци во европскиот воз. Наместо тоа се препорачува регионална соработка и добрососедство како значајни приоритети. Затоа е разбирлива амбицијата на македонската Влада, и покрај популистичките и националистичките манифестации од двете страни на границата, храбро да продолжи со преговорите за изнаоѓање компромисна формула за името. Најзначајно е дека е создадена позитивна атмосфера меѓу двата соседа, која мора да се одржи“, смета Ружин.

Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика - Скопје (ЕПИ) смета дека Стратегијата, како што е вообичаено со вакви документи, „балансира помеѓу посакуваното од нашиот регион, и возможното во ЕУ“.

„Македонија е два пати спомената во целиот документ заедно со Албанија, во однос на тоа дека ако ги исполниме критериумите Комисијата е подготвена да препорача почеток на преговорите. Документот 'бега'директно од прашањето за името, иако напоменува дека билатералните прашања мора да бидат решени пред пристапувањето. Потенцирањето на овие прашања можеме да го гледаме и како охрабрување, но и како предупредување за земјите кандидатки“, вели Кацарска. 

Институтот со кој раководи таа, во соработка со Центарот за делиберативна демократија на Универзитетот Стенфорд од САД, спроведе дебатната анкета која ги комбинира техниките на испитување на јавното мислење и јавната расправа, а ги прикажува мислењата на граѓаните пред, и по деталното запознавање со темата. Од обемната анкета го издвојуваме делот кој е актуелен во однос на интеграцијата во ЕУ и прашањето на името. Според резултатите, 31,4 % од испитаниците пред дебатата воопшто не се согласувале дека Македонија треба да го промени уставното име за членство во ЕУ, а по дебатата  32,9%. Пред дебатата 30% се изјасниле дека целосно се противат на интеграцијата во ЕУ поради стравот од промена на националниот идентитет, а по дебатата 19, 6 %. Пред дебатата 28,1% силно ја поддржувале промената на уставното име доколку името Македонци и македонскиот јазик се загарантирани, а 40, 9 %  после дебатата.

Патриотизам и „патриотизам“

Овие прашања особено ќе добиваат внимание по вчерашната изјава на премиерот Заев, дека во барањето компромисно решение прифатлива е географска одредница.

„Јас сакам нашите граѓани да знаат, сакам и граѓаните од соседна Грција да знаат за деталите, но најмногу од се сакам да успееме во преговарачкиот процес и затоа секогаш ја задржувам дозата на внимателност, за да му дадеме шанса на успехот. Но притоа ќе кажам, ние сме подготвени за географска одредница. И тука ќе застанам, заради тоа што треба да дадеме шанса низ преговорите да стигнеме до изнаоѓање на решение“, рече премиерот. Тој се осврна и на Стратегијата на ЕУ, особено на обврзувачките решенија сите билатерални спорови да бидат решени пред државата да пристапи кон ЕУ.

„Владата на Република Македонија и досега, а и понатаму, останува длабоко и искрено посветена да го даде својот придонес во мерките за градење доверба и за олеснување на процесот за решавање на проблемот што го има Република Грција со уставното име на нашата држава. Последните месеци се направени сериозни исчекори за достоинствено решение на ова прашање“, потенцираше Заев. Опозициската ВМРО-ДПМНЕ, чие лидерство е во посета на САД и таму соопшти дека „Република Македонија ја гледа својата иднина во НАТО и ЕУ“, вчера се огласи со соопштение. 

„Дали освен неговата (на Заев - н.з) подготвеност за име со географска одредница, постои подготвеност и за отстапки кои се однесуваат на промена на Уставот, јазикот, националноста и меѓународните кодови на Република Македонија (...) Јавноста очекува одговор и на прашањето дали преименувањето на аеродромот и автопатот се дел од некаква поширока стратегија за решавање на спорот со соседна Република Грција или е еднострана отстапка од Република Македонија?“, праша ВМРО-ДПМНЕ, додавајќи дека „останува на ставот дека не постои иредентизам во името на аеродромот и автопатот."

Со прашања од опозицијата е опсипан и грчкиот премиер Алексис Ципрас. Во грчките медиуми и натаму главна тема се реакциите „за“ и „против“ протестите и пораките испратени од нив, кој е предавник, кој патриот, кои партии „со една нога учествувале на протестите, а со друга во зоната на конструктивност и поддршка за решавање на спорот“... 

Во време кога во Грција се обелоденети индиции дека десетина политичари (двајца поранешни премиери и осум поранешни министри) во периодот од 2006-2015 биле инволвирани во поткуп од фармацевтската компанија „Новартис“, премиерот Ципрас во говор во Патрас (негово прво јавно обраќање по протестот во Атина), се фокусираше на значењето поимот „патриотизам“, кој доминира и се злоупотребува во јавниот дискурс.
„Ако ни треба нешто на сите нас, тоа е патриотизам по прашањето за искоренување на корупцијата. Тоа е неопходен, современ и бескомпромисен патриотизам“, порача Ципрас.

 

 

DW.COM

Реклама