1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Македонија и корупцијата

Горан Петрески8 декември 2006

Светскиот ден на борба против корупцијата, деветти декември, Македонија го дочекува како високо корумпирана земја според сите релевантни извештаи кои го мерат степенот на перцепција на корупцијата. Надлежните оценуваат дека анти-корупциските закони се добри, но не се спроведуваат.

https://p.dw.com/p/AdaW
Фотографија: BilderBox

Се шири фронтот во битката со корупцијата во Македонија. Шефот на државата, невладините организации и експертите, судската власт и дадоа поддршка на владата да расчисти со крупните случаи што ги отвори, а во кои постои сомневање за криминал и корупција - урбанистичкиот хаос, случајот ”Бачило”, ”тобако” мафијата. Вкупно триесетина упасени, двајца обвинети за незаконска градба, ескпресно осудени. Претседателот Бранко Црвенковски ја поддржа владината акција , но рече дека битката не треба да биде селективна, кампањска и политички мотивирана:

“Ако низ една легална процедура која ќе заврши пред судските органи се констатира дека некој од тие личности го прекршил законот, тој треба да ја понесе сопствената одговорност и треба да се соочи со правдата. Сите активности на сите државни институции, кои што се насочени кон поуспешна борба против криминалот и корупцијата ја имаат мојата поддршка. Многу е битно таа борба да биде неселективна, значи да нема политичка мотивираност, многу е битно таа да не биде кампањска, да биде перманентна, многу е битно да биде транспарентна и да се почитуваат процедурите пропишани со закон. Тоа не затоа што го бара Брисел или ЕУ или НАТО, туку тоа е насушна потреба на нашето општество – да го спуштиме нивото на криминалот и корупцијата во Република Македонија.”

Претседателката на Републичкиот судски совет, Ленче Софрониевска, признава дека се чувствува непријатно поради сите етикети кои ги носи судството, но вели дека вината за корумпираноста на македонското општество не треба да се лоцира само кај судиите.

“Па сигурно не ми е пријатно и не се чувствувам убаво кога судството во нашата држава е на првата, условно да кажам борбена линија против корупцијата во сопствените редови. Мислам дека сепак треба да се направат подлабоки анализи каде се генерира корупцијата, затоа што длабоко сум уверена, без воопшто да спорам дека и во рамките на судтвото има поединечни судии кои што меѓу другото беа и разрешени заради постоење индиции за корумпираност, а некаде паднаа и правосилни пресуди, дека сепак последиците на корупцијата што се генерира во другите власти се наоѓаат во судската власт.”

Невладината организација ”Транспарентност” – нулта корупција, ќе иницира воведување анти-корупциски програми во основните училишта, ќе промовира етички кодекс во приватниот сектор, ќе го засили мониторингот врз спроведувањето на анти-корупциските стратегии. Експертите велат дека за поефикасна борба против корупцијата е неопходно да се зголемат ингеренциите на јавниот обвинител, но предупредуваат дека тоа не треба да се направи без мерка. Никола Тупанчевски од Правниот факултет објаснува:

“Јас сум за зголемување на ингеренциите на јавниот обвинител, но секогаш имам на ум дека не треба да се оди од премали ингеренции до преголеми ингеренции за јавниот обвинител, зашто така би отишле од еден екстрем во друг. "

Инаку, во анкетата на ”Транспарентност интеренешнл” најкорумпирано во Македонија е судството, а потоа следуваат политичките партии, здравството, парламентот и образованието.