1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Старица пред прагот на нејзиниот дом во украинскиот град Лисичанск
Старица пред прагот на нејзиниот дом во украинскиот град ЛисичанскФотографија: Mykola Berdnyk/DW
Конфликти

Ужасите на војната во регионот Луганск

Микола Бердник
30 мај 2022

Украинските сили контролираат само уште мал дел од регионот Луганск на истокот од земјата. Во градот Лисичанск остана само уште една петтина од населението, главно стари лица. Репортерот на ДВ успеа да се пробие до нив.

https://www.dw.com/mk/%D0%BB%D1%83%D1%93%D0%B5%D1%82%D0%BE-%D0%B2%D0%BE-%D0%BB%D0%B8%D1%81%D0%B8%D1%87%D0%B0%D0%BD%D1%81%D0%BA-%D0%BE%D0%B2%D0%B0-%D0%B2%D0%B5%D1%9C%D0%B5-%D0%BD%D0%B5-%D0%B5-%D0%B6%D0%B8%D0%B2%D0%BE%D1%82-%D1%81%D0%B5%D0%B4%D0%B8%D0%BC%D0%B5-%D1%81%D0%B0%D0%BC%D0%BE-%D0%B2%D0%BE-%D0%BF%D0%BE%D0%B4%D1%80%D1%83%D0%BC%D0%B8/a-61971352

До Лисичанск мора да се вози што е можно побрзо. Никој нема де ве казни за пребрзо возење. Оној што е спор ризикува да го погоди руски проектил. Патот од Бахмут до Лисичанск како хуманитарен коридор е наречен „Пат на животот“. Токму затоа руската армија сака да го контролира по секоја цена. Така Лисичанск и Северодоњецк, двата речиси споени града во областа Луганск, би биле отсечени од останатиот дел на Украина.

Чекајќи вода

Улиците на Лисичанск, индустрискиот град кој пред руската инвазија имаше над сто илјади жители, сега се морничаво празни. Речиси и да нема фасада без дупка од гранатирање. Тука не работат сирените за предупредување од воздушни напади оти одамна нема струја. Луѓето веќе знаат сами - ако слушнат детонација или придушен свиреж од ракета треба да легнат на земја или веднаш да побараат засолниште.

„Застрашувачки е тој постојан татнеж над нашите глави,“ вели Вера Павловна. „Ова повеќе не е живот, седиме во подрумите и само понекогаш излегуваме надвор денски.“

Три жителки на Лисичанск чекаат цистерни со вода за пиење
Три жителки на Лисичанск чекаат цистерни со вода за пиењеФотографија: Mykola Berdnyk/DW

Оваа стара жена чека да стаса цистерната со вода за пиење кај хуманитарниот центар во Лисичанск. Тоа е единственото место во градот каде може да се видат повеќе луѓе, претежно старци. Некои чекаат вода, други автобуси за да побегнат од градот. Вера Павловна не сака да зборува за политика, како и повеќето овде. Градот наскоро би можел да падне во руски раце. „Е тогаш уште и ќе ме убијат за да не ги излудам“, вели оваа стара жена низ шега, а потоа почнува да плаче: „Кој ќе се грижи тогаш за мачката? Таа мачка е на моите деца...“

Не сакаат да заминат

Децата и избегале на запад во градот Дњепар, но не можеле да ја убедат и мајка им да појде со нив. „Од што ќе живеам таму. Мојата пензија не би била доволна. Ако би изнајмила стан таму што ќе ми остане?,“ се прашува таа. Во Лисичанск се останати уште речиси дваесет илјади жители. Уште помалку останаа во Севернодоњец кој е под посилен удар на руската артилерија.

Претежно се стари лица, но во еден бункер се слуша и детски џагор. Едно момче од едвај пет години на посетителите им нуди слатки од хуманитарниот пакет. По три месеци поминати во подрум секоја посета е вистинска сензација овде.

Ukraine | Krieg | Zerstörung in Lyssytschansk
Фотографија: Mykola Berdnyk/DW

„Цртаме и пишуваме домашни“, вели едно мало девојче. Очите и се црвени од тоа што предолго седи во темнина без дневно светло. Цивилите во овие два града кои се единствените во областа Луганск што се сè уште под контрола на украинската војска, преживуваат само од хуманитарна помош. Ако некаде може да се најде храна да се купи се бара кеш, а пари речиси и да нема бидејќи не работат ниту банките ниту банкоматите.

И шоферите се плашат да доставуваат намирници овде оти Русите го гранатираат патот. А велат има и саботажи.

Опасна евакуација

„Три месеци се обидуваме да ги убедиме луѓето одовде да си заминат бидејќи Русите наскоро целосно ќе ги уништат овие градови,“ вели Серхи Хадај, воен гувернер на областа. Сè уште има можности за заминување. „Дури и само десет луѓе да сакаат да бидат евакуирани, ние ќе се обидеме да ги извлечеме бидејќи тие се наши граѓани, тие се Украинци“.

Во моментов на неколку дена се евакуираат по неколку десетици луѓе. Оние кои сакаат да си заминат се собираат кај хуманитарниот центар во Лисичанск. Една група луѓе дошла овде од блиското село, каде борбите се уште пожестоки.

Страотните видеа од Мариупол на украинска болничарка

„Во Лисичанск сè уште е релативно мирно“, вели еден човек. Повеќе и не реагираат на пукотниците и експлозиите. Кога ќе пристигне автобусот, ги чека опасно возење на запад. Оние кои не сакаат да заминат пак ги чека понатамошно гранатирање и веројатно руска окупација.

Некои, сепак, не ги напушта оптимизмот. Една жена, која накратко излезе од подрумот на свеж воздух, има порака за украинските војници. „Кажете им на нашите момци да ги протераат сите право во пеколот, и да не заштитат. „Ова е мојот Донбас, јас сум родена овде“, вели таа и додава „На крајот сè ќе биде добро.“

 

Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Зградата на владата на Република Северна Македонија

Инаетот како главен енергенс

Mazedonien DW-Korrespondentin aus Skopje, Katerina Blazevska
Катерина Блажевска
Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница