1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Лавров: проширувањето на НАТО со Македонија е грешка

БГ
19 февруари 2018

Влезот на Македонија и натамошното проширување на НАТО кон исток се спротивни на договорот постигнат по крајот на Студената војна, вели во интервју за агенцијата Бета, шефот на руската дипломатија Сергеј Лавров.

https://p.dw.com/p/2svt7
MSC 2018 Sergei Lawrow
Фотографија: Reuters/R. Orlowski

„Ширењето на НАТО е грешка“, вели во разговор за агенцијата Бета, шефот на руската дипломатија, прашан дали има намера да се спротивстави на очекуваниот влез на Македонија во Алијансата. Во пресрет на посетата на Србија, Лавров ја објаснува политиката на Русија на Балканот, и тврди дека таа е „конструктивна“ и во взаемен интерес со земјите од регионот.

Во однос на можниот влез на Македонија во НАТО, Лавров се повикува на усниот договор кој раководството на СССР предводено од поранешниот советски лидер Михаил Горбачов, и подоцна од рускиот претседател Борис Елцињ го постигнаа со политичките лидери на западниот свет по крајот на Студената војна.

„Ние не еднаш ги предупредувавме колегите од НАТО дека таа линија, која претрпе три бранови на проширување, а сега ќе се случи уште еден бран, не само што претставува поткопување на сето она што се договаравме во деведесеттите години, дека никој нема да ја обезбедува својата безбедност на сметка на безбедноста на другите, туку претставува можеби и најсериозен предизвик за општата европска стабилност и безбедност“, вели Лавров.

Повеќе на темата: 

Москва контра Брисел и Вашингтон во македонската криза

-  Западот ги отфрла „солзите на Москва“ за Македонија
„Тие се обидуваат да го поделат континентот на два дела. Таа линија на поделба се обидуваат да ја повлечат кон исток, сѐ поблиску и поблиску до нашите граници, тие се всушност веќе на границата со Русија“.

На повтореното прашање на новинарот околу можниот прием на Македонија, Лавров одговара дека не сака да издвојува ниту една земја.
„Реков. Ние никого не издвојуваме. Ние зборуваме за она што го гледаме и размислуваме и подготвени сме да ги разгледуваме сите земји. Сметам дека приемот на Црна Гора беше целосно вештачки и непотребен. Обрнавме внимание дека методот на искажување на волјата на народот преку референдум, станува сѐ помалку популарен при носењето на такви, доста судбоносни одлуки“, вели шефот на руската дипломатија.

Во однос на руската улога на Балканот, Лавров вели дека таа никогаш „во историјата не донела конфронтација на Балканот, и секогаш се грижела во историјата на Балканот да се ликвидираат конфронтациите“.
„Ние сега заедно со Турците сакаме да ја зголемиме можноста за балканските земји да добиваат руски гас. Веќе активно се реализира проектот Турски тек, го правиме тоа отворено и подготвени сме да ги прифатиме сите одлуки земајќи ги во предвид интересите на балканските држави и ЕУ. Апсолутно сме отворени и тука нема никакви скриени планови“, вели Лавров.