Контроверзна посета на француски политичари во Крим | Свет | DW | 30.07.2016
  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages

Свет

Контроверзна посета на француски политичари во Крим

Ова е втора посета на Крим на француски политичари по анексијата на полуостровот од страна на Русија. Украина негодува поради посетата, особено затоа што гостите ќе присуствуваат на руската воена парада.

По анексијата на Крим од страна на Русија, полуостровот ретко беше домаќин на политичари од западните земји. Поради тоа, се очекува на посетата на 11 конзервативни парламентарци од Франција која ќе трае три дена, Москва да им постели црвен тепих.

Шеф на француската делегација е Тиери Мариани, пратеник од опозициската партија на републиканците и поранешен министер за транспорт во владата на Никола Саркози. Пред една година, 57 годишниот пратеник го посети Крим со делагација во сличен состав. Тогаш, причината за посетата како што изјави тој, била желбата да разговара со локалното население. Мариани изрази разбирање за Москва по анексирањето на Крим – став поради кој беше цел на критики и од Париз и од Киев. Дополнително, парламентарното собрание на Советот на Европа, во кое што и самиот Мариани е член, изрази критика кон неговиот став и посета.

Публика на руска воена парада

Врвот на посетата е закажан за во недела. Тогаш за прв пат француски политичари ќе присуствуваат на парада на флотата на Црното море, за време на прославата на Денот на руската морнарица. Со овој настан Русија демонстрира дека го смета за свој полустровот Крим. За време на парадата е предвидено да учествуваат повеќе од 20 воени бродови.

За Олех Шамшур, ваквата ситуација е „вчудоневидувачка“. „Немаше никаква реакција на одговорност од ниту еден политичар“, изјави за ДВ украинскиот амбасадор во Франција. Тој објаснува дека посебна симболика има улогата на Црноморската флота во анексирањето на Крим, кога во март 2014 година, руските трупи стационирани во Крим ги блокираа украинските бази и ефективно го окупираа полуостровот.

Долгогодишни релации со Русија

Долги години Тиери Мариани одржува блиски врски со Русија. Тој беше пратеник во народното собрание 20 години, а од 2012 година ги претставува француските граѓани кои живеат во странство, вклучувајќи ги и оние во Русија и Украина. „Неговите патувања во странство, како и оваа во Крим, Мариани ги објаснува како посета на својот електорат, какви што беа повеќето“, објаснува Роња Киумпин, експерт за Франција во Германскиот институт за меѓународни односи и безбедност од Берлин. Во рамките на неговите надлежности тој има право да остварува такви посети, додава таа.

Schwarzmeerflotte Armee Soldaten Ukraine Konflikt Krim

Руската флота во Севастопољ

Од 2012 година, Мариани е копретседавач на невладината организација „Асоцијација за Француско-Руски дијалог“ која се залага за „зајакнување на стратегиските односи“ помеѓу двете нации. Од руската страна копретседавач е Владимир Јакунин, кој до 2015 година беше шеф на руската железница. Според повеќе медиуми Јакунин е поранешен разузнувач и човек од доверба на претседателот Владимир Путин.

Во приватниот живот, Мариани има многу добри релации со Русија. Неговата сопруга Ирина, со која е во брак повеќе од 10 години, потекнува од Јекатеринбург. ДВ побара интервју со политичарот, меѓутоа не добивме повратен одговор.

Бурно малцинство

Според Кемпин, иако Мариани е влијателен политичар, тој сепак повеќе не припаѓа на јадрото на политичката елита. Тој исто така посочува дека француските конзервативци традиционално имаат одлични односи со Москва. Причините поради тоа се различни, а најчесто се поврзуваат со историјата, тековната меѓународна политика и заедничкото членство во Советот за безбедност на ООН. „И во двете нации, а особено помеѓу конзервативците во Франција постои одредена доза на анти-американизам што ги поврзува двете страни“, вели Кемпин. Руското анексирање на Крим немаше влијание врз тоа.

Мариани беше главниот двигател зад резолуцијата која ја усвои француското Собрание во април, а со која се бара од ЕУ да ги укине санкциите против Русија воведени по кризата во Украина. „Тие се политичари кои имаат силна поддршка во руралните делови на Франција“, рече Кемпин, додавајќи дека е добро познато дека сакнциите нанесуваат штета и на извозот на француските фармери. Сепак Кемпин потсетува дека не треба да се прецени нивното влијание, иако се „бурно малцинство“, мннозинството Французи, околу 70% иммаат критичен став кон Русија.

Марин Ле Пен ќе учествува на Денот на руската морнарица?

До неодамна не беше јасно дали лидерот на екстремно десничарската партија Национален фронт, Марин Ле Пен ќе го посети Крим. Владимир Комоједов, претседавач на Комисијата за одбрана во Рускиот парламент уште на почетокот на јули изјави дека ја поканил да присуствува на парадата. Марин Ле Пен веќе оствари една посета на Русија во април годинава. Во мај, еден месец подоцна, во интервју за РТ таа изјави дека ќе го признае Крим како дел од руската територија доколку биде избрана за претседател. Нејзината партија Национаелн фронт негува блиски односи со Москва и како што се наведува во некои медиумски извештаи, партијата има добиено повеќе милионски заем од руска банка пред неколку години.

Реклама