Локални избори: Цехот за пропуштените пораки од граѓаните | Северна Македонија | DW | 18.10.2021

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Локални избори: Цехот за пропуштените пораки од граѓаните

За вториот изборен круг партиите од власта сметаат на капацитетот на нивната коалиција, но таков адут подеднакво имаат и партиите од опозицискиот блок.

Ништо не е готово додека не биде готово. Оваа беше една од пораките од штабот на социјалдемократите по првичните нецелосни и неофицијални резултати од првиот круг на изборите. Како што е веќе познато, ВМРО-ДПМНЕ синоќа објави дека имаат победа на повеќе од 20 нивни кандидати за градоначалници, имаат првопласирани кандидати во повеќе од 20 општини, и влез во вториот круг со огромна можност за победа и во другите општини.

Повеќе: Мицкоски прогласи голема победа на изборите, СДСМ чека втор круг

Од СДСМ и Коалицијата најавија дека победуваат во прв круг или имаат сериозно водство и влез во втор круг пред ВМРО-ДПМНЕ во повеќе од 30 општини.

Во очекување на официјални резултати од ДИК, се прават анализи за грешките, пропустите и новите шанси.

Но, пред вториот изборен круг како Дамоклов меч се надвиснати два рефрена: предвремени парламентарни избори или пократок пат до редефинирање на власта преку формирање ново мнозинство, и второ - почеток на „пасокизација“ на СДСМ, како што прогнозира Димитар Апасиев од Левица.

Nord-Mazedonien Skopje | Kommunalwahl Hristijan Mickoski

ВМРО-ДПМНЕ слави

Засега има многу непознати во равенката за исходот на изборите во вториот круг. Заев како клуч за очекуваниот успех го посочи капацитетот на нивната, како што ја нарекува - коалиција на прогресот, но таков адут подеднакво имаат и партиите од опозицискиот блок.

Лидерот на СДСМ синоќа изјави дека е јасна пораката од народот - и таму каде што победиле и таму каде што не победиле. Но, поддржувачи на СДСМ сметаат дека пораките од граѓаните требало да бидат прочитани и прифатени многу порано.

Повеќе: Заев: Прогресот се обединува, бидејќи злото се заканува

„За да разбере зошто наместо победа во повеќе општини првиот круг, надежите се оставени за вториот круг, лидерот на СДСМ требаше да се сврти околу себе, за да види кој стои до него на синоќешната прес-конференција: лица од извршната власт, чии грешки тој ги амнестираше кога требаше да ги казни. Требаше да биде свесен дека цехот за тоа ќе стигне. И стигна“, вели за ДВ поддржувач на СДСМ.

Nordmazedonien Kommunalwahlen

Заев изјави дека е јасна пораката од народот - и таму каде што победиле и таму каде што не победиле

Вето, изневерени очекувања од ЕУ, пандемија

Дали е само тоа? Според поранешниот амбасадор, Ѓорѓи Спасов, меѓу причините за резултатите во првата рунда, се наоѓаат и сет други прашања.

„Блокадата од Бугарија која кај нас го подигна националистистичкото расположение, изневерените очекувања од ЕУ, пандемијата од Ковид-19, која фрли голем број од граѓаните во депресија, но и низа грешки и изјави од СДСМ со кои без потреба се поттикнуваше гневот на граѓаните, доведоа до тоа да се зголеми незадоволството на граѓаните и да се смени изборното расположение во корист на опозициските партии. Ова е сериозно предупредување за СДСМ и овојпат ќе мора сериозно да се сфати пораката од граѓаните“, вели Спасов.

Но посочува дека ВМРО-ДПМНЕ од утре веќе не може да биде само критичар на власта, туку до следните парламентарни избори - дури и да бидат предвремени, ќе мора да покаже како ја замислува „новата иднина“ што ја нуди.

„Од друга страна, СДСМ докажа дека знае да губи и да победува. На локалните избори во 2013 година, СДСМ победи само во Струмица, во Центар, во Куманово и во Ранковце. И сите мислеа дека ВМРО-ДПМНЕ веќе никој не може да го победи на кое било ниво“, вели Спасов, потсетувајќи на 2016 година и на катастрофалниот пораз на ВМРО-ДПМНЕ на локалните избори во 2017-та.

„Оттука, ниту еден пораз не е пораз, ако од него се извлече добра поука и води кон мобилизација, а не кон деморализација. Тоа е всушност убавината на демократијата. Би било убаво да им се честита на победниците во првиот круг, и во фер кампања секоја од партиите што останува во трка за вториот - да се обиде на своја страна да ги привлече гласовите за градоначалници од редовите на партиите кои не влегоа во вториот круг. Сите што и натаму мислат дека се ова ‘историски’ избори се лажат. Кај нас многу побрзо може да се случи тие што така мислат да станат историја пред да се заборават ‘историските’ избори на кои победиле“, оценува Спасов.

Во моментов сите партии се мобилизирани.

„Ова е прв голем чекор до финалната победа. Уште само еден чекор нѐ дели од она за кое сите заедно сонувавме. Ништо не е невозможно, излезноста е клучот“, порача лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски.

„Влегуваме во борба за конечна победа во втор круг во сите преостанти општини. На крајот СДСМ и коалицијата ќе имаат градоначалници во повеќе општини во споредба со ВМРО-ДПМНЕ и нивната коалиција“, изјави лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

И други фактори

Чии тврдења ќе се обистинат, ќе се знае за две недели, иако е сѐ појасно дека периодот „помеѓу“ може да биде искористен и за пат кон ново мнозинство. Состојбата може да биде обременета и со влијанието на други фактори – неповолни трендови околу струјата, страв од раст на цените, но и состојбата со епидемијата, што може дополнително да ја еродира позицијата на партиите во владејачката коалиција.

Kommunalwahlen in Nordmazedonien

На многу места имаше застој во гласањето поради тоа што машините не функционираа, а тоа остави впечаток дека изборниот процес не се одвива добро, вели Стојковски

Аналитичарот Андреја Стојковскип отсетува дека ова се втори избори кои се организираат во услови на пандемија, но со една разлика.

„Минатата година имавме одлично организирани парламентарни избори. Оваа година состојбата беше поинаква. Новина во изборниот процес беше вклучувањето на машините за идентификација со отпечаток од прстот. На многу места имаше застој во гласањето поради тоа што машините не функционираа, а тоа остави впечаток дека изборниот процес не се одвива добро. Дополнителна конфузија настана со толкувањето на одредбата од изборниот законик за времето за гласање и продолжувањето на гласањето. Сепак, изборите беа мирни, немаше забележани проблеми во организирањето на процесот, а не беа пријавени ниту притисоци и злоупотреби во изборниот процес“, оценува тој.

Повеќе: Локални избори 2021: И власта и опозицијата најавуваат победа

Во однос на резултатите, укажува дека се покажало оти граѓаните имаат поинакви очекувања.

„Гледано низ призмата на резултатите, а во отсуство на сериозен квантум на обработени податоци од Државната изборна комисија, ќе мораме да се задоволиме со прогласените победи од сите политички партии. Задоволство веројатно треба да има и кај поддржувачите на независните листи, особено во Скопје, кои успеаја да шармираат сериозна група на гласачи. Очигледно граѓаните имаат поинакви очекувања и добро е што не се плашат тоа да ги искажат преку својот глас“, вели Стојковски.