„Куманово“ - врв на ледениот брег во македонската криза! | Македонија | DW | 12.05.2015
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Македонија

„Куманово“ - врв на ледениот брег во македонската криза!

Известувачот на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгл, најавува конкретизирани чекори од ЕУ, амбасадорите во Скопје ја продолжуваат дипломатската офанзива, а соседите се посветени на превентива

Запирањето на политичката криза и насилствата е услов за Македонија да добие позитивен извештај за можен почеток на пристапни преговори со ЕУ, порача постојаниот известувач на Европскиот парламент за Македонија, Иво Вајгл. Во спротивно, според Вајгл, поддршката на Брисел за Македонија би можела да изостане, како и поддршката на ЕП, откако девет години по ред носеше позитивни годишни извештаи за напредокот на земјата. Вајгл очекува „ЕУ во следните денови да го конкретизира она што може да и го понуди на Македонија за да ја стабилизира состојбата, но и дека македонските власти ќе мораат конструктивно да ја решаваат политичката криза, која кулминираше со терористичкиот напад во Куманово и да покажат ’инклузивност’ кон македонските Албанци“.

Како што пренесува Танјуг, Вајгл оцени дека Куманово е одбрано за инцидентот заради близината на српската и косовската граница и заради поголемиот удел на албанското население во тој град. Тој смета дека би имало помалку жртви доколку македонските власти ги зеле предвид предупредувањата што ги добивале и доколку реагирале навремено. Според Вајгл терористичкиот „инцидент во Куманово“ е само „врв на ледениот брег“ на политичката криза која во Македонија трае подолго време.

И ДУИ одговорна за демократијата

Засега се шират многу шпекулации околу она што ЕУ би можела да и го понуди на Македонија. Претпоставките тргнуваат од можен силен посреднички „квинтет“, па се до наводен рок, до кој Груевски би требало да се изјасни за сопствените потези, односно дали од негова страна ќе биде демонстрирана политичка одговорност за состојбите. Во меѓувреме, дипломатските напори за излез од кризата интензивно продолжуваат во Македонија. Амбасадорите на ЕУ, САД, Германија, Франција, Велика Британија и Италија во Скопје, по вчерашната средба со премиерот Груевски, денеска остварија и двочасовната средба со лидерот на ДУИ, Али Ахмети. По средбата, нивниот заеднички став го соопшти амбасадорот на Италија во Македонија, Масимо Белели.
„Ја поздравуваме конструктивната улога на ДУИ за време на викендов, вклучително и во Советот на безбедност. Ја повикуваме партијата да продолжи да работи со сите страни и институции. Како дел од владејачката коалиција ДУИ е одговорна за спроведување на демократските вредности и принципи. Партијата има обврска да помогне да се изградат државните институции и да осигура транспарентна истрага за откриените злоуопотреби на кредибилен начин. Се надеваме дека ДУИ ќе ја искористи влијателноста за доброто и иднината на сите македонски граѓани“, соопшти амбасадорската „шесторка“. Во ист состав тие попладнево ќе се сретнат и со лидерот на СДСМ, Зоран Заев.

Загриженост во Софија

Состојбата во Македонија беше причина бугарскиот премиер Бојко Борисов денеска да го свика владиниот Советот за безбедност. Вчера во изјава за медиумите, Борисов го советуваше премиерот Груевски да поднесе оставка за да престанат протестите и раздорот во земјата. Како што пренесуваат бугарските медиуми, повикувајќи се на прес-центарот на Министерството за надворешни работи, членовите на Советот денеска се обединиле околу следните позиции: „За Бугарија се најважни зачувувањето на територијалниот интегритет на Република Македонија и нејзината политичка стабилност. Од клучно значење е и зачувувањето на граѓанскиот и етнички мир во земјата. Неопходно е да се отвори дијалог меѓу власта и опозицијата, зашто недостигот од него создава услови за дестабилизација. Во услови на внатрешно-политичка криза неопходни се одговорни дејства од страна на Владата, за да биде вратена довербата на граѓаните во работата на институциите. Македонија се стреми кон членство во ЕУ, кое бара тешки реформи. Тие се итни и само преку нив може да биде гарантирано градењето на правна држава. Недостигот од реформи го успорува започнувањето преговори за членство на Македонија во ЕУ. Бугарија не може да се меша во внатрешните работи на Македонија, но е подготвена да и даде помош, како билатерална, така и во рамките на напорите на ЕУ“.

Според лидерот на Движењето за права и слободи (ДПС), Љутви Местан, во овој контекст денес повторно се актуализира ставот на ДПС, кој им бил презентиран на лидерите на либералните партии во Европа, преку неговото писмо испратено на 27 јануари 2015 година.

„Треба да се преосмисли петгодишниот мораториум за проширување на ЕУ наложен од Јункер и ние либералите да иницираме нова стратегија за забрзана интеграција на Западен Балкан како најнадеждна превенција за заспаните конфликти во балканскиот регион, за да не се разбудат и да не бидеме исправени пред такви драматични ситуации, каква што денес преживува Република Македонија во Куманово“, изјави Местан.

Како севернокорејски лидер

Бугарските новински агенции и придаваат големо значење на седницата на СБ и пренесуваат изјави на министрите за состојбата во Македонија. Како што пренесува агенцијат „Фокус“, министерот за надворешни работи, Даниел Митов, по седницата на СБ повикал на дијалог и изнаоѓање излез од политичката криза во Македонија, со преземање политичка одговорност.

„Одговорноста е во Скопје, одговорноста е во Владата. Проблемот треба да биде решен преку реформи, кои многу долго ги очекуваме во Македонија. На тоа повикуваат сите наши европски партнери. Без реформи европската иднина на Македонија не изгледа блиску“, изјавил Митов.

Вицепремиерката и министерка за внатрешни работи, Румена Бочварова, соопштила дека состојбата на границата со Македонија е мирна, дека нема миграциски притисок, ниту зголемена фреквенција на патници.

Состојбата во Македонија интензивно се анализира и во бугарските медиуми. Божидар Димитров, директор на бугарскиот Национален историски музеј, во интервју за бугарската национална телевизија, власта во Македонија ја опиша како „семејно управување од братучеди“ и ја спореди со владеењето на северокорејскиот лидер. Според него, случувањата во Куманово се обид на Груевски да ги запре протестите против Владата и барањата на оставка од него, а со сегашното однесување опасно ја доближува земјата кон граѓанска војна и распад.