Кој ќе повлече нога за Кривичниот законик?
12 ноември 2025
Претседателот на Уставниот суд, Дарко Костадиновски, предупредува дека измените на Кривичниот законик, кои се споменати и во забелешките на Европската комисија, нанеле непоправлива штета на правниот поредок. Во гостување на „Топ тема“ на ТВ Телма, тој најави дека ако Собраниетодо последната седница во декември не ги направи неопходните измени, Уставниот суд ќе го стави предметот на дневен ред и ќе одлучи.
Што бара Уставниот суд?
Судот му даде рок од шест месеци на Собранието за преиспитување на спорните одредби. Во спротивно, ќе донесе конечна одлука за укинување. Тоа значи дека сите пресуди врз основа на тие одредби ќе престанат да важат, а предметите ќе се поништат или повторно ќе се покренат. Од денот на поништување ќе се применува претходниот законик.
„Рокот истече во август. Имавме разбирање за изборите, но тие завршија. Собранието е должно да ги почитува нашите одлуки, но до овој момент тоа не го направи“, изјави Костадиновски.
Ставовите на Гаши и Мицкоски
Претседателот на Собранието, Африм Гаши, на 4 ноември изјави дека вратата за измени е отворена, но засега нема предлог од Владата.
Премиерот Христијан Мицкоски во повеќе наврати изјави дека се работи на измените, но рокот од шест месеци веќе е пробиен. „Станува збор за членот 353, кој претходната Влада го измени за да амнестира криминал, злоупотребувајќи го европското знаме“, рече Мицкоски на 4 септември.
Во однос на измените на Кривичниот законик, претседателката Гордана Сиљановска Давкова пред два месеца рече дека треба да се пополнат правните празнини.
„Мора да научиме лекции. Кога Уставниот суд ќе донесе одлука, тој му кажува на Собранието дека како законодавец веднаш треба да посегне кон пополнување на правната празнина. Лошо е да има правни празнини“, изјави Сиљановска Давкова на 3 септември.
Зошто измените се контроверзни?
Измените од 6 септември 2023 година доведоа до застарување на повеќе високопрофилни предмети за корупција и амнестирање на поранешни функционери во Македонија. Уставниот суд во февруари поведе постапка за оцена на уставноста на законот и наложи на Собранието да ги коригира одредбите.
„Законодавецот донесе закон со непоправлива штета за правната држава“, изјави тогаш Костадиновски.
Следни чекори и можни последици
Ако Собранието не реагира, Уставниот суд ќе ги укине спорните одредби, што ќе предизвика правни празнини и повторно отворање на предмети.
Европската комисија веќе ги нотираше овие проблеми во својот извештај, што може да влијае врз евроинтеграциите на земјата.