Колку се ризични потезите на Заев? | Северна Македонија | DW | 09.03.2021
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Колку се ризични потезите на Заев?

Работите ќе беа многу посложени за Заев доколку ВМРО ДПМНЕ и албанските опозициски партии прифатеа формирање на заедничка влада. Пишува Ерол Ризаов

Двата последни потези на премиерот Зоран Заев во односите со опозицијата, но и со коалиционите партнери во власта, предизвикаа големо изненадување на политичката сцена. Гласањето за доверба на владата во парламентот и веднаш потоа фрлената ракавица на опозицијата со јавен предлог за поделба на власта со учество во широка коалициона влада ги затече неподготвени не само релевантните политички парламентарни партии, туку и пошироката јавност.

Поделени се мислењата колку се ризични и опасни овие политички маневри на Заев и што се крие зад драматичните и невообичаени понуди во досегашното 30 годишно искуство на повеќепартискиот систем во Македонија. Во земјите со подолга парламентарна повеќепартиска демократска традиција, гласањето за доверба на владата на барање на премиерот и понудата за широка коалиција се силен инструмент на демократијата за демонстрирање на владина стабилност и подготвеност за остварување на стратегиските државни интереси кога владите со тесно коалиционо мнозинство се соочени со блокада во Парламентот.

Гледано од тој агол, што се однесува до опозицијата, премиерот Заев и СДСМ добро ги пресметале ризиците бидејќи резултатот во двата случаи им бил добро  познат. Но, дали е баш така?

Одбивањето на ВМРО ДПМНЕ на сите им олесна

Практично Зaeв ги доби во двата случаи резултатите кои ги пресметал и посакувал. Доверба на владата и одбивање на опозицијата за учество во широка коалиција. Работите ќе беа многу посложени за Заев доколку ВМРО ДПМНЕ и албанските опозициски партии прифатеа  формирање на заедничка влада. Според првичните, иако умерени реакции на ДУИ и на либералите, влезот на ВМРО ДПМНЕ во владата многу брзо ќе предизвикаше силни потреси во владината коалиција која можеше да заврши со раскинување на партнерството и пресврт со ново големо мнозинство во Собранието кое ќе изгласа недоверба и паѓање на владата. 

-претходни колумни: Мијалков си донесе ослободителна пресуда

Очигледно и во СДСМ и во ДУИ и во БЕСА, но и кај Левица и Либералите и кај опозициските албански партии Алијанса и Алтернатива предизвика големо олеснување експресното, од болнички кревет, одбивање на Христијан Мицкоски на ваквата владина коалиција. Во идеите за приближување на СДСМ и на ВМРО ДПМНЕ, иако невозможна мисија при ваква жестока спротивставеност полна со омраза и блокади, не само кај албанските партии, туку и кај сите помали политички партии, лидерите  гледаат голема опасност од маргинализација и губење на моќта да се поставуваат условувања за учество во власта.

Во националното единство на двете големи македонски партии преточени во коалициона влада, примамлива за голем број граѓани, сите други гледаат голема опасност за демократијата и злоупотреба на власта.

И дисидентите во ВМРО ДПМНЕ кои бараат смена на Христијан Мицкоски одбивањето на понудата на Заев го дочекаа со олеснување бидејќи и тие поддржуваат консензус со СДСМ за остварување на стратегиските државни интереси. Противниците на Мицкоски во ВМРО ДПМНЕ, во тврдите ставови на актуелното партското раководство ги лоцираат причините за изборните порази и погрешни политики.

Одбивањето на коалициона влада со СДСМ ги ослабнува позициите на Мицкоски во внатрепартските битки. Многу е веројатно дека во понудата на Заев за широка влада се крие меѓудругото и овој мотив.

Споредбите со Германија се неумесни

Споредбите на Заев со Германија и со Швајцарија за долгогодишни успешни коалициони влади меѓу демохристијаните и социјалдемократите, меѓу тамошната условно кажано левица и десница убаво е да се чујат, но се неостварливи и најблаго кажано се неумесни. Ниту германските демохристијани се барем малку налик на демократските дострели на единствената во Европа легална револуционерна партија ВМРО ДПМНЕ, ако не ја сметаме полуимењачката близначка во Бугарија, ниту пак германските социјалдемократи имаат идеолошки допирни точки со македонските, освен името. 

-претходни колумни: Лична карта за нови делби

За да имаме германски коалиции меѓу левите и десните партии ќе треба да имаме и германски партиски лидери, но многу веројатно и германска јавност, ќе ни требаат и два милиони Германци.

Шегата на страна, само еден единствен податок, апстрахирајќи ги културните, економските, демократските и образовни разлики, кои се големи колку од Земјата до Марс, Германија од 1949 година до денес, за цели 72 години, имала само девет канцелари, по нашки премиери, а Македонија за 30 години независност веќе нареди девет премиери и 15 – тина владини состави. Ете само во тоа сме подобри што доволно говори за стабилноста.

Со веќе однапред познат резултат Заев ја доби довербата во Собранието и се одбрани од  силната пропаганда дека е изгубено мнозинството во парламентот. Со тоа ги сопре само за кратко кампањите и лажните вести кои предизвикуваат колебливост кај партнерите, а ја предухитри опозицијата таа да ја постави на дневен ред довербата на владата кога има шанси три дена да води дебата за грешките и неспособноста на владата што без оглед на крајниот резултат од гласањето за (не)доверба на владата им носи поени на опозицијата, особено во година на локални избори и кога државата се соочува со сериозна здравствена, економска и политичка криза, со застојот на преговорите со ЕУ и со бугарското вето. 

-претходни колумни: Вучиќ- политичка ѕвезда во Македонија

Од друга страна, понудата за широка влада е ризичен потез иако беше лесно предвидливо одбивањето  на опозицијата, но погрешно пресметан ризик за реакциите на коалиционите партнери во владата и помалите политички партии. Работата испадна добро што ВМРО ДПМНЕ одби да влезе во владата, оти сите други ќе избегаа кога оган и барут се во иста влада. Она што и беше неопходно на Македонија е консензус меѓу сите политички партии за стратегиските државни интереси и приоритети. Но бидејќи и тоа не е возможно да се воспостави со опозицијата, која ги блокира сите закони со илјадници амандмани, умешноста за управување со државата е да се одржува тесното мнозинство и да се најдат патишта до остварување на целите. Во тој случај блокадите, ако се увери јавноста дека го попречуваат напредокот на земјата, водат кон потежок пораз на следните парламентарни избори кога и да се одржат.