1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW

Крихбаум: Ова што го прави Бугарија е крајно опасно

БГ
19 декември 2020

Гинтер Крихбаум е претседавач на комисијата за ЕУ во германскиот Бундестаг од редовите на владејачката ЦДУ на канцеларката Меркел. Во разговор за Дојче веле го коментира бугарското вето врз С. Македонија во ЕУ.

https://p.dw.com/p/3mvdR
Rumänien | Mitglieder des Deutschen Bundestages in Bukarest
Фотографија: DW/C. Ștefănescu

ДВ: Како го коментирате бугарското вето за почетокот на преговорите на Северна Македонија со ЕУ?

Крихбаум: За жал, стана лоша навика меѓудржавните спорови во текот на проширувањето на ЕУ да се претвораат во европски проблем. Тоа можевме да го видиме и при влезот на Хрватска со спорот околу Пиранскиот Залив или во процесот на пристапување на Србија, каде што Хрватска се спротивстави. Ова е развој што е крајно опасен и ова им го кажав многу јасно на нашите бугарски пријатели.

ДВ: Како го коментирате молкот на Европската народна партија (ЕПП), чија членка е Вашата ЦДУ, но и владејачката бугарска ГЕРБ, на оваа тема?

Во дипломатијата не е секогаш препорачливо сите разговори да се пренесуваат во јавност. Но, се разбира, ЕПП исто така е многу ангажирана во потрагата по брзо решение.

ДВ: Како ја гледате улогата на Германија во овој процес?

Долги години, Германија интензивно работи на приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ и го иницираше таканаречениот „Берлински процес“ за оваа намена. За нас, европската перспектива на целиот регион не е доведена во прашање. Канцеларката Ангела Меркел во средата, за време на пратеничките прашања во Бундестагот, ме увери дека е во постојан контакт со бугарскиот премиер на оваа тема.

ДВ: Што да прави Северна Македонија доколку блокадата на Бугарија продолжи на неодредено време?

Северна Македонија во ниту еден случај не смее да се откаже или да ги запре итно потребните реформи. Токму спротивното. Земјата преку храбри реформи треба да покаже дека сака да стане дел од Европската унија. Патем, овие реформи и борбата против корупцијата немаат за цел да задоволат никого во Брисел или Берлин. Тие им служат на луѓето во Северна Македонија кои сакаат да бидат дел од Европа.

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема

Повеќе на оваа тема