1. Прескокни до содржината
  2. Прескокни до главната навигација
  3. Кон други страници на DW
Bulgarien Sofia Nachbarschaftsvertrag
Фотографија: Pressestelle bulgarischer Ministerpräsident

Кој и зошто сака да ги скара Македонија и Бугарија?

Иван Бедров
16 август 2018

Обидите за создавање на тензии меѓу двете држави имаат за цел да го блокираат патот на Скопје кон НАТО, а во полза на Русија. Помагачите во тој проект не се никакво изненадување, пишува Иван Бедров од Софија.

https://p.dw.com/p/33FAO

Доколку човек ги следи бугарските медиуми последнава недела, ќе добие впечаток дека меѓу Бугарија и Македонија одново има тензии. Историски спорови, страв од територијални претензии, остри реакции - целиот арсенал познат од минатото е повторно впрегнат, за да ја убедува публиката од двете страни на границата дека нешто не е во ред.

Тоа се случува точно пред најавениот референдум на 30 септември, на кој Македонците треба да кажат дали се согласни со новото компромисно име на својата држава - Северна Македонија, а позитивниот одговор ќе им го отвори патот кон НАТО и ЕУ.

Сѐ започна од цитираната изјава на македонскиот премиер Зоран Заев дека „Илинденското востание е македонско“. Притоа, во архивите на медиумите тешко ќе откриете вест со таков наслов, затоа што изјавата не предизвика особено внимание. Затоа, поточно е да се каже дека сѐ започна од лидерката на Бугарската социјалистичка партија (БСП), Корнелија Нинова, која во изјавата виде голем скандал, ја повика бугарската влада на остра реакција, а на крајот испрати и писмо до Европскиот парламент. Топката ја презедоа и други проруски политичари и така таа најде свое место и во македонските медиуми, чии читатели ќе гласаат на крајот на септември. А целата акција е дел од долгата редица напори чија цел е неуспех на референдумот и блокирање на патот на Македонија кон НАТО и ЕУ.

Прашајте го Груевски

Многупати досега политичарите од Македонија изјавувале дека Илинденското востание е македонско. Овојпат Заев е цитиран како го кажува тоа неколку денови откако заедно со бугарскиот колега Бојко Борисов ја чествуваа 115-годишнината од востанието кое во Бугарија се нарекува Илинденско-преображенско.

Deutsche Welle Bulgarische Redaktion Ivan Bedrov
Иван Бедров е дописник на бугарската редакција на ДВ од СофијаФотографија: DW/P. Henriksen

Корнелија Нинова реагираше прва и го повика премиерот Борисов „да се откаже од политиката на молчалива согласност со такви изјави, затоа што подоцна тоа може да ѝ се врати како бумеранг на Бугарија“. Таквата позиција на БСП е продолжение на нивниот став од пред два месеца, по повод потпишувањето на договорот меѓу Македонија и Грција. Тогаш социјалистите повикуваа Бугарија да ја услови својата поддршка за почеток на преговори на Скопје со ЕУ „со гаранции дека промената на името нема да доведе до територијални претензии“.

Таквите позиции содржеа нескриена закана - грчкото вето да биде заменето со бугарско. И тогаш и сега БСП ја доби очекуваната поддршка. Лидерот на вонпарламентарната партија АБВ Румен Петков директно го нарече Заев „лажго“, а претседателот Румен Радев веднаш почна да зборува за ново отворање на договорот меѓу Македонија и Бугарија, подготовка на посебен анекс и вклучување на тие нови клаузули „во поглавјето 35 од преговарачкиот процес на Македонија за членство во ЕУ“.

Bulgarien Wahl Kornelia Ninova
Корнелија Нинова, претседателка на БСПФотографија: Reuters/L. Balogh

Власта во Софија реагираше умерено - шефицата на дипломатијата Екатерина Захариева иронично ја потсети Нинова за улогата на Бугарската комунистичка партија во поддршка на интересите на Русија и Србија во Титова Југославија и дополни: „Политиката на спротивставување е демоде. Со такви ставови можат само да се губат избори. Прашајте го Груевски!“ Борисов, пак, рече дека Бугарија ќе се потсети на тие изјави „кога ќе дојде време да се одобри влезот на Македонија во ЕУ“. Ден подоцна дојдоа изјавите на Заев дека „заедно ќе го славиме и чествуваме нашето минато... Заедно ќе бидеме едно семејство во сојузот на ЕУ и НАТО'“. Со тоа сѐ требаше да заврши, но не требало да заврши.

Интересот на Москва

Доколку некој има интерес од разгорување на тензиите меѓу Бугарија и Македонија и со тоа да го спречи влезот на Скопје во НАТО и да го одложи почетокот на преговорите со ЕУ, тоа е Русија. Пред неколку недели Грција протера руски дипломати поради нивните обиди да го поткопаат договорот со Македонија и да испровоцираат протести. Заев соопшти за откриената шема за финансиско помагање на фудбалски навивачи во Македонија, кои требало да организираат немири против договорот со Атина, а парите доаѓале од руско-грчкиот милионер Иван Савидис.

Mazedonien Bulgarien Zaev und Borisov am Goce Delcev Denkmal in Skopje
Бојко Борисов и Зоран Заев пред гробот на Гоце Делчев во СкопјеФотографија: Getty Images/AFP/R. Atanasovski

Од Бугарија доаѓаат обиди за разгорување на страстите од страна на истите оние политичари кои секојдневно повикуваат на укинување на санкциите на ЕУ кон Путин поради анексијата на Крим.

Обидот за затегање на јамката околу Македонија е очигледен. Извршители се вообичаените осомничени. И токму поради тоа Корнелија Нинова не запира - лидерката на БСП испрати и писмо до претседателот на Европскиот парламент, Антонио Тајани, барајќи да се изјасни. Така „скандалот“ станува меѓународен. Точно тоа треба да биде забележано од Македонците кои во деновите пред референдумот треба да си ги почешаат главите и да си речат: „Чуму целата оваа мака кога соседите сеедно нема да нѐ пуштат во ЕУ?!“

Прескокни го блокот Повеќе на оваа тема
Прескокни го блокот Поврзани теми
Прескокни го блокот Тема на денот

Тема на денот

Северна Македонија Протест

Кога градот престанува да биде Град

Прескокни го блокот Повеќе теми
Врати се на почетната страница