Контраефекти | Северна Македонија | DW | 18.05.2022

Посети ја новата страница на DW

Погледнете ја бета-верзијата на dw.com. Сѐ уште не сме готови! Вашето мислење може да ни помогне да ја направиме подобра!

  1. Inhalt
  2. Navigation
  3. Weitere Inhalte
  4. Metanavigation
  5. Suche
  6. Choose from 30 Languages
Реклама

Северна Македонија

Контраефекти

Кумулативниот ефект на воената операција на Путин изгледа ќе биде згуснување на редовите во ЕУ, „проширено и надградено“ НАТО, ослабена позиција дома- сигурно спротивно од она што тој го посакуваше. Пишува Петар Арсовски

Како во животот, така и во политиката, домашна или меѓународна, значаен дел од потезите на крајот имаат ефект спротивен од посакуваниот. Дали се работи за декадентност на политичкиот амбиент, или едноставно светот стана премногу мултиполарен и комплициран, сеедно, но се плашам дека она што го сееме денес, може да изроди проблем за идните генерации, кои ќе наследат далеку полош глобален амбиент одошто посакуваме да оставиме.

Ќе посочам само неколку примери. Кумулативниот ефект на воената операција на Путин на крајот изгледа дека ќе биде згуснување на редовите во ЕУ, „проширено и надградено“ НАТО, ослабена позиција дома, а Украина брендирана како глобален херој – сигурно спротивно од она што Путин го посакуваше.

Второ, стратегијата на Бугарија кон Македонија, мислам дека на крајот ќе има ефект на консолидација на ЕУ околу потребата за жива перспектива за проширувањето и стратешкиот статус на Западен Балкан, ќе ги влоши односите помеѓу Бугарија и Македонија секако, но и пошироко, помеѓу Бугарија и меѓународната заедница, а на површина ќе ги изнесе во сиот „раскош“, сите антизападни рецидиви на политичката сцена таму, ситуација со која нашиот сосед ќе мора да се справува во наредниот период. Ова во ситуација на јасна биполарна геостратешка диференцијација е секако лоша вест за националистите и русофилите во Софија. Но, истото важи и за последната гранде-идеја на Макрон: се плашам дека без дополнителна разработка и сериозен, но брз процес на дефинирање на идната замисла за ЕУ, вкупниот ефект на новата визија ќе биде помалку функционална и помалку привлечна унија во иднина.

Добриот дел од приказната за Путин

Најинтересниот и најактуелен пример за овој феномен, е стратегијата и ефектите од истата во целата воена операција на Путин во Украина. Иако можеби Русија ќе ги постигне своите воени цели, мислам дека геостратешките ефекти ќе бидат обратни, и дури можеби посилни, од бенефитите кои би се постигнале со инвазијата.

Најнапред за воените цели – гледајќи ја мапата на Украина, изгледа дека Путин се распоредува во областите во кои најголемиот дел од населението има симпатии кон Русија и зборува доминантно руски јазик. Тоа е логично, и упатува на заклучокот дека целта е кипарско сценарио – делови на Украина под руска контрола, и останатите во некаков недефиниран меѓународен статус. Во таа смисла тоа ќе биде делумен успех, зашто барем ефикасно ќе го спречи зачленувањето на Украина во НАТО, нејзините амбиции за ЕУ, како и понатамошната експанзија на алијансата накај Грузија.

Приказните за брз пробив на земјата кон НАТО и ЕУ се токму тоа – неосновани желби, бидејќи во сегашната ситуација, нема да постојат основни предуслови за такви чекори – ќе има недефинирана територија, нејасна контрола на терен, едноставно, двете политички заедници (НАТО и ЕУ), нема да знаат што примаат и на која територија и население истото се однесува. Така, статусот на Украина ќе заврши како замрзнато „ептен блиско пријателство“, но без формално членство, повеќе како политичка и геополитичка порака одошто реално поместување. Дополнително, за таквите интеграции да имаат смисла, треба да има некаков основен капацитет на терен за апсорпција, кој во моментов не постои.

И тука завршува добриот дел од приказната за Путин. Сите други вести се секако лоши за него. Последните најави на Шведска и Финска за забрзана формализација на нивното сојузништво со НАТО се најдобар доказ дека вкупните ефекти се обратни.

Намалување на руското влијание

Прво, агресијата го консолидира НАТО околу заеднички непријател и ги тера „лабавите“ сојузници, како Унгарија и Бугарија, да изберат страна. Со тек на време, неизбежно е дека конечниот резултат ќе биде поголема синхронизација на нивните внатрешни и надворешни политики со оние на алијансата. Понатаму, глобалната осуда на сториите кои доаѓаат од Украина секако нема на Русија да ѝ донесат нови сојузници, напротив - и постојните ќе ги направат повнимателни и помалку пријателски.

Дополнително, регионите кои сѝ уште се „недовршени“ (лајт мотив на Балканот) ќе станат поле на зголемен интерес на алијансата, а имајќи ја предвид географијата и геополитичката состојба, и таму резултатот е неминовен – сите аспиранти ќе добијат целосен НАТО статус порано или подоцна, и со тоа руското влијание во овој дел од светот ќе се намали наместо да се зголеми. На крајот, вкупниот ефект ќе биде посилно, поангажирано, повеќе консолидирано, и конечно, поагресивно НАТО, нешто што секако не е добра вест за Русија во наредните две или повеќе децении.

Втор пример на контраефект е целата стратегија на Бугарија кон Македонија. Во основа на сентиментот на оној дел од бугарската јавност кој има тврди ставови по ова прашање, е догмата дека Македонците не се освестени за својата етничка и национална генеза, која има бугарски корени, и дека е потребно, па ако е неопходно и насила, да се издејствува некаков вид на катарза за тоа сознание, спротивно на меѓународните стандарди за човекови права и, се разбира, спротивно на волјата на граѓаните на Македонија.

„Бегање“ од Бугарија

Е сега, исто како и во ситуацијата со инвазијата на Украина, дури некого и насила да освоиш, не можеш да го владееш доколку немаш поддршка за тоа кај населението. Со последните чекори на Бугарија кон Македонија, тие практично направија кај нас, бугарскиот наратив да биде непосакуван, небулозен, па дури и гадлив.

- повеќе од авторот: Имаме ли план Б?

Од таа перспектива, ваквиот ефект практично гарантира дека нашиот домашен наратив само засилено ќе оди на линија на „бегање“ од Бугарија, а не на стоплување. Со други зборови, успешно направија да не сакаме со нив да имаме ништо, за потоа да се чудат зошто не се појавуваат спонтано повеќе Бугари во Македонија. Паралелно, мантраат за јавниот дискурс, а притоа секоја линија на дистинкција ја толкуваат како напад кон нив. За Бугарија, да кажеш дека не си Бугарин, туку Македонец, е говор на омраза, и замислете, во сегашната констелација се зачудени како таквиот наратив зема замав.

- повеќе од авторот: Кој кого овде зезна?

На крајот, кога веќе зборуваме за контраефекти, еден од најважните е што блокадата на евроинтеграциите во Бугарија е веќе поврзана со руското влијание и рецидивите од таа русофилија – Бугарија е докажано најрусофилска земја во Европа. Во таа констелација, најголеми губитници на среден рок ќе бидат токму оние центри на моќ кои денес ги спречуваат геостратешките интереси на целата меѓународна заедница.

Изгледа дека на секој историски крстопат, погрешните избори конечно имаат контраефект. Се надевав дека ние, но и светот, досега тоа го научивме.